И покрај навидум непремостливите идеолошки разлики, од Фокландската војна во 1982 година диктаторска Аргентина стана поблиска на Либија, на Куба и на другите држави блиски на Советскиот Сојуз.
Само една недела по започнувањето на аргентинската операција за освојување на Фокландските острови, како што за Infobae пишува Хуан Батиста „Тато“ Жофре (аргентински книжевник и политичар, секретар на разузнавачко-безбедносната агенција 1989-1999), амбасадорот на Кастро во Аргентина Емилио Аргоњес Наваро на 9 ноември 1982 година стасал во Буенос Аирес. Наваро следниот ден во 13 часот и 45 минути влегол во канцеларијата на генерал Галтијери. Разговорот, како што тврди Баутиста Жофре, е снимен и се одвива вака:
Наваро: Дојдов да ви кажам дека Куба ќе направи онака како што вие ќе решите, колку далеку сакате да одите, ќе оди и Куба...
Галтијери: Кажете му на Кастро дека без оглед колкави се разликите меѓу нас, можеме да разговараме. Ви благодарам за оваа американска, латиноамериканска солидарност, ние сме Латиноамериканци. Меѓу нас постојат разлики...
Наваро: Ние сме членови на исто семејство, но од други држави.
Галтијери: Меѓу нас постојат разлики, но сите тие се дискутабилни. Го ценам вашиот гест. Аргентина тоа нема да го заборави.
Наваро: Но, овој гест може да се претвори во факт. Тоа е она што сакам јасно да ви го пренесам. Ова е мошне промислен предлог и зад него стои волјата да се направи она што е потребно... Да се испрати подморница и да се потопи брод... Што и да треба...
Галтијери: Аргентина тоа нема да ви го заборави ниту сега, нити по долга низа години...
Наваро: Ми се допаѓа што ова обврзува... Макар и само на приватно ниво...
Галтијери и генералот Оскар Луис Жофре, 1982 година.
Јавна сопственостКубанската морнарица од 1978 до 1983 година имала шест оперативни советски патролни дизел-електрични подморници од проектот 641 (НАТО ознака: Фокстрот).
Класата Фокстрот, која во служба влегла кон крајот на педесеттите години од минатиот век, според перформансите и вооружувањето се споредувала со поголемиот број современи подморници. Меѓутоа, овие подморници биле побучни од поголемиот број западни модели.
Foxtrot
Јавна сопственостПрвата подморница што ја добила Куба била Б-309, изградена во бродоградилиштето број 01299 во Ленинград. Била вооружена со десет торпедни цевки и со 22 торпеда. Посадата била составена од 77 лица.
Martin SP-5B Marlin на американската морнарица во лет над советската подморница Б-36 од проектот 641 во текот на Кубанската ракетна криза во 1962 година.
Јавна сопственостОстанатите единици од истиот модел стасале на островот од бродоградилиштето во Ленинград во периодот од 1980 до 1984 година.
Меѓутоа, вниманието на западните медиуми го привлекол еден друг модел. „Њујорк тајмс“ на 14 април 1982 година објави статија во која тврдеше дека, според извори во НАТО, на ова подрачје е откриено присуство на советска подморница од проектот 659 или 675 (НАТО ознака: Ехо I и II), кои биле пренасочени од своите вообичаени позиции кон Индискиот океан и кон водите јужно од ‘Ртот на добрата надеж.
Тоа се нуклеарни подморници со депласаман од 5.800 тони. Нивното вооружување било застрашувачко: 8 крстосувачки ракети СС-Н-12 и 20 торпеда.
Советска подморница од проектот 675
Јавна сопственостТешко е да се поверува дека проектот 641 со кубанска посада можел да се приближи на британски брод како што е HMS Invincible, со оглед на технологијата за детекција и на противподморничките средства, и да го потопи.
Според американски извори, Кубанците заедно со СССР договарале напад на британската флота и сакале да го изведат на тој начин што потоа целиот свет за нападот би ја обвинил аргентинската подморница.
Меѓутоа, не звучи многу убедливо дека раководството на СССР би ризикувало избивање Трета светска војна поради остров кој е оддалечен 15 илјади километри на кој највредни ресурси се овците...
Меѓутоа, да стануваше збор за модерна советска подморница која напаѓа носач на авион? 20.600 тони метал би можеле да се претворат во хотел за октоподи, риби и алги. Приказната би била сосема поинаква.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче