Лев Љвович Берберов со сопругата Нина и двете деца, Ева и Рома, живееја во голем стан во сто квадрати во Баку, денешната престолнина на Азербејџан. Лев работеше како архитект, но отсекогаш ги сакаше дивите животни, па затоа во животот одгледуваше мачки, кучиња, папагали, ежови, ракуни, змии, а во неговиот стан извесно време живееја волк и пума, вели во интервју за „Аргументи и факти“ неговата сопруга Нина.
Летото 1970 година на прошетка во зоолошката градина Нина и нејзината ќерка забележале во еден од кафезите „кутро сиво клопче“.
„Ќерка ми ми се обрати: 'Мамо, гледај, онаму умира кученце'. Јас ѝ објаснив: 'Душо. Тоа не е кученце, тоа е мал лав, кралот на животните. Веројатно е болен'. Го замолив директорот на зоолошката градина да ни го даде тоа несреќно малечко“, раскажува Нина.
Семејството Берберови нашло ветеринар кој им помогнал да го одгледаат младенчето лав и му дале име Кинг, во чест на кралот на животните. Според нивниот пријател, фотографот Владимир Алексеев, многу труд вложиле за да му го спасат животот на лавот.
Кинг и Нина Беберова
Валериј Шустов//Sputnik„Го грееја, го хранеа од шише со цуцла со најразлични мешавини. На почетокот лавот не можеше да ги движи предните шепи, па затоа тие по цел ден на смени му ги масираа. И малку по малку почна да оди, но тој проблем го следеше сиот живот“, се потсетува Алексеев.
На балконот ставиле решетки за Кинг мирно да може да шета, а наутро го шетале во локалниот парк. Во остатокот од денот се движел сосема слободно низ станот. Според Нина, многу брзо се спријателил со останатите животни во станот, вклучувајќи го и минијатурното куче Чап со кое дури и заедно спиел.
„Понекогаш, кога на Кинг ќе му станеше здодевно доаѓаше во нашата спална соба. Ќе се качеше на креветот, ќе ме турнеше мене или Лев, ќе легнеше на грб и цврсто ќе заспиеше. Наутро се будеше како и сите останати, ќе појадуваше и ќе си играше со децата. Тие го влечеа за мустаќи, го јаваа како коњ. Со него можеше да правиш што сакаш. Тој не знаеше да се лути и никогаш никого немаше гризнато.
Кинг и Ева Берберова
Валериј Шустов/SputnikЗа волја на вистината, соседите не го сакале, ноќе ги будел рик на лав, а и во нивните станови од балконот паѓале влакна од лавот.
„Ќе дојдеш од работа и не можеш да се одмориш. Нема сон, лавот рика, така што садовите ѕвонеа. Понекогаш со викањето се фрлаше на ѕид и од тие удари паѓаше малтерот. Но, најлоша беше миризбата и влакната. Од миризбата едноставно ти се слошува. Синот на нашите први соседи имаше алергија. Тој сега има дваесет години и алергијата прогресираше во смртоносна астма“, се жалеше на почетокот од седумдесеттите години соседот Александар Кривенко.
Лев Берберов на сите жалби одговарал дека станува збор за уникатен експеримент за припитомување на дивите животни. За локалното одделение на Комунистичката партија ваквото образложение било прифатливо. По налог на првиот секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Азербејџан Гајдар Алиев, подоцна претседател на Азербејџан (1993-2003) пред зградата во која живеело семејството Берберови, секој ден доаѓал камион со бесплатно месо за Кинг, пишува „Дилетант“.
Станот на Берберови секојдневно бил полн со новинари, што московски, што азербејџански и сите сакале да го видат лавот на трпезариската маса или во креветот. Во промет беше пуштена и серија разгледници на кои Роман ми плете на Кинг плетенки од гривата, Ева се ниша со помош на лавот или тој едноставно спие на перница покриен со ќебе.
Кинг и Ева Берберова
Валериј Шустов/SputnikОд печатените изданија се пресели на големото платно како глумец во филмот „Девојчето, момчето и лавот“. Во комедијата „Неверојатните авантури на Италијанците во Русија“ Кинг се сними во 1973 година. Заедно со него целото семејство поради снимањето привремено се пресели во Москва, а потоа во Ленинград.
Како што излезе, Кинг беше лош глумец. Берберови воопшто го немаа дресирано лавот, така што тој не извршуваше ниту наједноставни команди, а и актерите покрај другото се плашеа од „домашното“ животно.
„Лавот не беше дресиран, беше невнимателен и, по мое мислење, глупав. Имаше комплициран однос со дресерите. Поради најмала причина или, дури, без повод, тие зборуваа: 'Лавот е болен, лавот не може, лавот е изморен!' Откако Кинг ќе претрчаше, да кажеме, дваесеттина метри, тие велеа: 'Лавот е преморен и денес повеќе нема да може да снима'. Така од директорот на филмот се извлекуваа дополнителни пари, а тој го мразеше цело тоа ѕверство“, велеше познатиот режисер Ељдар Рјазанов.
По завршувањето на снимањето Кинг и семејството Берберов се преселија во Москва. Лавот беше сместен во училиштето број 74, во кое немаше настава зашто беше лето. Како што истакнуваше Нина, во блиските улици секојдневно минувал автомобил со озвучување преку кое предупредувало дека е забранет влез на територијата на училиштето.
Во тој момент покрај училиштето минуваше осумнаесетгодишниот студент Владимир Марков кој со својата девојка го шеташе кучето. Љубопитното куче провлече низ дупката на училишната ограда и тргна кон спортската сала. Марков ја прескокна оградата, го фати кучето и ѝ го врати на девојката, подготвен повторно да ја прескокне оградата, но не успеа. Кинг скокна од салата низ прозорецот и од зад грб го нападна Владимир.
Девојката очајнички врескаше и го крена на нозе целото мало, па минувачите повикаа милиција. На местото на злосторството стаса потпоручникот Александар Гуров и виде како лавот тежок 240 килограми седи во грмушка, притискајќи ја на земја унакажаната глава од канџите и од забите на Марков и се подготвува на одвај живото момче да му ја одгризе главата. Гуров пукаше во животното неколку пати.
Марков остана жив. Средбата со лавот за него заврши со полесна траума и со голема загуба на крв. Меѓутоа, Берберови смртта на Кинг ја доживеаја како вистинска трагедија. Семејството дури и сметаше дека Гуров треба да оди в затвор поради убиството на лавот, зашто беа сигурни дека Марков го испровоцирал животното да го нападне.
„Според очевидец, Марков почнал да прави гримаси и да скока, да се врти час со лицето, час со грбот кон лавот. Кинг тоа го сфатил како повик за игра. Нашиот асистент така ја пробаше со него сцената за филмот 'Неверојатните авантури на Италијанците во Русија' во која лавот го брка човекот и го соборува на земја“, ја раскажа Нина својата верзија на настаните. „Потпоручникот го чул писокот, дотрчал до оградата и, не сфаќајќи што се случува, му пукал на лавот во главата. Кинг веќе се оддалечил од момчето во правец на скршениот прозорец. Но, Гуров бил целиот исплашен и истрелал цел шаржер во Кинг“.
Кадар од филмот „Неверојатните авантури на Италијанците во Русија“.
Ељдар Рјазанов/Мосфильм; Dino de Laurentiis Cinematografica, 1973.На сите нам ни беше тешко, плачевме. Но, најмногу страдаше Чап. Ветеринарот рече дека нема да страда уште долго, зашто е во прединфарктна состојба. И навистина, следниот ден Чап почина“; раскажуваше Нина.
Наскоро Берберови добија друго младенче од лав, Кинг Втори. Според Нина, го купиле и го донеле луѓе од московските интелектуални кругови за да ги утешат. А, меѓу нив бил и писателот Јуриј Јаковлев и прочуениот поет, кантавтор и глумец Владимир Висоцки, како и неговиот колега актерот Сергеј Образцов.
„Кинг Втори воопшто не личеше на нашиот прв љубимец кого го спасивме од смрт, а тој нам како благодарност ни возвраќаше со почит и со убав однос. Овој бараше ние него да го почитуваме. Сепак Кинг Втори го сметаше Лев Љвович за 'водач на глутницата' и го слушаше“, велеше Нина.
Таткото на семејството Берберови почина од срцев удар во 1978 година. Нина остана сама во станот со двете деца, со лавот и со другите животни, меѓу кои беше и пумата Љаља. Како што истакнуваше, Кинг Втори воопшто не бил агресивен ниту кон неа, ниту кон децата, дури ни по смртта на Лев, а „играше“ и во два филма: „Лавот си замина од дома“ и „Јас имам лав“.
Кинг Втори во филмот „Лавот си замина од дома“.
Расим Исмаилов/Азербејџанфилм,1977.Идилата траеше до 24 ноември 1980 година, кога Нина враќајќи се дома од работа, почувствувала мирис на чад и видела како пумата Љаља се згрчила во аголот од собата, Кинг Втори рикал и се фрлал на балконските решетки, а соседот палел и го гаѓал лавот со парчиња од пластичен чешел. Нина го избркала соседот, го нахранила сина си, му донела месо на Кинг. Одеднаш тој почнал да се однесува непримерно, скокнал на плакарот и оттаму се нафрлил на Нина, ја соборил на под и ѝ ја одрал главата со шепата.
„Рома скокна и се обиде да избега, но Кинг Втори го стаса и во еден скок го уби на лице место, му го одра скалпот од главата и му ги скрши вратните пршлени. Јас изгубив свест. Се освестив дури кога слушнав пукање. Милиционерите кои ги повикале соседите од сите страни се искачуваа на покривот и почнаа да пукаат“, се сеќава Нина. Пумата во меѓувреме излезе на улица, каде милиционерите ја убија“.
Ева Берберова и пумата Љаља, 1979 година.
Ј.Рахиљ/TASSСпоред новинарот Василиј Песков, во станот се чувствувала страшна миризба, насекаде било валкано.
„Во бањата, во локва крв неподвижно лежеше момчето. На подот, покрај него седеше растргнатата жена со одрана кожа на главата и со голем број рани на телото. 'Спасете ми го синот...', велеше таа губејќи ја свеста. Никогаш во животот немам видено толку мачна ситуација, смрдеа, сè наоколу испокинато. Потполковникот Џангиров кој беше шокиран од она што го виде, забележа: 'Каков лав?! Па, тука и глушец би станал ѕвер', пишува Песков.
Роман Берберов почина во болница по еден ден, не успевајќи да се врати во свест. Нина Берберова ја негуваа ќерката и еден пријател за кого потоа се омажи и престана да се занимава со одгледување диви животни. Себеси никогаш не си ја прости смртта на сина си.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче