Овој советски пилот во Втората светска војна се бори без рака

Personal archive; Russia beyond
Иван Леонов толку многу сакаше да се врати зад командите на авионот што самиот направи механизам за протеза за себе.

За пилотите во Втората светска војна губењето на екстремитетите значеше сигурно спуштање на земја и збогување со небото. Но, не беа сите подготвени да се помират со толку тешката судбина.

Во историјата се познати околу десет случаи кога пилоти, откако останале без нога, повторно седнуваа зад командите на авионите. Додека оние што повторно можеа да полетаат без една рака беа вистинска реткост. Во тоа успеаја германскиот ас Виктор Петерман и советскиот пилот Иван Антонович Леонов.

Црн ден

5 јули 1943 година беше кобен во животот на пилотот Леонов од 192 ловечки воздухопловен полк. На самиот почеток на големата Курска битка тој во состав на ескадрила се враќаше од воздушно извидување, кога беше нападнат од непријателски авиони.

Поради целосната надмоќ на противникот битката не траеше долго. Авионот Ла-5 на Иван Леонов беше буквално изрешетан. „Чувствувам дека левата рака ми е изгорена, а потоа го губам чувството во неа. Не можам да ја мрднам, ништо не можам. Во одреден момент ја губам свеста“, се потсетува пилотот.

Леонов сепак успеа да скокне со падобран од авионот во пламен. На земја го земаа и итно го пренесоа во болница. Но, не можеа да му ја спасат раката, му беше ампутирана речиси до рамото. 

Повторно на небо

Пред Леонов имаше еден пат: напуштање на армијата. Во најдобар случај можеше да се надева дека ќе добие некоја должност во штабот во позадина.

Но, Иван Антонович не планираше да се предаде. Кога во март 1944 година беше пуштен од болницата, тој почна да оди од канцеларија до канцеларија барајќи да му дозволат да лета. Насекаде наидуваше на недоразбирање: не само што нема раце, туку и накривнува (оној несреќен ден Леонов беше ранет и во ногата).

На пилотот му излезе во пресрет командантот на 1 Воздушна армија, генерал-потполковник Михаил Громов. Тој му дозволи да лета доколку смисли како да управува со авионот. И Леонов смисли.

„Го прашав како замислува без рака да управува со рачката за гас во авионот“, се присетува подоцна Громов. „Тој многу детално ми објасни дека смислил специјален уред: протеза од дуралуминиум за левото рамо. Беше доволно мало движење на рамото и протезата ја поместуваше рачката за контрола на гасот во потребната мера. Така Леонов го реши тешкиот проблем за управување со авион за пилоти со една рака“.

Небесен врскар

Неколку недели подоцна Иван Леонов му се врати на летањето зад командите на борбен авион. Сепак, тој не можеше да се бори во брзата ловечка авијација, па се приклучи на 33-та ескадрила на авионите за врска.

Во повеќенаменскиот двокрилец У-2 (По-2) тој превезуваше тајни извештаи на штабот, пошта и весници до првите борбени редови, евакуираше ранети, одеше во позадината до партизаните. При еден таков лет беше ранет во ногата со рафал од автоматска пушка.

По своето неверојатно враќање на небото Иван Антонович изведе вкупно 52 борбени летови, додека при крајот на војната не беше прекомандуван во состав на аеродромската служба. Постариот поручник Леонов, одликуван со три ордени на Црвеното знаме, победата ја дочека кај Кенингзберг. Почина во 2018 година на 95-годишна возраст.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња