На сликите од јапонското филмско списание од 1961 година се гледаат долги редици на пунктовите за вакцинирање. Жени со вознемирени лица држат во рацете бебиња, нешто постари деца стојат покрај родителите, а сите што примиле вакцина медицинскиот персонал ги запишува. Вакцината не се дава со инјекција, ами се прима орално, децата пијат лек од лажиче. Тие веќе нема да можат да се разболат од полиомиелитис, опасно „воспаление на сивата мозочна маса“ која може да предизвика парализа на екстремитетите, но и да доведе до летален исход.
На вакцината против полиомиелитис во Јапонија се чекаше долго, летото 1961 година од Советскиот Сојуз беа увезени 13 милиони дози. Револтираните мајки, загрижени за судбината на своите деца со месеци претходно протестираа на улиците и ја блокираа зградата на Министерството за здравство. Владата никако не сакала да ја купи вакцината од Москва. Но, зошто токму СССР бил во првите редови на борбата против полиомиелитис?
Полиомиелитис или детска парализа е присутна во човековиот род одамна. Основано се претпоставува дека од оваа болест страдале луѓето уште во стар Египет. Токму полиомиелитисот за инвалидска количка го прикова Френклин Д. Рузвелт, претседателот на САД (1933-1945) кој се зарази како возрасен, што е исклучок, зашто болеста по правило ги погодуваа токму децата. „Родено како целосно здраво, детето преку ноќ станува инвалид. Зарем има пострашна болест од оваа?“, ги пренесе јапонскиот весник Акахата зборовите на една од вознемирените јапонски мајки во јуни 1961 година.
По Втората светска војна како што растеа градовите и како што се зголемуваше бројот на жителите полиомиелитисот добиваше заканувачки размери, епидемиите беа сè почести и погодуваа сè повеќе луѓе. Исклучок не беше ниту СССР, и додека во 1950 година беа регистрирани 2.500 случаи, во 1958 година веќе имаше 22 илјади заболени. Требаше нешто да се преземе.
Во СССР во 1955 година беше основан Институтот за проучување на полиомиелитис. На негово чело се најде Михаил Чумаков (1909-1993), научник со огромно искуство, најдобар виролог во Советскиот Сојуз. Тој уште во младоста, истражувајќи во едно заборавено сибирско село крлежниот енцефалитис случајно се заразил, го изгубил слухот и останал парализиран на десната рака, но тоа не го спречило да ја продолжи кариерата, да ги проучува вирусите и пожртвувано да се бори против нив.
Вакцината против полиомиелитис сепак не ја разви Чумаков, ами еден негов американски колега. Поточно двајца американски научници. Џонас Солк и Алберт Сејбин пронајдоа две вакцини кои функционираат на различни принципи. Солк користеше „мртви“ клетки на полиомиелитис, а Сејбин во соработка со Хилари Копровски „жив“вирус.
Американската влада ја воведе во употреба (мртвата) вакцина на Солк. Токму таа е прво тестирана и набавена во целиот свет, вклучувајќи ја и Јапонија. Методологијата на Солк е испитана во Советскиот Сојуз, но не даде задоволувачки резултати. Беше јасно дека вакцината на Солк не е погодна за кампања во целата земја. Излезе дека е скапа, дека мора да се дава најмалку двапати, а ефикасноста беше далеку од стопроцентна, истакнува научникот Пјотр Чумаков, синот на Михаил.
Без оглед на Студената војна и на политичката конфронтација помеѓу САД и СССР, научниците од обете земји секогаш соработуваа. Михаил Чумаков патуваше во Америка, и контактираше со Џонас Солт и со Алберт Сејбин. Вториов на Чумаков му ги даде сите соеви потребни за производство на „жива“ вакцина. Според Пјотр Чумаков сè поминало без формалности, родителите ги донеле соевите вирус буквално „во џеб“.
Алберт Брус Сејбин
Давид Шоломович/SputnikНа принципите на технологијата на Сејбин во СССР е направена „жива“ вакцина, нејзините тестирања беа успешни. Определена улога одигра и обликот што Чумаков го одбра за вакцината која беше произведена во вид на бонбона, па децата не мораа да стравуваат од боцкање. Тестирањата „на терен“ одлично поминаа. Со помош на „живата“ вакцина во 1959 година брзо е запрена епидемијата ја полиомиелитис во балтичките републики.
СССР потоа премина на „живата“ вакцина и полиомиелитисот во оваа земја во најшироки размери беше победен. Сејбин со шеговит тон го нарекуваше Чумаков „Генерал Чумаков“ поради брзата и масовна организација на кампањата против полиомиелитис.
Михаил Чумаков
И.Голубчин/SputnikКон крајот на педесеттите години од минатиот век во Јапонија ситуацијата со полиомиелитис не беше толку сериозна како во другите земји. Годишно беа регистрирани 1.500 до 3.000 случаи. Оттаму владата не посветуваше големо внимание на борбата против оваа заразна болест. Се сметаше дека вакцината на Солт увезена од Соединетите Американски Држави и од Канада (во скромен обем) ќе биде доволна за решавање на проблемот.
Напоредно со пасивноста на владата ниту мнозинството научници во Јапонија не посветуваа доволно внимание на проблемот со полимиелитисот. Нашиот ангажман предизвика значаен отпор, рече Масо Кубо еден од организаторите на кампањата против детска парализа. [Ни велеа] Па, тоа се илјада или две илјади луѓе. Зарем вреди да се прави врева околу тоа?“. Многумина лекари на кои им се обраќале родителите не го дијагностицирале полиомиелитисот на време, поради што децата умираа или остануваа инвалиди.
Бројот на откриени случаи на полиомиелитис во Јапонија во 1960 година нагло пораснал на 5.600. Осумдесет отсто од заболените биле деца. Вакцините на Солк не биле доволни за спроведување вакцинација од големи размери, а покрај тоа ефикасноста била дискутабилна. Јапонските разработки не биле успешни. Во целата земја избивале протести. Во тој момент „живата“ вакцина на Сејбин била тестирана надвор од границите на СССР и била потврдена нејзината ефикасност.
Родителите на заболените деца барале увоз на „живи“ вакцини, но властите не брзале да им ги исполнат барањата. Постоел сомнеж за тоа дали вакцината ќе биде ефикасна за Јапонците, владата не сакала да соработува со „црвените“ (Јапонија во тој период била верен сојузник на Соединетите Американски Држави), а фармацевтските компании правеле договори со северноамериканските фирми.
Сепак, во 1961 година формирано е силно национално движење што ги обединило родителите, бројни лекари и политички активисти. Сите тие барале набавка на вакцини од СССР и спроведување масовна вакцинација. Како што забележува во статијата за ова движење истражителот Иѕуми Нисиѕава полека од ставот „вакцина за моето дете“ преминало на „вакцина за сите деца во земјата“, што овозможило да се обединат претходно разединетите активисти и да настапат во единствен фронт.
Бараме што поскоро да се обезбеди „жива“ вакцина! Децата секојдневно ги прогонува невидливиот вирус. Зарем и вие немате деца? Зарем во странство не се спроведени релевантни истражувања? Да не е тоа поради незадоволството на фармацевтските компании, ги пренесе „Акахата“ барањата на родителите. Паралелно со протестите се вршеле истражувања. Научникот од Јапонската медицинска асоцијација Масао Кубо во периодот од декември 1960 до јануари следната година ја посети Москва и се увери во сигурноста на вакцините на Сејбин кои се произведуваа во СССР, како и во нивната пониска цена во споредба со другите земји. Владата имаше сè помалку причини за откажување од нивниот увоз.
Овие причини конечно беа исцрпени кога на 19 јуни 1961 година мајките кои протестираа во Токио влегоа во зградата на Министерството за здравство. Полицијата не успеа да ги запре жените и нивните барања официјално и директно беа доставени на 22 јуни, така што Министерството се предаде, објавувајќи дека СССР ќе ѝ испорача на Јапонија 13 милиони дози „жива“ вакцина. Со посредство на јапонската компанија „Искра индустри“ испораките оперативно беа организирани. „Староседелците сигурно се сеќаваат како авионите на „Аерофлот“ на аеродромот Ханеда ги дочекаа илјадници луѓе, пишува Михаил Ефимов, кој повеќе од десет години беше на чело на канцеларијата на Агенцијата за политички вести во Јапонија.
Вакцинацијата набргу даде добри резултати, па есента епидемијата во Јапонија беше запрена, а по неколку години и по кампањите за вакцинација болеста во оваа земја беше практично искоренета. Благодарноста му припаѓа на Алберт Сејбин, пронаоѓачот на вакцината, и на Михаил Чумаков, без чии напори вакцината не би стекнала популарност ширум светот, како и на илјадниците јапонски мајки, лекари и активисти кои бараа иднината на децата да се стави на прво место, а политиката во втор план.
Руски научници во САД
Getty ImagesПри користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче