Што симболизираат боите на руското знаме?

Kremlin.ru
Бела, сина и црвена - каква е поврзаноста со холандското знаме и бродоградбата и каква е перцепцијата на овие бои во различно време?

Знамето е еден од главните државни симболи на Русија. Во текот на многу години, црвеното знаме со срп и чекан беше официјалното знаме на СССР. Во новата приказна, тробојката со бела, сина и црвена боја првпат се појави на 22 август 1991 година. Денес тоа е Ден на руското знаме - на овој датум е издаден декретот за официјално признавање и употреба на Националното знаме на РСФСР.

Во 2000 година Владимир Путин потпиша уставен закон за руското знаме, кој опишува како треба да изгледа и каде треба да се користи. Патем, во Русија човек може да биде затворен за сквернавење на знамето.

Денес нема официјално толкување на значењето на боите. Но, општо е прифатено дека белата боја ги симболизира мирот, чистотата и невиноста; сината е бојата на верата, верноста и упорноста; црвената боја ја означува силата и крвта пролеана за Татковината.

Потеклото на знамето

Се верува дека до 17 век Русија немала знаме како државен симбол, ами главно се користел грбот. Знамето се појавува за прв пат на бродовите.

Во 17 век, градењето на бродови во Русија започна активно да се развива, поради што често се канеле бродоградители од Холандија. Тие предложиле комбинација на бои кои им биле добро познати. И царот Алексеј Михаилович ги прифатил.

Знамето на Холандија

Историчарите се согласуваат дека за прв пат се појавила „тробојката“ со двоглав орел - рускиот грб - на бродот кој се нарекувал „Орел“, но нема официјални докази за поддршка на оваа теза. Сепак, сигурно е познато по кој редослед се распоредени боите.

Познато е и дека во 1693 година одред на мали пловни објекти на Петар Велики пловел по Белото Море, демонстрирајќи го бело-сино-црвеното „знаме на московскиот цар“. Оригиналното платно се чува до денес!

Царот долго време студирал бродоградба во Холандија, па боите му биле познати. Во 1705 година, Петар го потпишал указот со кој се бара сите руски трговски бродови да имаат бело-сино-црвено знаме.

Се верува дека белата линија ги симболизира слободата и независноста, сината е поврзана со религијата и бранителите на руската земја, а црвената, како и денес, ја симболизира храброста и неплашливост на војниците кои ги дале своите животи за нивната земја.

И така, тробојката долго време останала симбол на флотата - почнала да се појавува на копното кога руските навигатори ги откриле новите земји, го освоиле Сибир и Далечниот Исток, ставајќи го таму своето знаме.

Меѓутоа, по Петар I, хералдичките бои црна и златна станале популарни во армијата. Тогаш на државно ниво започнало да се користи знаме со црно, жолто и бело (денес ова „империјалистичко знаме“ го користат приврзаници на крајната десница).

Национални бои

Во 1883 година, Александар III решил да ги врати белата, сината и црвената за свечени прилики, а по деталната дебата за значењето на боите, Николај Втори повторно ги направил национален симбол. Тие исто така ја красат церемонијата на крунисување.

Во тоа време, боите го имаа следното објаснување: бела за слобода, сина за Богородица и црвена за државна моќ.

Ова е политичка одлука, бидејќи императорот сакал да создаде „национално“ знаме и да ги оживее традициите на Петар I. Во исто време, неговата намера била да користи бои за да демонстрира блискост со луѓето и да ја обедини огромната империја.

„За време на празниците, големиот великоруски селанец носи црвена или сина кошула, додека оној од Мала Русија (Украина) и Белорусија носи бела боја; руски селански жени исто така носат црвени и сини фустани. Општо според руските сфаќања сè што е црвено е добро и убаво. ...“, се вели во извештајот за боите наменети за царот.

Белата е боја на невиност и слобода, како и снегот што покрива поголем дел од Русија назима.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња