Како германските „камикаѕи“ ја тероризирале Црвената армија

Focke Wulf Fw 200 'Condor'

Focke Wulf Fw 200 'Condor'

Scherl/Global Look Press
Сите имаат слушнато за јапонските пилоти-самоубијци, таканаречените камикаѕи, кои ги соборувале американските авиони, забивајќи се во нив и така заминувале во смрт. Но, ретко кој знае дека тие не се единствените пилоти кои свесно учествувале во самоубиствени мисии. Во Третиот рајх била основана слична единица фанатици која се борела против советската војска.

Ескадрилата „Леонида“

„Доброволно се согласувам да стапам во групата самоубијци како пилот за наведување бомби. Целосно сум свесен дека учеството во ваква активност ќе доведе до мое загинување“, ова се зборовите што биле дел од изјавата за прием во 5 ескадрила на 200 ескадра на бомбардери на Луфтвафе, чија задача била по цена на животот на германските пилоти да биде запрено напредувањето на сојузничките сили. Во текот на целата војна на оваа ескадрила се приклучиле над 70 доброволци.

Интересно е што идејата за основање единица на самоубиствени пилоти кај Германците се појавила порано одошто кај Јапонците. Уште во февруари 1944 година ја изнеле најдобриот диверзант на Третиот рајх Ото Скорцени и офицерот на Луфтвафе Хајо Херман, а ги поддржале рајхсфирерот на СС Хајнрих Химлер и угледниот тест-пилот Хана Рајч. Токму таа го убедила Хитлер да издаде наредба за почеток на проектот „Зелбстопфер“ (гер. самопожртвување).

Хана Рајч

Неофицијално 5 ескадрила го носела името „Леонида“ во чест на кралот на Спарта кој според легендата заедно со 6 илјади војници храбро се борел и загинал во нерамноправна битка против 200 илјади Персијци во 480 година пред нашата ера кај Термопил. Ваквата херојска самопожртвуваност се очекуваше и од германските пилоти.

Во потрага по најсмртоносното оружје

Сите во Луфтвафе не ја делеле идејата на Хана Рајч за фанатично самопожртвување. Командантот на 200 ескадра бомбардери, во чиј состав се наоѓала и ескадрилата „Леонида“, Вернер Баумбах бил против залудно уништување авиони и човечки животи.

Тој предложил да се примени проектот „Мистел“ (Имела), познат и под називот „Татко и син“. За беспилотните бомбардери преполни со експлозив Ју-88 бил прицврстен лесен ловец, чиј пилот управувал со обете летала. За време на доаѓањето кон целта, тој го откачувал бомбардерот кој паѓал на непријателот, а самиот се враќал во базата.

Fieseler Fi 103R Reichenberg

Меѓутоа, бавниот „Мистел“ беше лесна цел за сојузничките ловци и ограничено се применуваше на Западниот и на Источниот фронт. Во 5 ескадрила не се користеше масовно.

Во борба

Поради постојаните спорови меѓу командантите на Луфтвафе, неможноста да постигнат договор и да изберат најефикасен авион-оружје за своите пилоти-самоубијци, ескадрилата „Леонида“ не станала некоја застрашувачка сила.

Messerschmitt Me 328 B

Во самоубиствените мисии нејзините пилоти тргнале дури кон крајот на војната, кога Црвената армија веќе му се приближувала на Берлин. Притоа тие ги користеле сите авиони кои им биле останати на располагање. Главно тоа биле ловци Месершмит Bf-109 и Фоке-Вулф Fw-190, преполни со експлозив и со полупразни резервоари, зашто не било планирано враќање.

Германски Focke-Wulf Fw 190 A кој во јуни 1942 година по грешка слетал во Британија.

Целите на германските „камикаѕи“ биле мостовите што советската војска ги изградила преку Одра. Како што тврдела нацистичката пропаганда, во таквите напади 35 пилоти-самоубијци успеале да урнат 17 мостови и премини. Додека во стварноста тие го уништиле само железничкиот мост во Костшин.

Предизвикувајќи само извесно поместување во единиците на Црвената армија, ескадрилата „Леонида“ не можела да постигне значајни резултати. Кога на 21 април советските сили се приближиле на градот Јитербог, каде се наоѓала базата на самоубиствените германски пилоти, летовите биле прекинати, војниците евакуирани, а единицата практично престанала да постои.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња