Како е можно на почетокот од 1970-тите недалеку од Москва да се случи нуклеарна експлозија?

Russia Beyond (Photo: Pixabay; Nikolai Moshkov/TASS)
Несреќа со ознака на тајност! Во Ивановската област, на брегот на реката Шача на 19 септември 1971 година одекна подземна експлозија. Од земјата изби силен млаз гас и вода кои речиси три недели исфрлаа на површината радиоактивни материјали. Оддалеченоста во директна воздушна линија од Москва изнесуваше 363 километри.

Несреќа

Подземната нуклеарна експлозија во непосредна близина на советскиот главен град не настана случајно. Имено, од 1965 година се реализира програмата „Нуклеарна експлозија за народното стопанство“, чија цел беше создавање на вештачки акумулации и канали за поврзување на реките, како и барање и развој на наоѓалишта на рудно богатство.

Се веруваше дека со подземните детонации се избегнува ширење на радијацијата на земјата, како и загадување на животната средина. Само што експлозијата на полигонот, познат како „Глобус 1“ во Ивановската област, беше тажен исклучок.

На почетокот, сè одеше како што треба. Нуклеарно полнење од 2,3 килотони (шест пати послабо од бомбата фрлена врз Хирошима во 1945 година) беше ставено на дното на бушотина длабока 610 метри и зацементирано.

Експлозијата беше изведена според планот во 16:15 часот. Сепак, 19 минути подоцна, на оддалеченост од еден метар од бушотината, изби млаз кој на површината испушташе радиоактивни подземни води, гасови, песок и глина. Како што се покажа подоцна, во цементирањето имало пропусти.

Тестирање на првата советска атомска бомба

После 20 дена исфрлање штетни материи, беше загадена површина од десет илјади квадратни метри. Набргу по несреќата најзагадените делови беа деконтаминирани, а дел од опремата мораше да се остави на самото место.

Несреќа со ознака на тајност

Жителите на селото Галкино, оддалечено четири километри од местото на несреќата, беа информирани дека во нивна непосредна близина се вршат подземни експлозии и се трага по нафта. Меѓутоа, луѓето не ни насетуваа дека се работи за радијација.

На локалните жители не им беше кажано ништо за нуклеарната катастрофа, впрочем, како ни на кое било друго место во целиот Советски Сојуз. Единствено беше поставен знак „Забранетата зона во радиус од 450 метри“. Тој никако не можеше да ги заплаши и одврати локалните тинејџери од истражување на теренот. Две момчиња кои се вовлекуваа во отворот на местото на експлозијата почнаа со молскавична брзина да слабеат и набргу починаа. Официјално, како причина за смртта се води менингитис.

Локалното население продолжи редовно да го посетува „Глобус 1“, да ја купува опремата оставена од научниците, да ја пасе стоката, да бере печурки и бобинки во околината. Меѓутоа, во блиските региони на Ивановската област, почна да расте бројот на заболени од рак, предвремено се раѓаа бебиња и често се случуваа абортуси. Забележан е и случај на раѓање на теле со две глави.

Ивановската Хирошима, како што подоцна беше наречена несреќата, ги погоди не само локалното население, туку и научниците кои работеа таму. Така, во 1975 година, целосно ослепе 40-годишниот сеизмолог В. Фјодоров, кој раководеше со подготовките и спроведувањето на експлозијата.

Борба со последиците

Галкино

Хаварија на „Глобус 1“ претставуваше опасност не само за селата во Ивановската област, туку и за големите градови. Ако реката Шача го сменеше својот тек и „се пробиеше“ кон бушотината, веднаш ќе беше изложена на големо радиоактивно загадување. Имајќи предвид дека Шача е притока на една од клучните реки во земјата, Волга, животот и здравјето на илјадници луѓе ќе беа доведени во опасност.

Советските, а потоа и руските власти постојано го држеа контаминираниот реон во близина на Москва под контрола и ги спроведуваа потребните мерки за деконтаминација. Покрај тоа, на реката Шача беше променет текот и беше насочена подалеку од опасното подрачје.

Во наше време „Глобус 1“ и понатаму е опасна зона. Нивото на радијација од 600 микрорентгени дозволува само краток престој (за луѓето се толерира до 50 микрорентгени на час). Притоа во некои подрачја интензитетот на емисијата надминува 3000 микрорентгени.

Галкино

Сфаќајќи ја опасноста, луѓето едни по други го напуштаа Галкино. Во овој момент во сенишното село не живее никој. Ќе бидат потребни десетици илјади години за просторот на „Глобус 1“ повторно да стане целосно безбеден.

Триесет години по катастрофата, село Галкино



При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња