Зошто Тајванците заробија советски танкер?

korabley.net
На 23 јуни 1954 година се случи нешто што ќе го потресе сиот СССР. Во неутралните води на Јужното кинеско море беше заробен советскиот танкер „Туапсе“ (на некои членови на екипажот им беа потребни речиси 35 години да се вратат во татковината). На овој чекор не се решија никакви пирати, ами воената морнарица на Тајван. Како малечкиот Тајван одлучи да влезе во отворен конфликт со една од водечките светски сили?

Противници

Советскиот Сојуз и Република Кина не биле отсекогаш непријатели. Во втората половина од триесеттите години од минатиот век Москва интензивно ја поддржуваше владејачката партија Коуминтанг на Чанг Кај Шеј, која даваше отпор на јапонската агресија.

Подоцна, меѓутоа, нивните патишта се раздвоија. СССР застана на страната на комунистот Мао Ѕедунг, и довчерашните пријатели станаа непријатели.

Во 1949 година Народноослободителната армија на Кина приврзаниците на Чанг Кај Шек ги протера од копнениот дел на земјата на островот Тајван, но тие не го прифатија поразот. Обезбедувајќи поддршка од страна на американските сојузници, коуминтанговците се обидоа да воведат поморска блокада на Народна Република Кина и ги задржуваа странските товарни бродови кои одеа кон комунистите. По конфискувањето на товарот, бродовите обично ги пуштаа.

Чанг Кај Шек единствено се плашеше да ги пипа советските бродови. Меѓутоа, овој страв исчезна пролетта 1953 година, кога почина Сталин и во СССР започна борбата за власт.

Заробување

Советскиот танкер „Туапсе“ кој во мај 1954 година исплови од Одеса, превезуваше за Шангај десет илјади тони авионски керозин, наменет за Военото воздухопловство на Народна Република Кина. Кога веќе беше близу до своето одредиште, го пресретнаа два тајвански разорувачи.

Офицерот Цуеј Чанглинг учествуваше во операцијата на заробувањето, а малку подоцна пребегна во копнена Кина. „Се запрашав како командата на Чанг Кај Шек се реши на таков чекор“, изјави тој на сослушувањето. „Набргу од капетанот добив исцрпен одговор на ова прашање. Тоа се случи рано наутро на 23 јуни кога го видовме Туапсе и тргнавме кон него. Во тоа време стоев на командниот мост и со помош на двоглед во далечината видов силуети на уште два брода, за што веднаш го известив капетанот. Тој рече дека овие бродови припаѓаат на американската воена морнарица. Тие, рече капетанот, го пречекаа танкерот Туапсе во мореузот Ваши и го испратија до претходно договореното место за заробување, соопштувајќи ги координатите на советскиот брод на коуминтаншката команда“.

Кинеските бродови испукаа неколку куршуми за предупредување, барајќи бродот да запре. На бродот беше изведен десант кој го презеде под контрола.

„Туапсе“ беше доведен во тајванското пристаниште Гаосјунг. Таму, според Цуе Чанглинг, на бродот се искачиле неколку американски воени советници во цивилно, кои ја презеле целата документација и детално го проучиле танкерот.

Скандал

Советскиот Сојуз итно реагираше на инцидентот. Москва не ја признаваше тајванската власт и протестната нота беше упатена директно на САД.

„Сосема е очигледно дека заробувањето на советскиот танкер во водите кои се под контрола на Воената морнарица на САД можеше да го оствари само американската морнарица. Советската влада очекува дека владата на САД во врска со нападот на советскиот трговски брод на отворено море ќе преземе мерки со цел веднаш да биде вратен бродот, неговиот товар и екипажот“, пишуваше во нотата, чиј текст на 25 јуни беше објавен во весникот „Правда“.

Со оглед на тоа што Чанг Кај Шек го задржа бродот и неговиот екипаж, Советскиот Сојуз и некои земји од социјалистичкиот блок го зајакнаа дипломатскиот притисок, исто така во рамките на Обединетите Нации.

Од филмот ЧП - чрезвычайное происшествие

Судбина на екипажот

Американските и тајванските специјални служби, меѓутоа, не брзаа да го исполнат барањето на Москва. Тие имаа свои планови со советските морнари.

49 члена од екипажот беа поделени на групи од 10 до 15 луѓе кои меѓусебно беа целосно изолирани. Секојдневно беа психолошки обработувани, наведувајќи ги да бараат политички азил во САД. Целта беше да се наруши угледот на Советскиот Сојуз, покажувајќи дека луѓето од оваа земја бегаат штом ќе им се укаже можност.

Морнарите добија статус на воени заробеници, оскудно беа хранети, беа претепувани, па дури добиваа и мито и ветување за безгрижен и лагоден живот на Запад. На еден дури и му имале кажано дека веќе започнала Трета светска војна и дека, ако не ја сменат страната, едноставно ќе ги стрелаат.

Дури една година подоцна Советскиот Сојуз со посредништво на Французите успеа да извлече 29 члена на екипажот, вклучувајќи го и капетанот на танкерот Виталиј Калинин. И покрај притисокот на кој биле изложени, овие морнари категорично одбивале да потпишат што и да е.

Ослободените морнари дома беа пречекани како херои. Им беше исплатена компензација за престојот во заробеништво, им беа врачени ордени и добија високи должности во морнарицата. „Постоеја моменти кога губевме надеж во враќањето. Главно се плашевме да не умреме од глад. Бевме толку истоштени што личевме на живи костури“, се сеќава Јуриј Борискин.

Од филмот ЧП - чрезвычайное происшествие

Судбината на 20 луѓе кои сепак потпишале молба за азил беше несреќна. Деветмина од нив беа префрлени во САД, каде двајца од нив дури и на радиоемисија го критикуваа советското општество. Петмина наскоро решија да се вратат дома и во април 1956 година избегаа во советската амбасада. Дома беа пречекани воздржано, беа под контрола и повеќе не можеа да патуваат во странство. Николај Ваганов, еден од морнарите кои зборуваа на радио, беше уапсен (за волја на вистината не веднаш, ами во 1963 година) и осуден на 10 години затвор за велепредавство.

Четворица од морнарите кои останаа во САД во отсуство беа осудени на смрт. Еден од нив, Михаил Ивањков-Николов, набргу психички заболе и Американците во 1959 година го предадоа на советската страна. Советите не го стрелаа, ами го сместија во психијатриска болница, каде мина 20 години.

Уште на четворица морнари кои потпишаа молба за азил во 1957 година им беше дозволено да преминат од Тајван во Латинска Америка, па оттаму да се вратат во СССР. Најпрво за нив беше организирана голема прес-конференција, но потоа беа осудени на 15 години затвор за велепредавство.

Од морнарите кои останаа на островот двајца починаа, а еден изврши самоубиство. Четворица одбија да потпишат молба за азил во САД и беа префрлени во локалниот затвор. Кога беа ослободени, живееја на село на брегот на морето под надзор на тајванската полиција. Дури 34 години по инцидентот со танкерот, во 1988 година, советскиот конзул во Сингапур успеа да ги врати дома.

Танкерот „Туапсе“ никогаш не се врати. По служењето во составот на Воената морнарица на Република Кина под името „Куајѕи“ беше испратен во пристаништето Гаосјунг, каде се наоѓа и денес.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња