Во 1233 година монголско-татарската војска за првпат ги освоила јужните руски краишта. Кнезот Даниил Галицки (1204-1264), кој имал само 18 години, учествувал тогаш во несреќната битка кај реката Калка.
Галицко-Волинскиот летопис наведува дека новгородскиот кнез Мстислав дал команда Даниил и неговиот полк први да тргнат во напад на Монголците: „Даниил тргна напред... погоден беше [со стрела] во градите, но благодарение на неговата младост и јунаштво не ги почувствува раните на телото. Имаше 18 години и беше силен“. Иако битката била изгубена, Даниил преживеал и се повлекле. Раните ги почувствувал дури откако застанал крај еден поток да се напие вода.
Триесет години подоцна Даниил бил крунисан за „крал на Русија“, титула што му ја дала Римската католичка црква. Тоа е првиот и последен пат во историјата еден руски кнез да ја поседува оваа титула. Кој бил Даниил? И зошто ја прифатил титулата крал?
Во 13 век Галицкото кнежевство било најзападниот дел од Киевска Русија. Под негова контрола биле трговските патишта до Унгарија и до Полска. Иако не бил голем како Киев, градот Галич му бил конкуренција кога станува збор за снабденоста и за животниот стандард.
Галич (макета)
Roman ZacharijДаниил бил син на кнезот Роман Галицки, „неуморен воин познат по својата страшна суровост“, пишува историчарот Дмитриј Володихин, и ја наследил неговата жестока природа. Израснал далеку од дома, на дворот на сојузникот на неговиот татко, унгарскиот крал Андрија Втори (1175-1235), зашто дома непријателските кнезови од другите области го освоиле Галич. Од политички причини на Даниил кога пораснал му било дозволено да владее само со Волинското кнежевство кое на север се граничело со Галицкото.
Но, бил прочуен по јунаштвото. Токму затоа во битката кај реката Калка бил испратен прв во борба. Десет години подоцна, во 1233, Даниил го повратил Галич под своја власт по низа конфликти со останатите кнежевства.
Во дваесеттите и во триесеттите години од 13 век Даниил бил постојано зафатен со борби. Како воен заповедник стекнал заслужена слава. Во 1245 година под своја власт ги обединил Волинското и Галицкото кнежевство и бил еден од најмоќните руски кнезови во тоа време. При изборот на пријатели Даниил Галицки се раководел само според еден принцип: моменталниот политички интерес. Бил во состојба да се скара со сојузникот и да почне војна против него, а следниот ден да го продолжи некогашното пријателство и да побара негова помош, за подоцна повторно да го раскине сојузот.
Меѓутоа, до тоа време Монголо-Татарите веќе ги покориле поголемиот број руски кнежевства. Во 1239 година го зазеле соседниот Чернигов, во 1240 година Бату-хан лично ги предводел Монголците во напад на Киев. Ја освоил древната руска престолнина, ја опустошил и ја опљачкал.
Даниил морал да избега во Унгарија. За тоа време Монголците ги освоиле сите поголеми градови на неговата земја, вклучувајќи го и Галич, а потоа заминале. До 1245 година Даниил повторно воспоставил контрола над своите кнежевства, а резиденцијата ја префрлил од разурнатиот Галич во градот Хелм (денес во Полска).
По повторната разорна монголска инвазија Даниил морал да замине во монголско-татарската престолнина Сарај и да му се заколне на верност на ханот, а тоа го сторил со тешко срце. Меѓутоа, Бату-хан кон Даниил лично се однесувал со почит, па дури и наредил да го послужат со вино, што било редок гест на гозба на која сите пиеле кумус (ферментиран пијалак од млеко од кобила). Но, по враќањето од Сарај, Даниил и понатаму ковал планови како да се спротивстави на монголската власт. „За него признавањето на Татарите било поголемо зло од самото зло“, вели рускиот летопис за Даниил.
На патувањето во монголската престолнина Даниил се запознал со Џовани да Пјан дел Карпини (1185-1252), италијански дипломат и архиепископ кој му дал идеја за црковна унија. Потоа папата Инокентие Четврти (1195-1254) му понудил на Даниил титула „крал на Русија“ (‘Rex Russiae’) и се согласил да му даде воена помош против Монголците во замена за католизација на руските кнежевства и градови кои биле под власт на Даниил, на што тој се согласил.
Во 1253 година, дури и пред Даниил да биде крунисан, Инокентие Четврти објавил крстоносна војна против Монголците и ги повикал христијанските воини од Бохемија, од Моравија, од Србија, од Померанија и од Литванија. Меѓутоа, во тоа време дури ни Даниил не го поддржал крстоносниот поход. Сепак, во 1254 година бил крунисан за крал на Русија во градот Дрохичин. Престолнината на Даниил и понатаму била во Хелм.
Сепак, Даниил реално немал корист од својата титула. Ветената помош од папата Инокентие Четврти против Монголците никогаш не била реализирана. Даниил, пак, никогаш не прогласил црковна унија, ниту католизација на своите земји. Во 1254 година папата Инокентие Четврти починал, а неговиот наследник на светата столица Александар Четврти (1185-1261) му дозволил на великиот кнез на Литванија Миндаугас да тргне во војна против руските земји. Потоа Даниил ги прекинал сите врски со римската бискупија, задржувајќи ја титулата крал на Русија за своја употреба.
Кога станува збор за Монголците, Даниил всушност им помогнал во борбата против Литванија. Кога во 1258 година монголскиот воен заповедник Боролдај стасал со својата војска на руската земја, Даниил го испратил својот брат Васиљок со голема сила заедно со Боролдај да го нападне Литванското кнежевство. Повторно станувало збор само за моментален интерес според кој се раководел Даниил на својот политички пат. Починал во 1264 година и бил погребан во својата резиденција во Хелм.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче