Кога е основана Русија?

Russia Beyond (Photo: PHAS/Getty Images; Государственный архив древних актов)
Се разбира, тоа не се случило така што во одреден момент се собрале луѓе и одлучиле да ја основаат руската држава. Меѓутоа, имало време, место и личност која свесно ги изгради темелите на руската држава.

На прашањето „Кога е основана Русија?“ има неколку одговори, затоа што во текот на историјата имало, така да се каже, неколку различни руски држави.

„Роси“ и првото споменување на Русија

Првата година е 862 година, кога Рјурик (и, веројатно, неговите браќа или соборци Трувор и Синеј) биле повикани од жителите на Новгород да владеат со нивната земја и да ги бранат од непријателот. Историчарите го сметаат почетокот на династијата Рјуриковичи од тоа време.

Меѓутоа, странските хроники ги опишуваат племињата што живееле во регионот северно од Црното Море како „Роси“ дури и пред 862 година. Во Западнофранкиските (Бертински) анали, кои го опишуваат периодот од 830 до 882 година, се споменува под годината 839 народот Роса со нивниот крал. Потоа, во 10 век, византискиот цар Константин VII Флавиј Порфирогенит (905-959) ги споменува Печенезите (номадско племе во регионот северно од Црното Море) кои војувале против Русија и ја напаѓале нејзината престолнина Киев.

Така што првото споменување на Росите и нивната земја се однесува на (Стара) Рус, лабаво организирана држава со престолнина во Киев, која постоела од 9 до 13 век, а подоцна подлегнала на притисокот од Монгол-Татарите кои во 13 век го освоиле Киевското кнежевство. Инвазијата на Монголо-Татарите на крајот ги натерала руските кнезови да ги здружат своите сили на североисточните територии на централна Русија.

Појавата на Москва  

Во 13 век Данил Александрович (1261-1303), од династијата Рјурик, станал првиот московски кнез. Од тоа време па натаму, а особено за време на синот на Данил, Иван Калита (1288-1341), Москва била најважниот град во североисточна Русија.

Москва ја предводела борбата на руските кнежевства против Златната орда, монголско-татарската држава, во Куликовската битка (1380). Во неа победата ја однеле Русите на чело со московскиот кнез Дмитриј Донски (1350-1389). Тоа била првата голема победа на руските кнежевства над Монголо-Татарите под водство на Москва. Историчарите се согласуваат дека борбата против Златната орда била главната причина за консолидација на руската земја под моќта на Москва и за формирањето на Московското царство. Но, таа земја сè уште не се викала Русија!

Иван III, основачот на Московската држава

До средината на 15 век Москва станала толку моќна што успеала да ги собере руските кнезови и нивните сили во една армија која успешно се одбранила од војската на Златната орда, позната како Големото стоење на реката Угра. Силите на Москва ги предводел великиот кнез Иван III Московски (1440-1505), кој ја понел титулата „государ (господар) на цела Русија“.

Иван III бил личност која го завршила формирањето на Московската држава преку неколку силни реформи. За време на неговото владеење, италијански архитекти го изградиле московскиот Кремљ што го познаваме денес, вклучувајќи ја и Успенската црква, најголемата и најбогато украсената црква во руските земји од тоа време. Исто така, под Иван III бил воведен Законикот (Судебник) од 1497 година и така е создадена единствена правна средина за сите граѓани на Московската држава, а на нејзиниот грб се појавил двоглав орел (на Великиот печат на Москва од 1497).

Иван III бил и првиот московски владетел кој во својата дипломатска преписка ја користел титулата цар, која Русите претходно ја користеле за хановите на Златната орда. Така со користењето на оваа титула за Великиот московски кнез појавата на независната Московска држава на политичката мапа на Европа го добила својот конечен облик.

Во 1547 година, кога Иван IV Грозни (1530-1584) бил крунисан за цар, неговата титула ги содржела зборовите „цар на цела Русија“, така што можеме да кажеме дека Русија како независна држава е формирана за време на владеењето на Иван III Московски, а дека за време на владеењето на неговиот внук Иван IV Грозни станала царство.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња