Продавницата „Изотопи“
А. Лобов/SputnikСитуацијата во која можете да набавите радиоактивни материи така што ќе отидете во продавница денес е речиси незамислива. „Продавница на младиот терорист“, вака денес на шега се коментира постоењето на продавницата „Изотопи“ во СССР. Продавницата во која пазареле и странци не била популарна само во Советскиот Сојуз, ами се занимавала и со извоз.
Продавницата се наоѓала на Ленинската авенија, улицата која води кон центарот на Москва. На покривот се наоѓала огромна неонска реклама со слика на атом во четири бои и натпис на три јазика „Atome pour la paix”, „Атом для мира”, „Atom for peace”, односно „Атом за мир“. Токму оваа синтагма ја објаснувала подобро од сè друго причината за постоењето на еден ваков објект. Кон крајот на педесеттите години од минатиот век Советскиот Сојуз ставал акцент на „нуклеарната енергија во мирољубиви цели“. Станувало збор за тоа радиоактивноста да влезе во секојдневниот живот на советскиот човек и да почне да му помага во сè, да складира компири, да се ослободи од отпадните води, па дури и да ја преброи рибата.
За отворањето на оваа продавница заслужно е всушност 25-годишното постаро откритие до кое се дошло во 1934 година. Имено, францускиот физичар Фредерик Жолио докажал дека човекот може да создаде радиоактивност. Неверојатна идеја за тоа време. Претходно се сметало дека вештачката радијација не само што не е можна, ами е и невозможно да се управува (да се забавува или да се забрзува) радиоактивното зрачење, зашто тоа е внатреатомски, самостоен процес. Кири го покажа спротивното, озрачувајќи алуминиум со полониум и како резултат на радиоактивното распаѓање добиена е атомска срцевина на фосфор што не постои во природата. Со други зборови, радиоактивен изотоп.
Најшокантен во ова откритие бил фактот што изотопот ја зачувал радиоактивноста само кусо и дека неговото зрачење било лесно да се регистрира. Токму овие карактеристики им го отвориле на изотопите патот кон индустријата, науката, медицината, па дури и кон светот на уметноста. По само една година од откривањето на вештачката радиоактивност, научниците добија над педесет радиоактивни изотопи.
Со помош на изотопи се броела рибата без да се вади од вода, се мерела густината на крзното, се проверувало дали билките добро го апсорбираат ѓубривото, каде тече гас во гасоводот, се определувала влажноста на земјиштето, се дијагностицирал гастритис, труење или рак, се маркирале вредни уметнички предмети, филигрански производи, пари или се озрачувал компирот за да се спречи ‘ртење.
И ова е само мал дел од примената на изотопите. Кон средината на педесеттите години од минатиот век се добил впечаток дела Советите сакаат да ги префрлат на изотопи речиси сите области. Од аголот на надворешната политика тоа изгледало атрактивно. Со својата мирољубива атомска агенда СССР на сите начини се спротивставувал на милитаристичките Соединети Американски Држави кои ја бомбардираа Хирошима.
„Во што е големината на советскиот атом? Во тоа што тој е демобилизиран. Да, така е! Тој кај нас ја симна воената униформа и го облече работничкиот мантил. Изотопите се атоми во работен мантил, мирни трудбеници“, пишуваше списанието „Огоњок“ во 1960 година.
Продавницата, всушност, никогаш не беше обична. Почнувајќи од тоа што реактивите не се продаваа на сите, ами на оние кои имаа право на тоа. А, со оглед на тоа дека обичниот човек немаше право да оди таму, сите жители на Москва не знаеја дека се продава такво нешто. Љубопитните посетители ги чекаше разочарување. „Таму беше празно и здодевно, ниту блесок од жива, ниту грандиозни урански полуги. Како во музеј без поставка“, се сеќава Виктор од Москва.
Се бараше потврда од работа дека имате право да ја купите оваа стока. Затоа можеле да ја купуваат претставници на комбинати, на фабрики и на научно-истражувачки институти.
Изотопите се продавале во контејнери кои штителе од радијација и морале да се вратат во продавницата во рок од петнаесет дена. Продавачите биле на должност „научен раководител на продавницата“ и се вработувале само оние кои се разбирале. Според форматот продавницата „Изотопи“ повеќе личела на сала за демонстрација, одошто на класична продавница со тезги со оглед на тоа што производот не можел да се види непосредно. Притоа, стоката ја испорачувало директно Министерството за внатрешни работи.
Се чинело дека претпријатието морало да биде суперуспешно и долговечно со толкава побарувачка на изотопи. Во педесеттите години од минатиот век дошло до бум на радиоизотопна техника и опрема која била мошне едноставна и евтина и практично станала синоним за зборот „автоматизација“. Меѓутоа, ситуацијата не била толку недвосмислена и едноставна.
Во социјалистичкото планско стопанство во кое дефицитот бил вообичаена појава, испораката на изотопите била нередовна и постоеле проблеми со пакувањето и со транспортот.
Оваа радијациска закана предизвикала бројни недоумици кај советската пошта која набргу се нашла пред дилемата на кој начин да ги транспортира изотопите без опасност по средината. Згора на тоа проблемите во советскиот систем не се однесувале само на непосредната испорака на супстанците, ами и на заштитната опрема.
Дефицитот, логистичките проблеми, пакувањето, транспортот, средствата за безбедност доведоа до намалување на еуфоријата во врска со изотопите во Советскиот Сојуз. Но, не и надвор од неговите граници. Советските изотопи, благодарение на високиот квалитет и на ниската цена, високо се ценеле на западниот пазар.
За пример, еден грам високообогатен изотоп можел да се продаде за неколку илјади долари. Но, освен државниот монопол кој ги правел овие производи, со нелегален извоз се занимавале и самите научници од различни советски научно-истражувачки институти. На запад обично им плаќале со научна опрема или со можност за спроведување истражувања во странските лаборатории.
Зад ваквите работи по правило стоеле договорите за меѓународна научно-техничка соработка.
Од деведесеттите години од минатиот век ваквиот извоз имал масовен карактер и со него се занимавале приватни компании кои биле поврзани со институтите. Продавницата „Изотопи“ беше затворена непосредно пред распаѓањето на Советскиот Сојуз. На нејзино место во 1990 година беше отворена првата продавница во земјата за полароид камери „Светозор“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче