Ова беше најмоќниот тенк на светот: Зошто СССР во своето вооружување не го усвои супертенкот ИС-7?

Едноставно неговата сила беше во согласност со неговите колосални димензии. Тој на планот на агилноста, подвижноста воопшто не личеше на дословно бавните и млитави тешкаши. Неговиот изглед имаше и елегантна линија, која во себе ја содржеше сета своја борбена убавина на митскиот руски витез Свјатогор. ИС-7 според димензиите беше огромен, но и исклучително напреден кога станува збор за сите техничко-тактички способности што го красат еден тенк.

Во тенковското конструкторско биро на тогашен Ленинград работеше еден мошне скромен инженер-конструктор Николај Фјодорович Шашмурин. Станува збор за генијален руски/советски конструктор. На сите им се познати имињата на Јосиф Котин или на Николај Духов. Со нивните имиња е поврзана историјата на појавата на цела серија тешки советски тенкови како КВ-1, КВ-2, ИС-1, ИС-2, ИС-3, Т-10. Само експертите за оклопна техника знаат за Шашмурин, кој даде големо значење во нивниот развој благодарение на својот раскошен инженерски талент.

КВ-1 и КВ-2 беа првите тешки тенкови на светот. Меѓутоа, тие имаа сериозен недостаток – стануваше збор за исклучително несигурен систем за трансмисија. Тоа беше толку ургентен проблем што се случуваше тенковите да се расипат веднаш штом ќе излезеа од фабричкиот круг, пренесува Интернет-порталот РГ.

Николај Шашмурин се фати во костец со овој проблем каде успеа да направи систем за трансмисија кој според својата важност не е воопшто помал од самата конструкција на тенкот. Овој исклучителен технички продор им овозможи на тешките тенкови на бојното поле да постигнат брзини кои беа еднакви на оние на тенковите од средна гласа со истовремено значително зголемување на сигурноста на целокупниот механизам. Пролетта 1943 година започна производството на модифицираниот тежок тенк КВ-1С (с е кратенка од „скоростные“, што значи брзи – заб. прев.) кој се разликуваше по новата трансмисија. Токму овој тенк, за разлика од средниот тенк Т34/85 го понесе главниот товар во епохалната тенковска битка кај Курск. Неволјата беше во тоа што тенкистите, навикнати на проблематичните ситуации кај стандардниот КВ-1, не ја искористија во целост можноста на новиот менувач. Беше забележано дека токму поради овие вкоренети навики е изгубен определен број тенкови КВ-1С, зашто нивните возачи имаа голем страв да преминат во брз режим на возење (се плашеа од дефект), кој во голема мера би ги спасил од сигурно уништување.

Сепак, во Кремљ беше препознаена работата на Шашмурин, и како што тој еднаш има изјавено, му биле дадени одврзани раце за развој на нови тенкови. Проценувајќи ги технолошките можности на тогашното домашно производство, Николај Фјодорович предложи проект на тежок тенк, кој во историјата влезе како ИС-2. Кога Сталин го виде овој тенк, кој во негова чест беше донесен директно пред Кремљ, тој со уверен глас рече: со овој тенк ќе ја завршиме војната, ова е оружјето на нашата победа.

Охрабрени од успехот на ИС-2, советските конструктори Духов и Котин тргнаа во создавање на навистина уникатниот тежок тенк ИС-3. Тенкот беше комплетиран во рекорден рок и формално влезе во оклопните единици пред завршувањето на Големата татковинска војна. Но, тој никогаш не се појавни на бојното поле, дури ни во војната со Јапонија. Причината за ваквото нешто беше хроничниот недостиг од тешки тенкови кој и понатаму се огледаше во несигурниот систем на трансмисија. Кога станува збор за овој тенк Шашмурин од непознати причини не учествуваше во неговиот развој.

На крајот од Втората светска војна, инженерот Шашмурин формулираше концепт на тенк кој би функционирал над граничните параметри што беа познати во тоа време. Како што покажа искуството од Втората светска војна, животниот век на тенкот на бојното поле беше ограничен на еден, најмногу два дена. За тоа време, тој мораше да уништи максимален број непријателски оклопни возила. Поради тоа мораше да ја има најсилната можна оклопна заштита, најголемата можна сила на моторот, најголемата можна подвижност и максимално можната сила на оружје.

Николај Фјодорович самостојно ја има проектирано и комплетирано конструкцијата на прототипот на тенкот кој имаше задача да дејствува во зоната на граничните параметри. Неговата ознака беше ИС-7. Овој тенк во 1948 година стаса на тенковскиот полигон Кубинка, каде беше тестиран според прокламираните карактеристики. Резултатите од тестирањата беа шокантни за сите оние што учествуваа во нив.

Постојат зачувани мемоари на Евгениј Кулчитски, главен истражувач на оклопната техника на Министерството за сообраќајно инженерство на СССР. Низ нив ќе минеме во куси црти:

„Имав слушнато многу за овој повоен тенк кој ја носел проектната шифра „Објект-269“ (ИС-7) и со нетрпение го очекував почетокот на неговото тестирање“, пишува Кулчитски. „Без оглед на тоа што бев подготвен да видам фундаментално нова борбена машина, останав без зборови од колосалната работа на неговите конструктори и на работниците од фабриката за тенкови од Киров. Навистина е тешко да се опише тоа со зборови. Големата татковинска војна, која тукушто беше завршена, изискуваше титанско напрегање на сите субјекти кои учествуваа во неа. Се чинеше дека во такви услови на хронична исцрпеност и замор, тешко може да дојде до премин на ново развојно ниво кога станува збор за оклопната борбена техника. Меѓутоа, иако имаше поминато мошне малку време од нејзиното завршување, направен е нов тежок тенк кој според своите карактеристики во голема мера ги надмина сите познати тенкови од тоа време“, истакнува Кулчитски.

„Ниту една компонента на новиот тенк не беше со стар дизајн. Речиси сè што можеше да се види на него за првпат беше применето во светската практика. Ми беше укажана голема чест што на тестирањето прв седнав зад воланот на новиот тенк. Тешко е со зборови да се опишат моите чувства. При брзина поголема од 60 километри на час, со новиот тенк мошне лесно се управуваше. Манипулацијата со рачките и со педалите беше мошне лесна, додека брзините буквално се менуваа со три прста. Степенот на управливост со овој тенк беше извонреден во речиси сите услови. Буквално сакав да запеам додека седев на возачкото место! Такво чувство на моќ и на истовремен комфор не можеше да се замисли во ниту една машина. Вистинска револуција предизвика системот за ладење на силниот дизел-мотор кој генерираше повеќе од 1.000 коњски сили. Тоа беше исклучителен тенк“, констатира Евгениј Кулчитски, главниот испитувач на оклопна борбена техника при Министерството за сообраќајно инженерство на СССР.

Значи, по што беше препознатлив тешкиот тенк ИС-7? Едноставно неговата сила беше во согласност со неговите колосални димензии. Истовремено, самиот тенк воопшто не личеше на бавните и млитави тешкаши. Неговиот изглед имаше и елегантна линија, која во себе ја содржеше сета своја борбена убавина на митскиот руски витез Свјатогор. ИС-7 според димензиите беше огромен, но и исклучително напреден кога станува збор за сите техничко-тактички способности што го красат еден тенк.

Вкупната тежина на овој „ѕвер на гасеници“ на Шашмурин достигнуваше респектабилни 68 тони. Екипажот беше составен од петмина војници. Неговите димензии (должина, ширина и висина) беа 10/3.4/2.48 метри. Гасениците имаа четири тркала. Основното вооружување беше составено од главен топ со калибар од 130 милиметри и дури осум митралези. На тенкот за првпат беше поставен тешкиот митралез на рускиот конструктор Владимиров кој ја носеше ознаката КПВТ со калибар од 14.5 милиметри. Тој беше спарен со топот. Кога станува збор за митралезот, борбениот комплет беше составен од седум илјади куршуми, додека бројот на гранати за топ со калибар од 130 милиметри беше ограничен на 25 проектили. Овој тенк го движеше мотор кој генерираше сила од 1.050 коњски сили. Со полн резервоар можеше да мине 300 километри. Максималната брзина на пат изнесуваше 60 километри на час. Дебелината на предниот-фронтален оклоп изнесуваше 150 милиметри, додека куполата беше заштитена со оклоп со дебелина од 210 милиметри.

Сепак, ова чудо од тенк не беше примен во оперативна употреба, без оглед на воодушевувачките коментари на тест-возачите кои го испробаа новото вооружување. Најверојатно во тоа го спречија големиот број новини кои беа пред своето време, кои пред сè се однесуваа на погонскиот дел од тенкот. Дури кон крајот на 20 век се појави тенковски мотор кој можеше да генерира повеќе од 1.000 коњски сили, во вид на гасни турбини (тенковите Т-80). Меѓутоа, леснотијата со која се управуваше и се маневрираше со тешкиот тенк ИС-7 до денешен ден не е постигната.

Денес во музејот на оклопната борбена техника кој се наоѓа во Кубинка, може да се види единствениот останат модел од овој тен кој за среќа не е исечен или растопен.

Нешто повеќе за главниот конструктор на тенкот ИС-7

Николај Фјодорович Шашмурин е роден на 13 октомври 1910 година во Санкт Петербург. Целиот свој работен век го мина во овој град (подоцна Ленинград) во рамките на Кировскиот завод. Тој учествуваше и во конструирањето на модерниот основен борбен тенк Т-80. Почина во 1996 година како самец во својата викендичка која се наоѓаше во близина на местото Куженкино во околината на Санкт Петербург. Вечна му слава.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња