Како руското „момче со кучешка глава“ ја освои Америка

Public domain; Russia Beyond
Фјодор Евтехиев имаше ретко заболување: хипертрихоза. Во 19 век се прославил, настапувајќи во циркус на „накази“ и покажувајќи го својот необичен изглед на публиката. Организаторот на програмата дури и го терал скромното момче да рика, зашто медиумите го нарекле „момче со кучешка глава“.

Денес веќе се познати причините за настанување на ова ретко генетско заболување или едноставно прекумерна влакнетост, а тие се бројни: од хормонална дисфункција до недостиг во функционирањето на нервниот систем. Меѓутоа, кон крајот на 19 век објаснувањето било поинакво. Се сметало дека тоа е атавизам што „влакнестите“ луѓе ги приближуваат кон животните. Ги нарекувале „луѓе-кучиња“, а најчесто со влакна им биле прекриени целото лице, вратот, рамената и грбот.

Во Енциклопедискиот речник на Брогхауз и Ефрон од крајот на 19 век се наведуваат поименично ретки примери на влакнести луѓе, споменувајќи го Адријан Евтихеев и извесно момче по име Фјодор кој се наоѓал кај него. „Како и Евтихеев, долгите меки влакна на Фјодор ги покриваат челото, носот и ушите“, се наведува во речникот.

Влакнести луѓе од Косторма

Адријан Евтихеев и момчето Фјодор Петров се родени во соседни села во близина на градот Мантурово во Костормската област, велат податоците од локалниот музеј. Адријан бил оженет и имал две деца, но тие починале рано. Не се знае со сигурност дали имале хипертрихоза. Скандалозната вест за необичниот изглед на Адријан се проширила низ целата земја и стасала до Москва. Научниците-антрополози од универзитетите го проучувале неговиот случај.

„Целото лице на Евтихеев, вклучувајќи ги и очните капаци и ушите, беа покриени со густи, тенки свиленкасто-меки влакна со светлопепелеста боја, со должина од половина палец и повеќе“, го опишува Адријан Фјодор Брант.

Не се знае точно како ги споила судбината Адријан со малолетниот Фјодор, уште ден „влакнест костормјанин“, но некој сопственик на циркус им предложил заедно да настапуваат на панаѓури. Ги претставувале како татко и син, а ова егзотично дуо имало неверојатен успех кај публиката. Адријан на Фјодор дури и му го дал свето презиме, се грижел за него и му станал татко-посвојувач. Не е познато што се случило со вистинските родители на Фјодор.

„Косата на главата му била темнокафеава, на челото светлолисеста, а на долниот дел од лицето бледожолто-сива. На телото и на екстремитетите, освен на шаките, стапалата, вратот и внатрешноста на рацете, влакната му биле речиси безбојни, густи, долги околу 6 сантиметри“, запишал Брант за Фјодор.

Турнеја по светот

Во 1883 година Адријан и Фјодор биле повикани да настапуваат во странство. Станале ѕвезди на европските паноптикуми, настапувајќи во Париз, во Берлин и во други престолнини.

Нивните настапи на сопственикот на циркусот му носеле неверојатни пари. Адријан се однесувал како вистинска ѕвезда и според некои податоци неговиот задолжителен услов за да настапува биле кисела зелка и вотка. Наскоро починал од алкохолизам.

Фјодор продолжил да настапува, па дури и го надминал европскиот успех. Познатиот американски организатор на настапи Финеас Барнум го повикал момчето на тинејџерска возраст во својот циркус, каде веќе имал џуџе, извесна „русалка“ и сијамски близнаци.

Фјодор одлично се вклопил во неговата програма која Барнум ја опишувал како „највеличествена на Земјата“. Момчето добило прекар Џо-Џо и приказната за „човекот со кучешко душкало“ се проширила низ Америка. Во весникот на државата Кентаки во 1886 година го нарекле една од најинтересните живи „накази“.

Освен тоа, Барнум за претставување на момчето осмислил цела сценска легенда, за да ја заинтригира публиката. Фјодор наводно го нашле ловци во густата костормска шума каде живеел со ист таков влакнест татко во пештера како див ѕвер. Суровиот татко, кој според легендата се нафрлил на ловците, морале да го убијат, а момчето го довеле во Америка... Барнум наводно лично го припитомил дивото момче. За да биде комплетна легендата, Фјодор рикал, ‘ржел, па дури и кинел сурово месо со забите, на воодушевување на публиката.

Според сведочењето на луѓето кои го познавале Фјодор, тој всушност бил воспитан и образован човек кој зборувал неколку јазика. Немал семејство, бил скромен, водел мирен живот и многу читал.

По речиси 20 години успешни настапи, Фјодор поскал да се врати во Русија. Дури и преку конзулатот испраќал писма во кои се распрашувал за судбината на мајка си. Но, сопственикот на циркусот не сакал да ја пушти ѕвездата на својата програма и Фјодор продолжил со настапите.

Во 1903 година на турнеја во Грција се разболел од воспаление на белите дробови и починал.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња