Најдобриот советски диверзант во Втората светска војна

Плакат. Напад на партизаните на воз.

Плакат. Напад на партизаните на воз.

В. Прагер, И. Доронин
Никој во Црвената армија не можел да се мери со Иљја Старинов кога станува збор за кревање во воздух на непријателските објекти и исфрлање на возовите од шини. Адолф Хитлер лично распишал награда за неговата глава.

Полковникот на инженерските единици Иљја Григорјевич Старинов имал многу прекари: „големиот минер“, „дедо на советскиот спецназ“, „мајстор за диверзии“ и слично.

Иљја Григорјевич Старинов

Во текот на Втората светска војна под негово раководство во воздух биле кренати 257 непријателски објекти, а од шините биле исфрлени 12.000 непријателски ешалони.

Старинов и самиот учествувал во операциите, а се занимавал и со обука на диверзантските и на партизанските одреди. Покрај тоа, лично има смислено цела низа мински полиња и диверзантски техники кои се пуштени во масовно производство.

Шпанија

Минери од бригадата „Народни одмаздници 'Воронански' поставуваат експлозив под шини

Иљја Григорјевич како диверзант добро се покажал во текот на Граѓанската војна во Шпанија, каде во 1936 година бил испратен под псевдонимот „Рудолф“ заедно со група советски стручњаци.

Старинов бил вистински виртуоз. Еднаш го скрил експлозивот во заробена полска кујна, го оставил на мостот и го активирал во моментот кога непријателската колона го преминувала мостот. Во друга пригода го сместил во кутија што ја носело муле без стопан. Франкистите се израдувале на неочекуваниот пронајдок и го одвеле животното во својата единица, сместена во утврден манастир. Одредите на републиканската армија скриени во заседа по експлозијата тргнале во јуриш.

Кога требало да се онеспособи еден важен тунел на делница од патот помеѓу Пењароа и Кордоба мината била маскирана така што личела на автомобилска гума и била сместена помеѓу шините. Ешалонот со муниција ја закачил гумата и ја одвлечкал во тунелот, каде потоа одекнала експлозија. Муницијата детонирала неколку дена и неколку ноќи.

Најголемиот успех во Шпанија бил многу напнат за Старинов. Имено, неговата група била убедена дека патничките возови не сообраќаат по пругите што тие ги минирале во Кордоба. Во една акција биле мошне изненадени кога виделе како кон минираното место се приближува патнички воз кој повеќе не можел да биде запрен.

Народниот комесар за одбрана на СССР Климент Ворошилов му честита на капетанот Иљја Старинов, 1937 година.

„За мене тоа беше тешка ноќ. Не очекував ништо добро од иднината. Знаев дека никакви оправдувања нема да помогнат. Опасност се надви над целата наша работа што ја организиравме со толкав напор“, пишува Иљја Григорјевич во „Записите на диверзантот“. Меѓутоа, по некаква случајност наместо трагедија настапил триумф. Утрото излегло дека патничкиот воз не бил исфрлен од шините, ами композиција на штабот на италијанската воздухопловна дивизија.

Кога се вратил во татковината Старинов за малку не бил подвргнат на репресиите кои тогаш биле во ек. Добро познавал многумина команданти кои биле обвинети за предавство и поради тоа биле стрелани. Уапсен е и Јан Берзин, неговиот непосреден раководител во Шпанија. Прочуениот диверзант од слична судбина го спасил народниот комесар за одбрана, маршалот Климент Ворошилов.

Личен непријател на Хитлер

Партизанско движење во Крим за време на Големата татковинска војна 1941-1945. Партизани поставуваат експлозив под праговите на железничката пруга.

Набргу по влезот на германските единици на територијата на СССР станало јасно дека мора да се организира партизанска диверзантска мрежа во непријателската заднина. Старинов бил потребен повеќе од кога и да.

Во октомври 1941 година се воделе жестоки битки за Харков, голем индустриски центар на советска Украина. На оперативно-инженерската група на Иљја Григорјевич им било доверено да извршат минирање на градот во случај тој да падне во рацете на Германците. Поставени биле 30.000 противтенковски и противпешадиски мини, околу 2.000 мини со одложено дејство и над 5.000 лажни мини, односно имитации на чие деминирање непријателот морал да потроши време и ресурси.

Харков, Плоштад „Роза Луксембург“ што фашистите го окупирале на 11 ноември 1941 година. Поглед од Пролетерскиот плоштад.

Покрај тоа, Старинов на Германците им подготвил посебна замка. Во подрумот на луксузна куќа во центарот на Харков, за која се претпоставувало дека ќе биде избрана за седиште на непријателската команда, поставил радиомина, која била добро скриена во подот на котларницата. Како мамка над неа во јагленот скрил мина која не требало да експлодира, ами само да послужи како „мамка“.

И навистина, германските деминери ја откриле оваа советска мина во купот јаглен и ја неутрализирале, а потоа во куќата отседнал генерал-лајтнант Георг фон Браун, заедно со штабот на 68 пешадиска дивизија. На 14 ноември во 5 часот наутро вистинската мина била активирана со помош на радиосигнал од положба оддалечена 300 километри од Харков. Во моќната експлозија загинал Браун и целата команда на дивизијата.

Кога воената разузнавачка служба на Третиот рајх дознала кој ја организирал диверзијата, Хитлер за главата на Иљја Старинов распишал награда од 200.000 германски марки.

Германците, меѓутоа, не успеале да го фатат дрскиот диверзант. Иљја Григорјевич до крајот на војната организирал партизанска борба во непријателската заднина, ја надгледувал соработката помеѓу советските единици на Народноослободителната војска на Југославија и раководел со деминирање на пругите во Унгарија и во Германија.

Дедото на рускиот спецназ

Во повоениот период Иљја Старинов се посветил на предавања во образовните установи на КГБ. Обучил повеќе од десетина високи професионалци на спецназ кој нагалено го нарекувале „дедо“.

Старинов е добитник на неколку десетина признанија, но ниту еднаш не го добил звањето Херој на Советскиот Сојуз. Двапати била покрената иницијатива да се истакне негова кандидатура, но и двата пати таа намера пропаднала. За сето тоа е виновен отворениот и непосреден карактер на прочуениот диверзант и неговата навика да им го каже во лице она што го мисли на своите претпоставени.

Иљја Григорјевич не станал генерал, но нему тоа не му ни било многу важно. „Подобро е да се биде жив полковник, одошто мртов маршал“, велел Старинов. Живеел сто години.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња