Ако се реализираше овој грандиозен проект, со кола ќе можеше да се стаса од САД до Русија

NASA; Pixabay
Проектот за мостот преку Беринговиот мореуз од крајот на 19 век повеќе пати беше споменуван, но секогаш беше спречуван од различни околности.

Со векови различни поединци, корпорации, па дури и владите на Русија и на САД лобирале за мост или за тунел преку Беринговиот мореуз кои би ги поврзал двата континента: Северна Америка и Евроазија.

Сепак, проектот никогаш не беше реализиран, зашто го поткопуваа сомнежи, недостиг од финансирање и војни.

Царевата дозвола

„Царот даде дозвола американскиот синдикат да започне со работа“, објави „Њујорк тајмс“ на 1 август 1905 година.

Според статијата во весникот, американскиот синдикат од рускиот цар Николај Втори добил дозвола да започне со реализација на Транссибирско-алјасканската железница која ќе ги поврзува САД и Руската Империја преку Алјаска и Чукотка кои ги дели само тесен мореуз.

Издвоени беа од 250 до 300 милиони долари за финансирање на овој амбициозен потфат, се наведува во текстот. Меѓутоа, планот беше осуден на пропаст, зашто Руската Империја набргу ја очекуваа револуција и војна.

Стара идеја

Мостот преку или тунел под Беринговиот мореуз, тесен воден премин помеѓу американската Алјаска и руската Чукотка, е стара идеја која потекнува уште од крајот на 19 век.

Во 1890 година првиот гувернер на Колорадо Вилијем Гилпин изнел футуристички предлог да се изгради таканаречена Космополитска железница, голем железнички систем кој би ги поврзал сите континенти на светот со центар во Денвер во Колорадо.

Гувернерот Гилпин, меѓу другото, бил футуристички писател и неговата идеја за Космополитска железница можеби била пред своето време.

Сепак, идејата не умрела: во 1904 година синдикатот на американските железнички магнати предложил да се изгради тунел под Беринговиот мореуз од ‘ртот Принцот од Велс на Алјаска до ‘ртот Дежњов, најисточниот дел од руското копно.

Неизвесната состојба на руската политика од тоа време ги спречила амбициозните планови на американските магнати. Во 1905 година, истата година кога Царот Николај Втори според новинските информации го одобрил предлогот, избила првата руска револуција и ја потресла земјата. Во текот на следните десет години Русија ќе мине низ неколку револуции и низ целосна реорганизација на општествениот и на политичкиот живот, како и на настанок на нов политички ентитет: СССР.

Едноставно се немало време, пари, сигурност во иднината, ниту политичка волја за да започне овој амбициозен инфраструктурен проект.

Нил Буш

Во 2005 година свештеникот Сан Мун Мјунг, корејски самопрокламиран месија познат по сомнителните бизнис-потфати, предложи нешто не толку оригинално, но навистина драматично: тунел кој би ги поврзал Истокот и Западот.

„Илјадници години Сатаната го користеше Беринговиот мореуз за да ги раздвои Истокот и Западот, Северот и Југот, како и Северна Америка од Русија. Предлагам да се изгради мост преку Беринговиот мореуз или под него да се ископа тунел“, изјавил наводно Мун.

Мун не се срамел силно да ја прокламира својата идеја: „Некои можеби се сомневаат дека овој проект е остварлив. Но, онаму каде што има волја, ќе се најде начин, особено ако е тоа Божја волја. Науката и технологијата на 21 век ни овозможуваат изградба на тунел под Беринговиот мореуз. Овој тунел ќе придонесе за светот конечно да стане една заедница“, продолжува Мун.

Кога почна да патува низ светот, промовирајќи ја својата идеја и барајќи финансиска поддршка, самопрогласениот месија наиде на неочекувани сојузници, вклучувајќи го, наводно, и Нил Буш, син на претседателот Џорџ Х. В. Буш, кој патуваше со Мун на некои делови од неговото патување за промоција на овој проект.

Меѓутоа, и покрај публицитетот и заинтересираноста на високите функционери ширум светот, проектот никогаш не доби доволно поддршка за изградбата да може да започне.

Недостигот од финансирање можеби може да се објасни со фактот што хипотетичката економска корист од тунелот е доста неизвесна, зашто на тој начин Алјаска би била поврзана со најслабонаселениот дел од Русија.

Освен тоа, суровите временски услови претставуваат сериозен предизвик и ја прават изградбата возможна само во текот на пет месеци од годината.

Со оглед на тоа што билатералните односи помеѓу САД и Русија се влошија во последниве години, тунелот или мостот преку Беринговиот мореуз се чини како тешкоостварлива идеја. Иако можеме да бидеме сигурни дека во иднина ова прашање ќе биде повторно поставено.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња