Како во Советскиот Сојуз во сибирската река Об никна „остров на човекојадци“

Kira Lisitskaya (Photo: Mikhail Krukovsky/Kunstkamera/russiainphoto.ru; Freepik.com)
„Ширум островот можеше да се види како се кине, се сече и се закачува на дрвјата човечко месо. Земјата беше натрупана со трупови“. Од шест илјади луѓе кои требаше да бидат испратени во работните логори преживеаја нешто повеќе од две илјади. И никој надвор од ова подрачје немаше да дознае за трагичните настани доколку не постоеше инструкторот кој доби задача да направи репортажа како успешно се превоспитуваат „декласираните елементи“.

Во мај 1933 година повеќе од шест илјади репресирани луѓе беа изнесени од брод на мал ненаселен остров на сибирската река Об. Под постојан надзор на стража, овие таканаречени „општествено штетни и декласирани елементи“ на советското општество очекуваа да бидат испратени понатаму на исток и да бидат распоредени во специјалните работни населби.

Речиси еден месец луѓето беа оставени на ова мало парче земја практично без никаква храна. Мошне малку време беше потребно за некои од нив да ја минат границата и да почнат да ги јадат своите браќа во неволјата...

Апси ги сите по ред!

Сè започна со повторното воведување лични документи во Советскиот Сојуз кое беше укинато по револуцијата од 1917 година. Раководството на болшевиците свесно тогаш се откажа од личните документи како средство за контрола на движењето на населението во земјата. Се сметаше дека советски човек може да живее и да работи онаму кадешто мисли дека треба.

А, всушност се случи тоа што селаните, откако ги почувствуваа на сопствената кожа сите неуспеси на советската економска политика (борбата против имашните селани и приватната сопственост, создавањето колективни стопанства итн.) се упатија во градовите во потрага по подобар живот. Тоа доведе до сериозен недостиг од сместување за пролетаријатот, главното поприште на власта.

Така, од 1932 година започна интензивното издавање лични документи, пред сè на работниците. Селаните, со ретки исклучоци, на нив немаа право сè до 1974 година.

Паралелно со воведувањето на документите за идентификација во големите градови беше вршена чистка на оние кои во нив престојуваа нелегално, кои немаа документи, а со самото тоа ни право. Освен селаните, апсени беа сите видови „антисоветски и декласиран елементи“. Тука спаѓаа шверцерите, бездомниците, сиромасите, просјаците, проститутките, поранешните свештеници и другите категории население кои не се занимаваа со општественокорисна работа. Имотот, доколку воопшто го имаа, им беше одземан, а тие беа испраќани во Сибир каде можеа да работат за доброто на државата.

Раководството на земјата сметаше дека на овој начин со еден удар убива две муви. Од една страна ги чисти градовите од странските и од непријателските елементи, а од друга го населува речиси пустиот Сибир.

Припадниците на милицијата и на службата за државна безбедност ОГПУ ревносно вршеа вистински хајки, не двоумејќи се да ги апси на улица дури и оние кои имаа добиено лични документи, но кои во моментот на контрола не ги носеа со себе. Во улога на „жртви“ можеа да се најдат студенти кои тргнале на гости кај своите роднини, или возач на автобус кои излегол од дома по цигари. Така, да кажеме, беше уапсен началник на едно од одделенијата на московската милиција и двата сина на јавниот обвинител на Томск. Таткото набргу успеа да ги ослободи, но не сите што беа по грешка приведени имаа високопоставени роднини.

Внимателни проверки на прекршителите на прописите за лични документи немаше. Практично веднаш беа прогласувани за виновни и беа подготвувани за испраќање во работните населби на истокот од земјата. Особено трагично беше тоа што заедно со нив во Сибир беа испраќани и закоравени криминалци кои беа депортирани во склоп на растоварувањето на затворите во европскиот дел од СССР.

„Остров на смртта“

Страшната приказна за една од првите групи депортирани луѓе стана позната како Назинска трагедија.

Повеќе од шест илјади луѓе беа истоварени во мај 1933 година од брод на еден мал пуст остров на реката Об во близина на селото Назино во Сибир. Жртвите на репресијата требаше да бидат само привремено сместени на овој остров, додека не се реши прашањето за нивниот постојан престој во специјалните населби, со оглед на тоа дека тие не беа подготвени да прифатат толку голем број луѓе.

Луѓето беа доведени во облеката во која беа уапсени на улиците во Москва и во Ленинград. Тие немаа никаква постелнина, ниту каков било алат за да си направат привремено живеалиште.

Следниот ден почна да дува ветар, а потоа стегна мраз кој наскоро го замени дожд. Незаштитени во судирот со карактерот на природата, протераните луѓе можеа само да седат покрај оган и да талкаат по островот, барајќи кори и мов. За нивната исхрана никој не се погрижи. Дури четвртиот ден им беше донесено ‘ржано брашно, неколку стотина грама по лице. Со овие ронки од храна во рацете трчаа кон реката за во капите, во објалата, во јакните и панталоните да го замешаат брашното и што попрво да го изедат овој сурогат за каша.

Бројот на мртвите молскавично растеше, достигнувајќи стотици. Гладни и премрзнати ќе заспиеја покрај огнот и живи ќе се запалеа или ќе умреа од изнемоштеност. Бројот на жртви растеше и поради суровиот однос на некои стражари кои ги тепаа со кундаците од пушките. Да се избега од „островот на смртта“ беше невозможно, зашто тој беше опколен со митралези од кои се пукаше веднаш штом некој ќе се обидеше.

„Остров на човекојадци“

Првите случаи на канибализам на Назинскиот остров се случи веќе десеттиот ден по депортацијата. Мерата ја надминаа криминалците кои беа навикнати на суровите услови за преживување, па оформија банди кои ги тероризираа недолжните.

Жителите од околните села беа недолжни сведоци на ужасите кои се случуваа на островот. Едно девојче, кое тогаш имаше само 13 години, подоцна раскажа како на една убава девојка ѝ се додворувал чуварот. „Кога тој замина, осудениците ја фатија и ја врзаа за дрво, ја заклаа и изедоа сè што можеа. Беа гладни и сакаа да јадат. Ширум островот можеше да се види како се кине, се сече и се закачува на дрвјата човечко месо. Земјата беше натрупана со трупови“.

„Ги избирав оние кои повеќе не беа живи, но сè уште не беа мртви“, раскажуваше подоцна на сослушувањето некој си Углов, еден од обвинетите за канибализам. „Беше очигледно дека ќе умрат за ден-два, така што беше полесно за нив веднаш да умрат, одошто да се мачат уште два-три дена“.

Извесна Феофила Билина од селото Назино сведочеше: „Еднаш кај нас дома се најде некоја старица од Островот на смртта. Беше во групата што ја носеа на новото место...“

„Видов дека на старицата ѝ беа отсечени листовите на нозете. На моето прашање одговори: Ми ги отсекоа на Островот на смртта и ми ги испекоа. Сето месо на листовите ѝ беше исечено. Нозете поради тоа ѝ замрзнуваа и жената ги повиваше во крпи. Таа можеше сама да се движи. Изгледаше како старица, а всушност имаше нешто повеќе од 40 години“, сведочеше Феофила.

„Еден месец подоцна, изгладнетите, болни, намачени луѓе, кои одвај преживеаја на ронки храна, беа евакуирани. Но, на нивните неволји тука не им беше крајот. Продолжија да умираат во неподготвените и влажни бараки во сибирските специјални населби, хранејќи се повеќе од оскудно. Долгиот пат од шест илјади луѓе го преживеаја нешто повеќе од две илјади.

Скриена трагедија

И никој надвор од ова подрачје никогаш немаше да дознае за трагичните настани доколку не беше инструкторот на наримскиот партиски комитет Василиј Величко. Тој во јули 1933 година беше испратен во една од наменските работни населби за да направи репортажа за тоа како успешно се превоспитуваат „декласираните елементи“. Меѓутоа наместо на репортажата, тој целосно се посвети на истражување на она што се имаше случено.

Својот исцрпен извештај заснован на сведочењата на десетина преживеани, Величко го испрати во Кремљ, каде предизвика бурна реакција. Специјалната комисија која потоа дојде во Назино спроведе подробна истрага, откривајќи на островот 31 масовна гробница со по 50 до 70 трупови во секоја.

Повеќе од 80 депортирани и чувари се најдоа на суд. За „грабеж и претепување“ беа осудени 23 од нив, а 11 беа стрелани за канибализам.

По завршената истрага случајот доби ознака на тајност, како и извештајот на Василиј Величко. Тој беше отпуштен од местото инструктор, но воопшто не беше казнет. Втората светска војна ја мина како воен известувач и напиша неколку романи за социјалистичките реформи во Сибир, меѓутоа за „островот на смртта“ никогаш не пишуваше.

Пошироката јавност дозна за Назинската трагедија дури кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век, наспроти распадот на Советскиот Сојуз.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња