Зошто Норвежаните во тајност ископувале останки на илјадници советски војници?

Sandivas; Archive photo; Russia beyond
По налог на норвешката влада делови од телата биле пакувани во вреќи за асфалт, а спомениците на гробовите биле кревани во воздух. Обичните Норвежани не биле помалку револтирани од Советскиот Сојуз во врска со она што се случувало.

Летото 1951 година Норвешка започна една од најдоверливите операции во својата историја позната под името „Асфалт“. Останките на илјада советски војници кои биле погребани ширум оваа земја во тајност се ексхумирани и носени на гробиштата на остров во Норвешкото море. Што го поттикнало раководството на оваа скандинавска земја на ваков чекор?

Извори на конфликтот 

Околу сто илјади советски воени заробеници се наоѓаа во Норвешка за време на Втората светска војна. Германците ги користеа за тешка работа при ископување руда и изградба на одбранбени утврдувања кои се подигаа во случај на десант на сојузниците.

Над 13 илјади од овие воени заробеници загинале и биле погребани во неколку стотини гробници, главно на северот од земјата. Во повоениот период Норвешка и Советскиот Сојуз заедно водеа сметка за нив.

Меѓутоа со текот на времето почна да збувнува Студената војна и паралелно растеше сомнежот на Норвешка (се приклучи на НАТО во 1949 година) кон источниот сосед. Со оглед на тоа што соработката на двете земји подразбираше редовна посета на гробиштата од страна на советски функционери, делегации и дипломати, во Осло стравуваа дека на овој начин во Норвешка можат да дојдат и соработници на разузнавачките служби на СССР.

Не беше можно сите советски државјани кои ги посетуваа бројните гробишта ширум Норвешка да бидат надгледувани. Со цел комплетна контрола и оневозможување на создавање широка и ефикасна советска разузнавачка мрежа во земјата, норвешката влада одлучи да ги отстрани споменатите гробишта, да ги ексхумира останките и да ги пренесе на гробиштата на островот Хјета.

Операцијата „Асфалт“

Кога летото 1951 година започна Корејската војна која ги искомлицира и онака сложените односи помеѓу Западот и Истокот, Министерството за одбрана на Норвешка започна со реализација на тајната операција „Асфалт“. Називот го доби по вреќите за асфалт во кои беа пренесувани останките.

Ексхумацијата се спроведуваше тајно, се работеше главно ноќе. На многу гробишта спомениците мораа да бидат кренати во воздух, зашто не можеше да се дојде до гробовите на друг начин.

Тор Стефансен учествувал во ископувањето останки на советските војници во Финмарк. „Ги собиравме деловите од телата во вреќи. Насекаде околу нас имаше нозе, коски, ребра. Многу често деловите им припаѓаа на различни луѓе, а остатоците од еден ист човек можеа да завршат во неколку вреќи. Во труповите имаше многу земја, а покрај тоа се ширеше и ужасна реа“, се сеќава Стефансен.

Според него многумина по оваа работа доживеале нервен слом.

Товарните бродови кои од различни места во Норвешка довезуваа остатоци на советските војници на островот Тјота, мораа постојано да се дезинфицираат со хлор, каустична сода и фенол. Јан Броволд кој работел на истовар се сеќава дека бродовите биле натрупани со вреќи со делови од тела. „Беа ставени како тули, од задниот дел до крмата, по должината на целиот брод“.

Неприфаќање

Без оглед на тоа што операцијата имаше таен карактер, есента информациите стасаа до медиумите. Набргу во норвешкото општество „Асфалт“ предизвика вистински скандал.

Подвижна сила на протестите станаа левите сили во земјата, пред сè Комунистичката партија на Норвешка. Меѓутоа, и нивните политички противници изразуваа остар негативен однос кон акцијата на Министерството за одбрана. Лидерот на Конзервативната партија Карл Јоаким Хамбро овој настан го нарече „крајно одвратен чин“.

Најголемо незадоволство покажуваа жителите на оние региони во кои се вршеше ексхумацијата. Втората светска војна беше релативно неодамна завршена, а многумина Норвежани сè уште се сеќаваа на советските воени заробеници на кои настојуваа да им помогнат да се прехранат колку што можеле. Во голем дел благодарение токму ним заробеништвото во Норвешка успеаја да го преживеат голем број војници на Црвената армија.

Демонстрантите ја обвинија власта за сквернавење на гробовите и за варварство. Тие протестираа пред зградата на парламентот во Осло, а во градот Мо и Рана успеаја да ја запрат ексхумацијата.

На ископувањето и на повторното погребување остро реагираше и Советскиот Сојуз кое норвешкото раководство го извести за оваа акција на самиот нејзин крај. Официјално пренесувањето на останките беше образложено со желба да им се олесни на советските државјани посетата на гробиштата.

Во протестните ноти што ги упатуваа советските дипломати беше укажувано на „бришењето на сеќавањата на советските војници“ и на „непријателскиот чин кон Советскиот Сојуз“. Особено ги револтираше демонтажата, а во определени случаи и уништувањето на спомениците.

Зимата 1951 година операцијата „Асфалт“ беше завршена. Таа опфати околу 200 гробишта во целата земја. На крајот според податоците од норвешкото Министерство за надворешни работи на островот Тјота однесени биле останки на 8.804 советски воени заробеници, меѓу кои 978 можеле да се идентификуваат.

Без оглед на тоа што Советскиот Сојуз и Норвешка ја продолжија соработката во однос на војниците на Црвената армија погребани во оваа скандинавска земја, односите помеѓу двете земји на подолга патека беа разнишани.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња