Како момче од руска провинција среде Париз се правел принц на непостоечко царство?

Ирина Баранова
Иван Тревогин (1761-1790) го краселе два несомнени таленти, неверојатната имагинација и склоноста кон авантури. Овие факти и среќата го довеле ова обично момче од Харков (во тоа време град во Руската Империја, денес е во Украина) дури до престолничкиот Петербург, а потоа и до Париз. Меѓутоа, речиси секогаш спасот од незгодните ситуации морал да го бара во бегството, а неговите авантури кога-тогаш биле разоткривани.

Боемија во гените

За Иван Тревогин не се знае многу, а историчарите главно се повикуваат на автобиографијата која големиот фантастичар ѝ ја раскажал на руската тајна полиција.

Можно е склоноста кон патувањата и кон авантурите да ги има наследено од татка си, иконописец кој дома редовно ги оставал жена си со трите малолетни деца и одел да слика храмови по селата, со неизбежно опивање. По едно пијанчење се удавил.

Мајката на Иван, млада вдовица, не можела да ги издржува трите сина, па побарала помош од губернаторот. Тој, пак, ги испратил момчињата во специјална воспитна установа при Харковското училиште. Како млад провинцијалец кој внимателно учел и постигнувал големи резултати, заслужувал должна почит за што бил известен и губернаторот. Освен тоа, особено му одел францускиот јазик кој тогаш го зборувало целото руско благородништво, што подоцна му било добредојдено.

Харков

По училиштето Иван тргнал во освојување на Воронеж, сакајќи веднаш да се вработи во канцеларијата на локалниот губернатор. По неколку неуспешни обиди еден богат трговец го ангажирал Иван како воспитувач на своите деца.

Првата голема авантура

Имагинацијата го довела до Санкт Петербург, престолнината за која сонувале сите амбициозни млади луѓе во големата земја.

Овој млад човек започнал да работи како коректор во печатницата на Академијата на науките и, според некои сведочења, довил дозвола да издава свој весник. Веста за појавувањето на новиот весник „Парнаские ведомости“ била објавена во весникот „Санктпетербуршки ведомости“. Најавен е како весник „за астрономија, хемија, медицина, музика, економија и други науки, во чиј додаток ќе се печатат критички, љубовни, забавни и елоквентни содржини". На сите кои сакале да се претплатат на весникот им било понудено веднаш да платат сума за една година.

Академија на науките

Ниту еден број од овој весник не стасал до нас. Некои историчари сметаат дека тој воопшто излегол некогаш. Меѓутоа, познато е дека Тревогин паднал во долгови и не остварувајќи профит, бил принуден да избега од Петербург. „Така Тревогин се нашол во странство како бескуќник и талкач“, пишува советскиот истражувач на книжевноста Леонид Светлов.

Талкања во странство

Тревогин се нашол на брод кој пловел од Петербург кон Амстердам. Холандија му се присторила како сиромашна, а и непознат странец таму никому не му бил потребен. Се обидел да се запише на Универзитет во Лејден, но не го примиле. По талкањата повторно решил да прибегне кон лукавство. Бидејќи одлично го владеел францускиот јазик се претставил како француски морнар и се вработил на холандски воен брод.

Подоцна на полицијата ѝ рекол дека на бродот ги извршувал најтешките работи, а при обид за бегство бил фатен и осуден на дваесет удари со камшик. Со оглед на тоа дека бил отпуштен, се упатил во Париз. Во Франција отишол во руската амбасада и раскажал срцепарателна приказна за тоа како го грабнале Турци и дека сака да се врати во татковината. Во очекување на добра пригода, добил покрив,, храна, облека. Рускиот амбасадор во Париз кнезот Барјатински јавил во Петербург дека момчето сака да учи и дека ги има посетено сите париски музеи.

Петербург

Тревогин стравувал дека во татковината би можеле да го пронајдат оние што ги прелажал и да се пресметаат со него. Свеста за лошата судбина и младешката фантазија го одвлекле во сомнителна авантура, пишува Светлов. Тревогин решил да си ја проба среќата во Азија или во Африка. „Случајно дознал приказна за некој несреќен индиски принц, почнал да се претставува како принцот Голкондски кој останал без престол поради интригите на непријателски расположените роднини и завидливите луѓе.

Тревогин успеал да ги убеди соговорниците дека е принц на (непостоечкото) Голкондско царство, стасал во Париз да побара приврзаници. А, за мистификацијата да биде уште поуверлива му нарачал на царскиот јувелир грб на принцот Јоханан.

Меѓутоа, за сите замисли на Иван му биле потребни пари, па еднаш украл сребро, а француската полиција го уапсила и го однела директно во Бастилја. Во затворот Тревогин детално го разработил државното уредување на своето непостоечко царство, осмислил пари, обележја, титули, универзитети и уште многу други работи. Државното уредување требало да биде просветителски апсолутизам (популарна идеја на западноевропските филозофи од тоа време). Особено внимание посветил на проектот „Храмот на знаењето“, највисоката академија во која работеле научници и луѓе од уметноста.

Измислил дури и голкондски јазик и на него одговарал на сослушувањата пред иследникот на царскиот затвор. Од Бастилја бил префрлен во Петербург каде се нашол во рацете на тајната полиција.

Бастиља

Од Париз до Сибир

Императорката Екатерина Втора одлучила момчето да не го казни строго и да му ги прости младешките грешки. Во 1783 година Тревогин бил осуден на две години робија со тешка работа. Подоцна, 24-годишниот Иван бил испратен во Сибир да служи како војник, иако од војската се плашел уште во Харков.

Меѓутоа, Тревогин од некакви причини им се допаднал на локалните власти кои ги замолиле повисоките инстанции тој да почне да работи како наставник по француски јазик во локалното училиште. Очигледно дека учените луѓе кои наминувале во оддалечените губернии биле ретки. Подоцна тој предавал во приватен пансион и држел часови, но не можел да се врати назад во престолнината зашто бил прогонет, а извештаите за него локалните власти ги испраќале во тајната полиција.

Прогонството во Сибир за Тревогин било извесна оддишка. Конечно можел повеќе да пишува и да продолжи да ги развива своите утописки идеи. Станал речиси пустиник, престанал да предава и почнал да се занимава со литература. Меѓутоа, набргу тешко се разболел и починал на 29 години.

Тајната полиција решила да се осигура и наредила да се запечатат и да се испратат во Петербург сите писанија на покојникот. Гробот да се срамни со земја за да се избегне евентуален аџилак на приврзаниците на мистификациите на Тревогин.

За несудениот принц на измислената држава напишани се неколку историски белешки и авантуристички повести. Сите истражувачи биле воодушевени од фактот дека овој авантурист немал богатство и слава, ами е познат по стекнувањето и ширењето знаење.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња