Како градежниот потфат на столетието стана мртвороденче

Виталиј Иванов/Global Look Press
Пругата во бескрајното беспаќе над Поларниот круг започнала да се гради по налог на Сталин, но по неговата смрт овој проект бил веднаш запрен.

Моќен, суров и бескраен, Северот отсекогаш го привлекувал човекот и му влевал надеж дека еден ден ќе стане пристапен за него. Ова, меѓутоа, не било едноставно да се изведе. Проектите поврзани со изградбата на инфраструктура на северните територии се правени во Руската Империја и во првите години на СССР, но секогаш останувале само на хартија.

Во Големата татковинска војна се покажало дека Мурманск како главно пристаниште на Северниот морски пат е во дофат на непријателот и лесно може да биде нападнат, па дури и заземен. Јосиф Сталин дошол до заклучок дека е потребно ново пристаниште, колку што е можно подалеку од копнените граници, и дека до него треба да води железничка пруга.

Изградбата на Трансполарната железничка магистрала

На почетокот било планирано пристаништето да се направи во близина на Камениот ‘рт на полуостровот Јамал. Работата започнала во 1947 година. Како работна сила биле користени затвореници од Гулагот. Едни го подигале морското пристаниште, додека други ја граделе железницата, почнувајќи од Печорската магистрала. Требало да бидат изградени над 700 километри пруга. Целата работа ја надгледувала Главната управа на логорот за изградба на железници на МВР на СССР.

Изградбата на Трансполарната железничка магистрала.

Проектот, меѓутоа, не бил до крај добро осмислен. По една година излегло дека во близина на камениот ‘рт морето не е доволно длабоко за големи бродови, што значи дека тука не можело да се гради пристаниште. Во меѓувреме пругата стасала до станицата Лабитнанги на брегот на реката Об (во близина веќе се наоѓал Салехард). Понатаму не можело да се гради зашто излегло дека мочуришната тундра не е погодно тло за изградба на каква било инфраструктура. Така градежниот потфат со ознака 501 бил завршен.

Изградбата на Трансполарната железничка магистрала.

Тогаш Сталин дошол до заклучок дека новото пристаниште може да се помести понатаму на исток, на пример во Игарка. Тоа значело дека треба да се изгради пруга од Салехард до Игарка, односно околу 1.260 километри, со тоа што преку Об и Енисеј наместо пруга би сообраќало скеле. Така се појавиле градежните потфати со ознаките 502 и 503.

Со големи жртви

И повторно започнала работата. Со овој проект толку се брзало што немало време за комплетно испитување на теренот. И повторно на градилиштето биле испратени затвореници. Нивниот точен број сè уште не е утврден. Според едни извори имало над 100.000, а според други околу 80.000 луѓе.

Изградбата на Трансполарната железничка магистрала.

Најтешко им било на првите затвореници. Тие подигале логори оддалечени неколку километри еден од друг и извесно време живееле во шатори од церада или во бункери, сè дури не подигнеле дрвени бараки и дури не го ограделе просторот со бодликава жица.

Изградбата на Трансполарната железничка магистрала.

Огромен дел од работата се одвивала рачно. Најтешки биле земјаните работи. Затворениците исушиле многубројни мочуришта. Честo имало лизгалишта зашто земјиштето не било погодно за изградба, така што многу пати морале да почнуваат од почеток.

Изградбата на Трансполарната железничка магистрала.

Не се знае колку луѓе го изгубиле својот живот во овие работи. Тогаш никој не ги броел мртвите. Нивните тела се фрлале во мочуриште или биле погребувани во заеднички гробници. Сè уште се зачувани надгробни знаци од споени штици, и тоа не се никакви знаци на патот, ами своевидни надгробни споменици. Под секој од нив се погребани неколку луѓе. Таму се наоѓаат посмртните останки на затворениците, но и на чуварите и на инженерите. Сите учесници во изградбата имале исти услови за живот. Никој не бил подготвен за суровата клима на рускиот Север каде секој ден се водела борба за опстанок.

Но, изградбата напредувала и покрај многубројните тешкотии. Со текот на времето луѓето се прилагодиле на зимските мразови и на летните облаци од комарци. За пругата биле користени лесни шини, најмногу 30 килограми за метар пруга. Работната сила била доведувана од Гулаг, но се чувствувал недостиг на стручњаци и техничари. Поради тоа, често наместо трактори биле користени стари тенкови од кои била тргната куполата, а стручњаци се барале меѓу затворениците.

Пролетта 1953 година биле завршени неколку стотини километри пруга кај Нови Уренгој. Започнале да сообраќаат и возови. За волја на вистината, на определени делници морале да се движат со 10 километри на час.

Неостварлив сон

Советското раководство во 1949 година донело одлука за изградба на поларна пруга од Игарка до Салехард со вкупна должина од 1.263 километри.

Целиот проект бил реализиран спонтано и на почетокот бил финансиран според потребите. Не постоела однапред утврдена пресметка. Според официјалната верзија „градежниот потфат на столетието“ чинел 1.8 милијарди рубли. Тоа е голема сума, но Бајкалско-амурската железничка магистрала ја чинела државата десет пати повеќе. Имено, во 1991 година е пресметано дека трошоците за изградбата на БАМ изнесувала 17.7 милијарди рубли.

Советското раководство во 1949 година донело одлука за изградба на поларна пруга од Игарка до Салехард со вкупна должина од 1.263 километри.

Пролетта 1953 година работите биле нагло запрени. Починал Сталин и Советот на министри на СССР донел одлука сите работи да бидат прекинати. Потоа Лаврентиј Берија, кој во меѓувреме дојде на чело на обединетото Министерство за внатрешни работи и државна безбедност објави амнестија на над милион затвореници. Еден дел од работниците биле ослободени, а останатите биле префрлени на Урал. Потоа определени делници на пругата биле демонтирани, но поголемиот дел од пругата едноставно бил напуштен.

Трансполарната магистрала во 2004 година. Делница Салехард-Надим.

Излезе дека луѓето шест години работеле сосема бескорисна работа. Од целиот крупен и скап проект, Министерството за сообраќај го има одобрено и дозволено за постојана експлоатација само еден дел од железничката пруга: Чум-Лабитнанги, а Министерството за комуникација ја прифатло спроведената телефонска линија. Сето останато е отпишано и напуштено.

Споменик на градителите на пругата 501.

Со текот на времето пругата стана музеј под отворено небо. Насипите пропаднаа, шините зарѓаа, а меѓу праговите растат грмушки и дрвја. Народот несудената Трансполарна железничка магистрала ја нарече „Мртва пруга“.

Маска за заштита од студ. Ткаенина, вата. Градежен проект број 501. 1949-1954 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња