Одеската операција што ја спроведуваа Третиот Украински фронт и Црноморската флота започна на 26 март 1944 година. За совладување на стратешки важниот град Николаев командантот на 28 армија генерал-лајтнант Алексеј Гречкин нареди да се изврши десант со морнаричка пешадија во заднината на главниот театар на борбените дејствија со цел поставување мостобрани и одвраќање на вниманието на германската војска. За оваа задача беа одбрани луѓе од 384 посебен баталјон на морската пешадија. Десантот од 68 лица го водеше постариот поручник Константин Фјодорович Ољшански.
Константин Ољшански
ВикипедијаДесантот беше изведен ноќе во стари рибарски чамци во кои се искачи одред понтонираци и минери. Поради неповолниот ветар целата операција на десантот траеше неколку часа. Морнаричките пешадинци беа добро снабдени, особено со многу автоматско оружје, а секој војник носеше по 2.000 куршуми и десет бомби, што ќе се покаже пресудно за операцијата.
Први во трговското пристаниште Николаев излегоа минерите за да го расчистат патот на морнаричката пешадија. Во 4 часа и 15 минути на 26 март 1944 година започна излегувањето. Со брзи напади зазедоа кружна одбрана околу крановите и лифтовите на брегот. Офицерите за врска предадоа радиограм за успехот во првиот дел од операцијата. Во текот на самото заземање одбраната на десантот ја претрпе првата жртва: од мина загина старешината Василиј Бачурин.
Германците дури следното утро кога се раздени сфатија дека лифтовите се заземени. Меѓутоа, во прв момент мислеа дека станува збор за партизани, па за уништување на десантот употребија мала сила, неколку чети. На нивно изненадување ги пречека урагански оган. По претрпените загуби Германците се реорганизираа и се подготвија за нов напад. Овој пат привлекоа два баталјони со минофрлачи и два тенка. Цел 26 март помина во наизменични напади при кои се користеа димни завеси и фрлачи на пламен. Но, морнаричките пешадинци ги држеа положбите и покрај значителната разлика во сила. Вечерта на 26 март постариот поручник Ољшански испрати радиограм: „Непријателот напаѓа. Состојбата е многу тешка. Ве молам гаѓајте со артилерија по мене. Брзо! Ољшански“.
Целиот следен ден нападите продолжија во бранови. Германците концентрираа сили поголеми од три баталјони. Во однос на претходниот, бројот на бранители беше сведен на само 16. Двајцата офицери за врска загинаа, така што беше невозможно да се предаде радиограм. Ољшански продолжи да командува со одредот. На искусниот извидувач Јуриј Лицин му било наредено да се пробие низ германските положби преку реката и да достави порака во која се бара поддршка од воздух. Јуриј успеа да ја изврши задачата и покрај тоа што нагази на мина за време на преминувањето на линијата на разграничување.
Она што се случуваше влезе во аналите на херојството. Кога борбата дојде „до ашови и ножеви“ на блиско растојание војникот Дермановски се фрли на германски офицер, го гушна и почна да го коле со забите. Така и загина. Германците продолжија со нападот со помош на два тенка откако бранителите останаа без противтенковски пушки. Војникот Валентин Ходорев со два врзопи гранати успеа да уништи еден германски тенк, при што загина во подвигот.
Кратко потоа загина и Ољшански по што командата ја презеде Кирил Бочкович. Утрото на 28 март преостанатите бранители добија поддршка од авион Ил-1 и притоа го одбија последниот осумнаесетти напад од Германците. Пораката што ја испрати Јуриј Лицин беше спасоносна за останатите бранители.
Во текот на ноќта на 28 март 61 гардиска и 243 пешадиска дивизија ја форсираа реката Унгул и од север се пробија во градот Николаев. Од исток во градот влегоа делови на 5 ударна армија. Во тој момент меѓу живите останаа само 11 „Спартанци“, сите беа ранети, додека петмина од нив беа на умирање. За овој несекојдневен подвиг командирот на баталјонот мајор Катанов веднаш извести: „одредот на постариот поручник Ољшански за два дека успеа да одбие 18 непријателски напади, убивајќи и ранувајќи повеќе од 700 хитлеровци, уништувајќи притоа неколку тенкови и оружје на противникот, посеа паника во заднината на непријателот и спречи уништување на пристаништето и на лифтот“.
Германците до крај беа уверени дека водат борба со крупни десантни сили. Заробениот поручник Рудолф Шварц рече дека „командата на Николаевскиот гарнизон беше многу загрижена зашто за толку кус период изгубила сили на речиси цел баталјон. Не ни беше јасно како толку крупни руски сили дојдоа до пристаништето“.
Ослободувањето на градот Николаев беше одбележано во Москва на 28 март со истрел од 224 оружја. Сите 55 морнарички пешадинци добија орден херој на Советскиот Сојуз, иако за жал повеќето постхумно.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче