Пред почетокот на Втората светска војна, без оглед на немилосрдната антиреволуционерна политика што кон неа ја спроведувала државната власт, Руската православна црква во СССР сè уште постоела. Соочена со внатрешен раскол, лишена од претходното влијание, таа со тешки маки се борела за преживување. На свештенството дури ни соработката со советската власт не му гарантирало безбедност и мирен живот. Црквите биле затворани, а свештениците апсени и испраќани во логори.
Сепак, кога во 1941 година германските единици го нападнале СССР, РПЦ веднаш застанала на страната на државата во војната против нацистите. Не сведувајќи го својот ангажман на морална поддршка, свештениците активно се вклучиле во борбата против непријателот и на фронтот и во заднината.
Дента кога нацистичка Германија го нападна Советскиот Сојуз, на 22 јуни 1941 година, практично поглаварот на Руската православна црква, местобустителот (чувар на тронот во отсуство на патријархот) митрополитот Сергиј (Старогородски) на своја иницијатива упатил апел до православните жители во земјата во кој, меѓу другото, се истакнувало: Не е првпат во историјата на рускиот народ да поднесува вакви искушенија. Со Божја помош тој за навек ќе ја претвори во прав и пепел нацистичката непријателска сила. Црквата Христова ги благословува сите православни во одбраната на светите граници на нашата Татковина.
Свештениците не само што ги мотивирале граѓаните во борбата против Германците во проповедите, ами и почнале со собирање средства за потребите на одбраната, за подароци на борците од Црвената армија, за болните и ранетите. Тие им помагале на семејствата на загинатите војници на фронтот и на оние кои во војната ги изгубиле своите најблиски. Црквите и манастирите организирале болници и санитарни служби.
Во 1943 година митрополитот Сергиј му се обратил на Сталин со молба во Државната банка да се отвори сметка за собирање доброволни прилози за оклопна техника за Црвената армија. Сталин се сложил и му испратил на митрополитот писмо со благодарност.
На крајот, благодарение на иницијативата на РПЦ формиран е конвојот тенкови „Дмитриј Донски“ (наречен по московскиот кнез кој во 1380 година ги победил Монголите на Куликовското поле). Во тулското село Горелка на 7 март 1944 година на советските единици свечено им биле предадени 19 тенкови Т-34-85 и 21 тенк пламенофрлач ОТ-34 кои потоа биле распоредени по дивизиите. Еден од овие ретко зачувани тенкови денес се наоѓа на територијата на Донскиот манастир во Москва.
Од доброволните прилози на верниците од Новосибирск настанала воздушната ескадрила „За татковината“. А, по новгородскиот кнез Александар Невски, кој ги бранел северозападните граници на стара Русија од германските крстосувачи во 13 век го добила името втората ескадрила, исто така создадена со помош на Руската православна црква.
Многумина свештеници кои тукушто биле ослободени од логор биле повикани на фронт на кој се бореле во редовите на Црвената армија. Други, пак, учествувале во копање ровови или во организација на противвоздушната одбрана во заднината. Десетици свештеници се наградени со медали „За одбрана на Ленинград“, „За одбрана на Москва“, како и „За храбра работа во време на војна.
Демонстративно отворајќи ги црквите Германците создавале илузија за обнова на верскиот живот на окупираните територии на Советскиот Сојуз. Меѓутоа, само помал дел од православното свештенство преминало на нивна страна, додека поголемиот дел се придружиле на движењето на отпорот. Ваши локални партизани нека не служат само за пример и за пофалба, ами нека бидат и предмет на постојана грижа. Запаметете дека секоја услуга дадена на партизаните, претставува заслуга за Татковината и е уште еден чекор кон нашето сопствено ослободување од фашистичката окупација, им се обраќал митрополитот Сергиј на свештениците во заднината на фронтот.
Свештениците во своите проповеди го повикувале населението да дава отпор на нацистите, да одбива да служат молебени во чест на германската војска, да собира разузнавачки информации во корист на партизаните, да им обезбедува храна, облека и ноќевалиште. Отец Фјодор Пузанов успеал во окупираната Псковска област да собере пари и скапоцености во вредност од половина милион рубли и да ги испрати за изградба на тенкови за конвојот „Дмитриј Донски“.
Најхрабрите свештеници заминувале во партизанските одреди каде не само што држеле служба, исповеди и причести за борците, ами и учествувале во диверзантски операции и во борбени судири. Многумина од нив подоцна биле наградени со медал „Партизан на Големата татковинска војна“.
Германците жестоко го казнувале православното свештенство поради помошта на партизаните и на илегалците. Во Полеската епархија во Белорусија биле стрелани повеќе од половината свештеници. Настојателот на црквата во Старо село во Ронеската област во Украина отец Николај Пижевич бил жив запален во својата куќа заедно со семејството зашто криел партизани и тешко ранети војници на Црвената армија.
Советската власт од првите денови на војната високо го ценела придонесот на Руската православна црква во борбата против непријателот. Веќе во јули 1941 година на страниците на советските весници почнале да излегуваат позитивни текстови за верскиот живот во Советскиот Сојуз.
Сталин имал разбирање за Руската православна црква не само поради покажаниот патриотизам. На Сталин пред сè му било важно на тој начин да ја сопре германската политика на привлекување на православното свештенство на нивна страна и нивно претворање во „петта колона“. Покрај тоа добрите односи помеѓу државата и црквата во голема мера го олесниле воспоставувањето на соработката со западните земји чија јавност одамна била загрижена поради верската политика во СССР.
Историскиот состанок на Јосиф Сталин и митрополитот Сергиј кој го променил животот на црквата бил одржан на 4 септември 1943 година. Црквата добила дозвола за избор на патријарх (поглавар станал Сергиј), отворени се црковни школски установи, започнало издавање црковна литература, основан е Совет за прашањата на РПЦ, без чија согласност локалните власти не смееле да затвораат цркви. Без оглед на тоа што црковниот живот и понатаму бил под строг надзор и контрола на државата, тоа бил џиновски чекор за Руската православна црква.
Фактот што на 24 јуни 1945 година на Парадата на победата на Црвениот плоштад во својство на почесни гости биле поканети високи црковни лица, претставува манифестација на благодарност која за заслугите на Руската православна црква ја чувствувала советската власт.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче