Како советско момче од еврејска националност стана „син на СС-легион“

Алекс Курзем (трети оддесно) со пушка на рамото, во друштво на нацистички СС-офицери за време на Втората светска војна.

Алекс Курзем (трети оддесно) со пушка на рамото, во друштво на нацистички СС-офицери за време на Втората светска војна.

AFP
„Најмладиот нацист на Рајхот“ Алекс Курзем бил омилен јунак на германската пропаганда. Само мал број луѓе знаеле кое било всушност ова момче.

„Целиот живот морав да го кријам својот идентитет. Никој не смееше да дознае за моето еврејско потекло“, изјави тој половина век подоцна, веќе како австралиски државјанин Алекс Курзем, кој е роден како Иљја Гаљперин. Неговите пријатели, па дури и членовите на семејството не знаеле дека тој, иако Евреин по националност, своевремено бил питомец и „талисман“ на СС-единица.

Сираче

Иљја имал само пет години кога нацистите во октомври 1941 година во неговиот роден град Ѕержинск во близина на Минск погубиле стотици Евреи, а меѓу нив и неговата мајка, неговиот брат и сестра му. Тој се скрил во шумата и преживеал, но останал сосема сам.

Деветгодишниот или десетгодишен Алекс Курзем седи на маса, околу 1944 година.

Талкал низ шумата, се хранел со плодови и преноќувал на дрвја, плашејќи се од волци. За да не смрзне им ја симнувал облеката на загинатите војници. Кога ќе зачукал на нечија врата, ќе добиле понекогаш храна и преноќиште, но никој не смеел подолго да го држи во куќата.

Еден селанец препознал дека момчето е избеган Евреин, го истепал и им го одвел на Германците од 18 латвиски полициски баталјон „Курземс“ кој се борел против партизаните и организирал казнени експедиции против еврејското население на подрачјето на Минск.

Во моментот додека се подготвувал за смрт, Иљја му се обратил на војникот кој стоел покрај него и го прашал: „Додека не сте ме убиле, можете ли да ми дадете парченце леб?“ Тој го одвел настрана и му рекол засекогаш да заборави на своето еврејско потекло и дека во иднина треба да се претставува како руско сираче, ако сака да преживее.

„Борбен“ пат

Алекс Курзем во својата втора нацистичка униформа, околу 1943 година.

Латвиците го прифатиле сирачето и му дале име Алекс Курзем, по западната област на Латвија. Иљја-Алекс во баталјонот извршувал домашни работи, им ги чистел чизмите на војниците, палел оган, носел вода... Добил униформа, мала пушка и пиштол, и станал „син на полкот“, питомец и талисман на латвиската нацистичка единица.

Со својот баталјон минал низ цела Белорусија и бил сведок на масовни погубувања и на брутални казнени операции. „Бев принуден да гледам сè што се случува“, се сеќаваше Курзем. „Јас не можев да ја запрам војната. Ме зедоа луѓе кои ги правеа сите тие злосторства. Не можев ништо да направам, ама баш ништо. Знаев дека тоа е лошо, плачев... Понекогаш жалев што не ме стрелаа заедно со мајка ми“.

На 1 јуни 1943 година баталјонот беше припоен на Латвискиот доброволен СС-легион, така што Курзем добил нова униформа. „Најмладиот нацист на Рајхот“ станал чест гостин на страниците на германските весници и во кадрите на филмската хроника.

Нов живот

Алекс Курзем чита фрагменти со детали од својот живот. Мелбурн, 29 август 2007 година.

Кога воената среќа ги напуштила Германците, казнената единици на латвиските есесовци била принудена да учествува во вистински борбени дејствија против вооружените војници на Црвената армија. Тогаш Алекс бил испратен во заднината, во Рига. Таму го посвоило семејството на директорот на локалната фабрика за чоколада Екабс Ѕенис. Со неа тој најпрво се преселил во Германија, а во 1949 година во Австралија.

Алекс Курзем долго ја чувал тајната, дури и од членовите на своето семејство. А, кога во 1977 година ги открил непријатните детали од своето детство, некои пријатели му го свртеле грбот. Еврејската заедница во Мелбурн остро го критикуваше поради доброволното стапување во СС-единицата и поради тоа што не чувствувал силна омраза кон нацистите.

„Омразата нема да ми помогне“, одговори на тоа Курзем-Гаљперин. „Таков сум каков што сум... Роден сум како Евреин, ме одгледаа нацистите и Латвици, и венчан сум во католичка црква“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња