Како познатиот норвешки поларен истражувач Нансен спасувал гладни во Русија во 1920-те?

Kira Lisitskaya (Photo: Topical Press Agency, ullstein bild/Getty Images)
Застрашувачки фотографии на луѓе исцрпени од глад кои Нансен му ги покажуваше на Западот ја шокираа јавноста и му помогнаа да организира помош.

Еден од најпознатите Норвежани во целокупната нејзина историја Фритјоф Нансен даде голем придонес во проучувањето на Арктикот, инспирирајќи цели генерации поларни истражувачи за кои беше вистински херој. Има остварено значајни резултати во зоологијата и во океанографијата и прв на скии мина преку покривката од мраз на Гренланд.

Нансен не се има прочуено само по своите експедиции и научни достигнувања. Добро е позната неговата хуманитарна дејност, а Нобеловата награда за мир ја дови во 1922 година. Остана запаметена помошта што им ја даваше на заробените војници во Првата светска војна, на бегалците во повоена Европа и Ерменија, на жртвите од геноцидот што над нив го изврши Турција. Особено место во неговата биографија зазема страницата поврзана со спасувањето на гладните во СССР во почетокот на дваесеттите години од минатиот век.

Катастрофа

Една од фотографиите што Нансен самиот ги направил во 1921 година во Русија.

Главна причина за страшниот глад што го зафати СССР во текот на 1921 и на 1922 година беше Граѓанската војна која ги усложни економските врски во земјата и големата суша која уништи една петина од целокупниот посев. Масло на огнот долеа советската влада која во и онака тешките услови го зајакна принудното одземање жито од населението.

На крајот гладот завладеал на огромен простор населен со повеќе од 90 милиони луѓе, од степите во Казахстан и Уралските планини до Поволжје, јужна Украина и Крим. „Куќите беа напуштени, без покриви, со дупки без прозорци и врати. Сламените покриви на дрвените куќи одамна беа симнати и изедени. Во селата, секако, немаше животни, крави, коњи, овци, кози, кучиња, мачки, па ни врани. Сè беше изедено. Мртвата тишина царуваше на завеаните улици“, се сеќава сведокот на тие настани, психологот Питирим Сорокин.

Ситуацијата почна да бега од контрола на советското раководство. Меѓу жителите започна општо бегање, смртноста брзо растеше, се ширеше канибализмот. Болшевиците кои долго ја криеја реалната состојба во земјата беа принудени летото 1921 година јавно да му се обратат на светот и да побараат помош. И помошта стаса.

„Мисијата на Нансен“

Нансен во Харков во 1923 година

Со цел земјите од Западот и советска Русија кои едни кон други беа непријателски расположени и немаа доверба едни во други, да можат да се договорат за организацијата и условите на давање помош, беше потребен некој што има авторитет и углед на двете страни. Го пронајдоа во Фритјоф Нансен кој во тоа време поради годините престана да се занимава со арктичките експедиции и се посвети на хуманитарна работа во рамките на Лигата на нациите. Тој дури и застана на чело на Меѓународниот одбор за помош на гладните во Русија, познат како „Мисијата на Нансен“.

Наесен истата година Нансен ја посети Русија за да може да ги процени размерите на гладот. „Најстрашно беше да се оди на гробишта на кои беа натрупани 70-80 голи трупови, меѓу кои имаше најмногу деца, кои беа починале во последните два дена и кои беа довезени од прифатилишта или беа собрани од улица“, велеше шокираниот Норвежанец. „Гробарите не стасуваа да погребат толку луѓе зашто земјата беше замрзната, па копањето беше тешко, а купот тела на несреќните луѓе растеше. Многу трупови остануваа на улиците или во куќите зашто немаше можност да бидат одвезени на гробишта“.

Кога се врати од Русија, помина голем број земји во Европа и во Америка во кои ги покажуваше фотографиите со стравотните глетки и ги повикуваше не само шефовите на државите, ами и обичните граѓани да им помогнат на гладните. „Мисијата на Нансен“ на крајот овозможи соработка со повеќе од триесет хуманитарни организации кои активно се вклучија во борбата против гладот. Меѓу нив беа Меѓународната асоцијација за помош на децата, Друштвото на пријатели (Квекери), Меѓународниот Црвен крст и неговите многубројни регионални организации.

Како беше организирана помошта?

Околу 1922 година.

Во Русија стасаа стотина соработници на „Мисијата на Нансен“. Во детските домови, на железничките станици и во фабриките во најпогодените подрачја (Поволжје и Украина) беа отворени бесплатни мензи. Во селата стасуваа полски кујни што на Мисијата ѝ ги имаше подарено Меѓународната асоцијација за помош на децата (вкупно 210). Секоја од нив можеше да нахрани неколку стотина луѓе.

Едно гладно лице дневно добиваше половина литар супа и малку повеќе од сто грама бел леб. Освен тоа, соработниците на Мисијата делеа пакети со брашно, конзерви со месо, суво грозје, ориз, сардини, како и со други намирници кои ги испраќаа граѓаните од западните земји.

Одборот постојано ги зголемуваше испораките. Така, количествата храна само за градот Саратов во Поволжје, во периодот од март до мај 1922 година, беа зголемени за два и пол пати. Општо земено, организацијата на Нансен до летото истата година во Русија хранеше 1.5 милини деца и возрасни.

Народен љубимец

Нансен во Русија 1921-23

„Мисијата на Нансен“ не беше најголемата добротворна организација која се бореше против гладот на просторот на Русија на почетокот од дваесеттите години од минатиот век. Со многу поголеми ресурси располагаше недржавната Американска администрација за помош на која отпаднаа 90 отсто од сите испораки на храна.

Сепак, од сите странци кои на гладните жители им даваа помош, Русите најдобро се однесуваа токму кон Фритјоф Нансен. Тој добро ја познаваше Русија и нејзините граѓани, не покажуваше отворено непријателство кон болшевиците и се залагаше за нормализација на односите помеѓу советската влада и раководството на западните земји.

Фритјоф Нансен неколку пати беше во посета на Русија, внимателно проверувајќи колку е делотворна неговата Мисија. Кога еднаш го беа прашале дали се плаши да патува по Поволжје во кое владееја глад и тифус, одговори: „Во мојот живот имало многу полоши ситуации. А, тука настрада добар народ“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња