Како советските воени заробеници со авион избегале од германски концентрационен логор

Kira Lisitskaya (Photo: Archive photo; Bundesarchiv; Freepik)
Кога Михаил Девјатаев полетал од германскиот аеродром во заробен непријателски бомбардер, тој не ни можел да замисли каква корист ќе има ова негово бегство за одбранбената моќ на Советскиот Сојуз.

На 19 април 2021 година премиерно беше прикажан филмот за спектакуларното бегство од нацистичкиот концентрационен логор во Втората светска војна под називот „Девјатаев“ или „Фау-2. Бегство од пеколот“. Станува збор за остварување на познатиот руски режисер Тимур Бекамбетов („Баран” („Wanted”, 2008), „Абрахам Линколн: ловец на вампири” („Abraham Lincoln: Vampire Hunter”, 2012.), „Бен Хур“, 2016). Филмот е посветен на Михаил Девјатаев и на неговото неверојатно бегство од германско заробеништво во заземен непријателски бомбардер.

Осуден на смрт

Михаил Петрович Девјатаев, Херој на Советскиот Сојуз

Германците го фатиле гардискиот натпоручник Михаил Девјатаев на 13 јули 1944 година. Неговиот ловец бил соборен на подрачјето на Лавов во западна Украина. Пилотот успеал да го напушти авионот, но тогаш удрил со главата во крилото и за чудо останал жив.

Михаил Девјатаев одбил да соработува со нацистите и се обидел да избега од логорот за воени заробеници во Полска. Почнал да копа тунел, но бил откриен, па осуден на смрт и префрлен во концентрациониот логор Заксенхаузен за да биде погубен.

Девјатаев од сигурна смрт го спасил берберот во логорот. Додека тој нишанел на пилотот еден логораш во ходникот запалил цигара, поради што стражарите веднаш се упатиле кон него и го тепале додека не испуштил душа. Берберот без размислување од покојникот ја зел плочката со број и му ја дал на Михаилов. На тој начин осудениот на смрт „Девјатаев“ изгорел во печката на логорскиот крематориум, а во Заксенхаузен останал да живее поранешниот учител Григориј Никитенко.

На таен полигон

Затвореници во Заксенхаузен, Германија.

Набргу „Никитенко“ бил префрлен во логорот на балтичкиот остров Уседом. Тука се наоѓал тајниот германски полигон Пенеминде каде Третиот рајх го правел своето „чудо од оружје“, односно првите авиони на млазни погони, крстосувачката ракета ФАУ-1 и балистичката ракета ФАУ-2.

Силниот Михаил Девјатаев бил избран да работи на полигонот. Негова работа била да пренесува опрема и материјал, и да ги неутрализира бомбите на сојузниците што не експлодирале. Советски пилот никогаш не би го пуштиле на аеродром или во близина на авион, но обичниот учител Никитенко не претставувал никаква опасност.

„ФАУ-2“ на приколка за транспортер Мејлерваген.

Михаил Девјатаев повторно решил да избега. Пронашол уште деветмина истомисленици меѓу логорашите кои работеле Пенеминде. Се договориле да избегаат во еден од германските авиони. Му фрлиле око на бомбардерот Хајнкел НЕ 11.

„Одлуката ја донесовме некаде на почетокот на јануари 1945 година и од тој момент авионот го нарекувавме 'нашиот Хајнкел'“, пишуваше Михаил Девјатаев во своите мемоари „Лет кон сонцето“: „Тој им служеше на Германците, тие водеа сметка за него, но овој авион веќе беше наш, зашто не го симнувавме погледот од него, размислувавме за него и разговаравме за него, и сите свои чувства и надежи беа приковани за него. Јас во мислите многу пати ги палев неговите мотори, го придвижував и полетував над облаците, минував растојание до куќата и таму се спуштав на таа туѓа машина со широки крила и долг тап труп, а дотогаш му немав воопшто пријдено“.

Бегството

Хајнкел Хе 111

Во целата група бегалци Михаил Девјатаев единствен имал врска со авијација. Ја користел секоја можност да се најде во близина на авионот, а ако има среќа и да влезе во него и да фрли поглед на командната табла.

На 8 февруари 1945 година, додека на полигонот беше време за ручек, заробениците кришум му се приближиле на Хајнкелот, го убиле стражарот и почнале да го подготвуваат авионот за полетување. За малку планот ќе им се изјаловел оти немале акумулатор, но брзо го нашле и го внеле во авионот.

„Аеродромот беше рамнодушен кон звукот од моторот на нашиот авион. Не ми е тешко да замислам како на тоа реагираат техничарите и пилотите. Тие мирно ручаат... Затоа без страв дадов полн гас и го проверив моторот во различен број вртежи. Се чувствував самоуверено, дури и безгрижно. Повеќе никој не можеше да нè запре да фатиме залет, нити да нè спречи да полетаме“, се сеќаваше Михаил Девјатаев. „Туѓа машино, туѓо небо, туѓа земјо, немојте да нè предадете, нас луѓето кои страдаме од глад и болка, кои тежнееме да го оствариме правото на спас од смртта. Послужете ни и ние ќе ве запаметиме по добро. Пред нас е цел живот. Ние денес по вторпат се раѓаме“.

Бомбардер Heinkel He 111

Првиот обид за полетување бил неуспешен. Авионот стасал до крајот на пистата без да се одвои од земјата, запрел речиси на работ од карпа. Михаил Девјатаев го завртел бомбардерот и се обидел повторно, насочувајќи се директно кон групата собрани и зачудени германски војници. „Тие не очекуваа дека Хајнкелот ќе тргне кон нив. А, се подготвува да ги згази заробен пилот! Кога сфатија, се фрлија на страна... Знаев дека треба да полета додека зенитните оружја не се подготват да отворат оган... Додека војниците не стасале да јават што виделе... Додека не е издадена наредба да се подигнат ловечки авиони... Додека не е доцна...“

Михаил Девјатаев овој пат успеал да го крене авионот, а на полигонот се слушнала сирена за тревога. Посадите на противвоздушната одбрана се подготвувале да отворат оган, ловците добиле наредба да го соборат Хајнкелот, и набргу полетале, но не знаеле каде да го бараат својот бомбардер со руски заробеници во него, зашто тој веќе бил зад облаците.

Фоке-Вулф Fw 190 (герм. Focke-Wulf Fw 190).

Го стасал само еден ловец Фоке-Вулф, но не можел да го уништи зашто непосредно пред инцидентот се вратил од задача и немал муниција.

Враќање дома

Михаил Девјатаев во авионот нашол мапи и ги проучил, па врз основа на тоа одлучил да го насочи авионот над морето во насока на Ленинград. Кога веќе бил на советска територија му се приближил уште еден Фоке-Вулф чиј пилот не сфатил зошто Хајнкелот лета во насока на непријателската положба на мала висина и тоа со спуштени тркала.

Противвоздушната одбрана го избркала ловечкиот авион. Го гаѓала и украдениот авион, но Михаил Девјатаев под огнот успеал да го спушти бомбардерот кој набргу потоа го опколила советската пешадија.

Михаил и уште двајца офицери кои учествувале во неверојатното бегство морале уште некое време да минат во филтрациски логор, додека нивните звања не биле потврдени. Останатите ослободени логораши од Уседоме се вратиле на фронтот каде набргу речиси сите загинале во борбите.

Михаил Девјатаев мошне прецизно, со грешка од само десетина метри, ги навел координатите на ракетните лансери на островот, по што советската авијација веднаш ги бомбардирала. Претходно, излегло дека Хајнкелот што тој го донел е полн со апаратура за комуникација, за управување и за следење на лансирањето ракети ФАУ.

Херојот на Советскиот Сојуз пилотот Михаил Девјатаев

По војната Михаил Девјатаев извесно време му помагал на втемелувачот на советската космонаутика, конструкторот Сергеј Корољов, во проучувањето на германските крстосувачки и балистички ракети, и така дал свој придонес во развојот на напредното ракетно вооружување во Советскиот Сојуз. На иницијатива на прочуениот научник на Михаил Девјатаев во 1957 година му е доделено звањето Херој на Советскиот Сојуз.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња