Андреј Громико се прослави како еден од најимпресивните руски дипломати. Беше министер за надворешни работи на СССР речиси три децении (1957-1985). Човек со импозантна појава, висок 185 сантиметри, Андреј Громико беше сведок на историјата на 20 век. Имено, работеше во времето на пет советски лидери (од Јосиф Сталин до Михаил Горбачов).
Андреј Громико во кариерата напредуваше како холивудска ѕвезда со богата филмографија. Започна како амбасадор на СССР во САД (1943-1946), истовремено вршејќи ја функцијата на амбасадор на Куба. Неговата кариера во највисоките политички кругови молскавично е лансирана кога учествуваше во подготовките за клучните мировни преговори на конференциите во Техеран, на Јалта и во Потсдам, а завршени на речиси највисоко ниво. На крајот од кариерата Андреј Громико држеше неколку најважни позиции во државата како министер за надворешни работи, претседател на Президиумот на Врховниот Совет и заменик-претседател на Советот на министри на СССР.
Неговиот преговарачки стил беше цврст и директен, благо речено. Андреј Громико беше на чело на советската делегација на конференцијата за основање на Обединетите нации во 1944 година, беше прв постојан претставник на СССР во оваа организација, а исто така ја предводеше советската делегација на 22 седници на Генералното собрание на ОН. Андреј Громико над дваесет пати го има употребено ветото на СССР во Советот за безбедност на ОН. Поради честите одбивања да се согласи го заработи прекарот „господин Не“.
За него ништо не беше невозможно! Во 1963 година Андреј Громико беше тој кој инсистираше на потпишувањето на Договорот за забрана на нуклеарни тестирања во атмосферата, космосот и под вода. Со овој договор на Американците им беа ускратени бројни можности за тестирање и за унапредување на нивното нуклеарно оружје, додека СССР доби на време за да го достигне нивниот број нуклеарни глави. Тоа беше време на голема загриженост поради трката во вооружувањето, време на Кубанската ракетна криза и обидите да се спречи нуклеарна војна. Дипломатијата придонесе оваа криза да биде успешно надмината.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче