Припадници на советската противвоздушна одбрана на покривот на хотелот „Москва“, 16 октомври 1941 година. Голема татковинска војна (1941-1945).
Олег Кноринг/SputnikКон средината на октомври 1941 година нацистичките единици брзо се приближуваа кон Москва. Советските градови околу руската престолнина еден по друг им паѓаа на Германците во раце. Непријателот во секој момент можеше да влезе во Москва.
Сталин беше познат по тоа што станува доцна наутро, а навечер долго останува во работниот кабинет. Тој на 15 октомври 1942 година во 9 часот наутро им се обрати на своите соборци од Политбирото. Им беше наредено да организираат евакуација на градот и истиот ден до вечерта да ја напуштат престолнината.
Голема татковинска војна 1941-1945. Одбрана на Москва. Припадници на противвоздушната одбрана во Паркот на културата и одморот „М. Горки“.
Наум Грановски/SputnikБеше планирано да отпатуваат во Кујбишев (денешна Самара), 1.100 километри источно од Москва. Кујбишев од повеќе причини беше избран за „резервна“ престолнина на СССР.
Според руски мерки овој град беше релативно близу Москва, така што евакуацијата не претставуваше голем проблем. На државните органи, на фабриките и на административните установи од витално значење за функционирањето на СССР не им требаше премногу време да се организираат и повторно да почнат да функционираат на новото место.
Плоштад на револуцијата, 1931 година. Самара.
Уметнички музеј во СамараОсвен тоа, Кујбишев беше релативно добро заштитен, благодарение на единиците кои беа сместени таму. Во градот веќе беше базиран Советскиот волшки воен округ, а Кујбишев беше познат и како индустриски центар на Советскиот Сојуз кој имаше свои фабрики, аеродроми и железнички јазол од витално значење.
Тоа судбоносно утро на 15 октомври 1941 година Државниот комитет за одбрана на СССР на чело со Сталин ја издаде наредбата број 801 која претставува најстрога државна тајна. Во неа на Генералштабот, на Народниот комесаријат за одбрана, на Народниот комесаријат на Воената морнарица, на дипломатскиот кор, на Претседателството на Врховниот Совет и на Советот на народни комесари на СССР им беше наредено итно да се преселат во Кујбишев.
Сталин сметаше дека и тој набргу ќе мора да ја напушти Москва, но реши да остане во главниот град уште некој ден. Со него во Москва останаа и неговите најблиски соработници Берија, Микојан и Косигин.
На шефот на НКВД Лаврентиј Берија му беше наложено да раководи со минирањето и со уништувањето фабрики, магацини, важни институции и инфраструктура од критична важност, меѓу другото, и Московското метро, односно на сето она што не беше можно да се евакуира во „резервната престолнина“.
Вознемирените жители на Москва го доживеаја минирањето на стратешката инфраструктура како сигурен знак дека советското раководство се подготвува да го напушти главниот град и да остави милиони жители на милост и немилост на нацистите.
И покрај тоа што операцијата беше држена во строга тајност, гласовите за евакуацијата на престолнината брзо се раширија. Утрото на 16 октомври 1941 година Московското метро не беше отворенo, и тоа се случи првпат откако е направено. А, не беше отворено зашто беа вршени подготовки за негово целосно уништување. Тоа дополнително поттикна ширење гласови дека главниот град на СССР наскоро може да падне во рацете на нацистите. Набргу потоа населението го фати паника.
Многумина ги оставија своите обврски и имотот и итаа на железничките станици со надеж дека ќе го напуштат градот пред во него да влезе непријателската војска. Во целиот град настана хаос.
Барикади на улиците на Москва
Аркадиј Шајхет (CC BY-SA 3.0)Очевидецот на овие настани Лев Ларски подоцна вака опишува една епизода на забрзаната евакуација: „Во три часот на мостот дојде до сообраќаен застој. Таму стоеја камиони. Наместо да ги турнат камионите од мостот и да го ослободат преминот, луѓето влегуваа во нив и заземаа места. Оние кои веќе седеа внатре очајнички ги тепаа со куферите оние однадвор што сакаа да влезат. А, тие едни преку други скокаа во приколките и ги фрлаа одозгора 'бранителите' како вреќи со компири. Но, штом 'новата постава' ќе го заземеше местото и камионите ќе се обидоа да тргнат, нов куп 'освојувачи' ќе ги нападнеше приколките“.
Главниот град го обзеде страв и паника. Многумина дојдоа на своето работно место со надеж дека ќе добијат плата, но наместо плата дознаа дека раководството на фабриката веќе „збришало“. Лути и препуштени самите на себе, некои жители се впуштија во пљачкосување и во насилство.
„Во редиците избувнуваат тепачки, луѓето ги задушуваат стариците, младите пљачкосуваат, а полицајците по два до четири часа стојат на тротоар и пушат: 'Немам добиено никакви инструкции', велат“, вака паниката во Москва тој ден ја има опишано новинарот Николај Вержбицки.
Потребни беа радикални мерки за Москва да се доведе во ред. Под тридневниот хаос и паниката во советската престолнина, Сталин на 19 октомври 1941 година издаде указ со кој во Москва е воведена состојба на опсада. Во ноќните часови беше забрането движење на возила и луѓе без специјална дозвола, а полицијата доби дозвола „провокаторите“ да ги стрела на лице место.
Сталин држи говор на воена парада, Црвен плоштад, 7 ноември 1941 година.
Јуровски/SputnikМожеби одлуката на Сталин тој лично да остане во Москва исто така придонесе жителите да се смират, зашто многумина го доживеаја тоа како сигурен знак дека Црвената армија ќе го брани градот по секоја цена.
И навистина, благодарение на напорите на Црвената армија и оние жители на Москва кои не заминаа, не ги фати паника и не прибегнуваа кон насилство, нацистите не успеаја да ја заземат Москва, ниту да ги уништат советските вооружени сили пред зимата 1941 година. А, назима нацистичка Германија мораше да се соочи со фактот дека војната против СССР ќе биде долга и тешка.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче