Зошто СССР соборил два шведски авиона?

Getty Images, Public Domain
Соборувањето на едниот авион предизвика голем меѓународен скандал, додека инцидентот со другиот авион беше час поскоро прикриен.

Еден по друг

„Каталина„ што ја собориле Советите.

Во утринските часови на 13 јуни 1952 година над Балтичкото море без трага исчезна транспортниот авион ДЦ-3 со осум членови на екипажот. Авионот му припаѓаше на Шведското воено воздухопловство. Како што изјавија претставници на шведскиот државен и воен врв, авионот извршувал редовен вежбовен лет.

Москва негираше каква било вмешаност во овој инцидент. Меѓутоа, на 16 јуни советски ловци МиГ-15 соборија шведски хидроавион PBY-5 Katalina кој учествуваше во потрага по остатоците од првиот соборен авион. „Каталина“ принудно слета на вода, по што сите пет членови на екипажот од вода ги собра западногермански товарен брод кој се нашол тука.

Скандал

Написи во шведските весници посветени на „случајот Каталина“ и Швеѓани пред руската амбасада во Стокхолм по соборувањето на нивниот авион.

Русија и Шведска беа на работ на прекинување на дипломатските односи. Швеѓаните тврдеа дека „Каталина“ е нападната во меѓународни води, додека советската страна сметаше дека хидроавионот го повредил воздушниот простор на СССР.

Тоа не беше обичен авион

Како што излезе за време на истрагата поврзана со „Каталина“, спроведена по распаѓањето на Советскиот Сојуз, ниту едната, ниту другата страна не ја зборувале вистината за исчезнатиот авион DC-3 со осум членови на екипажот.

DC-3 – авион на шведското воено воздухопловство Tp 79 Hugin.

DC-3 не извршувал вежбовен лет. Бил опремен со тајна апаратура со чија помош вршел радиоелекторнско набљудување на новиот советски радар кој бил поставен во близина на градот Лиепај во западниот дел на Латвија. Шведска планирала овие информации да ги проследи до НАТО во замена за неопходна електронска опрема.

Авионот имал и соодветен назив. Се нарекувал „Хугин“, по Одиновиот гавран во скандинавската митологија кој летал по целиот свет и го известувал својот господар за тоа што се случува.

Во авионот имало стручњаци, техничари и офицери на шведското министерство за одбрана. Покрај осумтемина Швеѓани во авионот можеби се наоѓал и еден Американец, претставник на Северноатлантската алијанса, но овој податок не е потврден.

На шведските власти им одговарало да го скријат исчезнувањето на авионот DC-3, така што инцидентот со нападот на „Каталина“ дошол добро.

Огнен пречек

Фрагмент од шведскиот авион DC-3 со сериски број 79001 во Шведскиот музеј на воздухопловството во Линѓепинг.

Од друга страна, СССР одрекувал каква било врска со исчезнувањето на шведскиот авион, иако всушност го собориле советски пилоти. Интересно е што „Хугин“ бил соборен додека се приближувал на советскиот воздушен простор (фрагменти од авионот се пронајдени во 2003 година северно од островот Готланд).

Москва знаела за тајната воена соработка што по Втората светска војна ја воспоставила неутралната Шведска со САД и со Велика Британија, така што Советите фактички само чекале „гавранот“ да долета.

Набљудувачките авиони на Шведска од 1948 година редовно му се приближувале на советскиот воздушен простор, што ја иритирало советската власт. На крајот на 12 јуни 1952 година советскиот пилот Григориј Осински во авион МиГ-15 добил наредба да го нападне шведскиот авион DC-3 иако тој не го нарушил советскиот воздушен простор.

Деталите од „случајот Каталина“ беа обелоденети во Шведска и во Русија дури 40 години подоцна. За волја на вистината, Никита Хрушчов уште во 1956 година во таен разговор со премиерот Таге Ерландер признал дека советскиот МиГ соборил шведско летало, но не сметал дека за тоа треба да ја извести советската јавност.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња