Како Британците по грешка убија две илјади советски војници

Archive photo
Потопувањето на германскиот транспортен брод полн со советски воени заробеници беше најголемата поморска катастрофа во историјата на Норвешка.

Во утринските часови на 27 ноември 1944 година набљудувачки авион од британскиот носач на авиони „Имплејсибл“ откри германски морски конвој помеѓу островите Хјета и Русеја на северот од Норвешка. Големиот транспортен брод „Ригел“ во придружба на неколку патролни чамци пловеше по должината на брегот на југ кон Трондхејм.

Авиони на палубата на носачот на авиони Имплејсибл

Ваквиот плен не смееше да се пропушти, па од палубата на носачот на авиони полетаа ловци вооружени со торпеда и со бомбардери за напад Фери Баракуда. Британските војници тогаш не ни можеа да замислат каква ужасна грешка прават.

Фатална грешка

Британскиот носач на авиони Имплејсибл

Пред Втората светска војна Ригел во Норвешка служеше како товарен брод. Кога во 1940 година Германците ја окупираа земјата, беше искористен за потребите на германската армија, односно за превоз на единици и воена опрема.

Меѓутоа, во оваа злокобна ноемвриска пловидба „Ригел“ отплови со сосема поинаков товар. На него под надзор од 400 војници се наоѓаа 95 германски дезертери и над 2.200 воени заробеници, поголемиот дел војници на Црвената армија, како и мал број Југословени и Полјаци.

Норвешкиот товарен брод Ригел во служба на германската армија

Бродот не беше прилагоден за улогата на пловечки затвор која привремено му беше доделена. Луѓето беа држени во товарните комори под палубата како стока: тука им беше тесно, немаа вентилација, ниту елементарни санитарни и хигиенски услови.

Советски заробеници во Нарвик, Норвешка.

Британските пилоти кои го открија бродот не го знаеја ова. Тие беа убедени дека станува збор за германски воен транспорт кој превезува зајакнување на германските единици во Централна Европа.

Трагедија

Фери Баракуда, бомбардер за напад.

Конвојот беше многу послаб и немаше никакви шанси против британската авијација. Ригел неколку пати беше прецизно погоден и почна брзо да тоне. Бомбите ги уништија бродските скали во товарните комори, и со самото тоа стотици луѓе беа осудени на сигурна смрт.

Оние што некако успеаја да се извлечат и да излезат на палубата се тепаа за малобројните спасувачки средства на бродот. „Тоа беше борба за гол живот. Јас бев млад и силен и се борев за својот живот“, напиша подоцна Асбјерн Шулц. Тој е уапсен за тепачка со германски војник и беше еден од осумтемина заробеници на Ригел и единствениот кој преживеал.

Товарниот брод Ригел кој беше во служба на германската армија и патролни чамци од него во пламен по бомбардирањето.

Луѓето изгореа во пламенот или потонаа во студената вода. „Воздухот беше студен и водата исто така беше студена. Британците продолжија да отвораат оган врз луѓето кои беа во водата и на сплавовите за спасување“, напиша Шулц. Тој на таков сплав успеал да стаса до пустиот остров Русеја, оддалечен неколку стотици метри од местото каде беше погоден бродот, заедно со еден германски војник и со еден советски заробеник. Кога стасале на островот секој тргнал на своја страна.

Грешката на Кралската воена морнарица на Велика Британија одзеде животи на речиси 2.500 луѓе, од кои поголемиот дел беа советски заробеници. Се спасија 167 луѓе, пред сè благодарение на капетанот на Ригел Хајнрих Роде, кој некако успеал во последен момент да го насука бродот во плитко во близина на Русеја.

Товарниот брод Ригел кој беше во служба на германската армија и патролни чамци од него во пламен по бомбардирањето.

Труповите на несреќните патници на Ригел долго останаа на брегот или се наоѓаа во мрежите на локалните рибари. За многумина потопениот брод стана заедничка гробница. Носот на бродот со децении се гледаше над површината на водата во близина на пустиот остров. Посмртните останки на загинатите беа извлечени на површината дури во 1969 година и беа погребани на воените гробишта на соседниот остров Хјета.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња