Крилати грдотии на бранови: Како биле тестирани тенковите со подводни крила

Тенкот Т-54Б со ПСТ

Тенкот Т-54Б со ПСТ

Press Photo
Само во Русија биле направени тенкови кои можат да се движат низ вода со помош на подводни крила со брзина на торпедни чамци. До денешен ден во светот не постои ништо слично.

За повоениот период во руската индустрија на тенкови карактеристично било да се осмислуваат улоги што оклопната техника ги имала во Втората светска војна. Во тој дух се конструирани тенкови од новата генерација, и овие обиди во поголем дел биле успешни.

Руските тенкови на почетокот од Големата татковинска војна објективно биле подобри од германските, но Германија во првата фаза од војната поефикасно ја користела својата техника. Луѓето чувствувале страв и од самиот повик „Тенкови!“ или „Авиони!“. Моќната германска армада оставила мошне силен впечаток како на обичните војници од Црвената армија, така и на советскиот воен врв. Но, во секое зло има и нешто добро. Во овој случај добро е што руската противвоздушна одбрана во втората половина од 20 век станала најдобра на светот, и овој статус го има зачувано до денешен ден. Истото важи и за руската оклопна техника. Треба да се истакне дека вистинските професионалци никогаш не се плашеле ниту од непријателските тенкови, ниту од нивните авиони. Тие само правеле сопствена техника, подобра и поубиствена од непријателската.

Пловното средство ПСТ-63 со помали модификации е воведено во експлоатација во 1965 година.

Пробниот полигон Кубинка, кој ова лето го слави 90 години од своето постоење, во повоените години работел со полна пареа, како војната да не завршила или како секој момент повторно да ќе почне. Запленетите германски тенкови конечно биле тестирани и биле согледани добрите и лошите страни на оклопната техника на Вермахтот.

Кога станува збор за домашната техника, извршено е фундаментално тестирање на тешкиот тенк ИС-7, на лесниот пловечки ИТ-76, како и на специјалните понтони кои дури и на тешките тенкови им обезбедуваат функција на амфибија.

Особено е интересен ПТ-76, пловечки тенк од домашно производство на кој до денешен ден му нема рамен во светот.

Во СССР е направена цела серија понтонски системи кои им овозможуваат на тенковите да минуваат низ вода. Понтонот имал силен мотор, а тенкот од понтонот се симнувал во вода од брегот или од десантен брод и веднаш заземал стабилна положба и се движел во зададената насока. Понекогаш пловел и по десетина километри.

Еве што вели официјалната хроника напишана врз основа на извештаите од тестирањата во 1957 година на полигонот Кубинка.

„Полигонот доби задача да изврши тестирање на пловната техника, а исто така и на оклопната техника опремена со средства за пловење на море. Нема податоци поврзани за работата на екипажот во различни временски услови...

Во текот на тестирањето докажана е можноста голема група тенкови да вршат долготрајни маршови на море и да минуваат по 100 километри...

Проект на брзо тенковско пловно средство со подводни крила у тенк Т-54, 1960 година.

Тенковските единици (по 45 тенкови) ги форсираа водните површини на Каспиското и на Балтичкото море во марш долг 100 километри, ноќе кога брановите беа високи еден и пол метар, односно кога јачината на ветрот беше од 4 до 5 степени според Бофоровата скала“.

Со тестирањето е утврдено дека моделот ПТ-76 е оптимален пловечки тенк. Го има конструирано Николај Фјодорович Шамурин, иако официјално како конструктори се третираат Ж.Ј. Котин и Н.Л. Духов, зашто и тие речиси истовремено го имаат направено истото. Како и да е, ПТ-76 без проблеми пловеше во морето и кога брановите беа високи два и пол метри. На такво невреме дури ни бродовите од средна величина не ги пуштаат во отворено море. Понекогаш тенкот сосема ќе отидеше во вода, но потоа ќе испливаше како пловка и ќе го продолжеше својот пат.

ПТ-76 е едноставен како автоматот „Калашников“, а е конструиран практично во исто време со него. И исто како прочуениот АК, ПТ-76 сè уште се користи, само што неговиот конструктор е многу помалку познат од Калашников.

Стручњаците на полигонот Кубинка од 1961 до 1969 година мошне активно учествуваа во работата на повеќенаменските брзи пловечки средства со подводни крила за десантирање тенкови. Така руската армија доби понтонски системи за специјални намени кои засега се единствените од ваков вид во светот.

Понтоните на подводните крила носеа во морето дури и тешки тенкови Т-10 со брзина од 70 километри на час.

Многумина стравуваа дека со таа брзина водата задолжително ќе влезе во цевката на тенковскиот топ и дека цевката ќе пукне за време на отворање на огнот. Па, така е извршен експеримент. Налеана е вода во сите расположливи цевки (ЗСУ-57-2, Т-10, Т-55, ПТ-76), а потоа е отворан оган, секако, од дистанца. Не се забележани никакви оштетувања или деформации на цевката, што е парадокс кој ни денес никој не може да го објасни.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња