Како е формирана Руската Империја

Public domain; Russia beyond; Леонид Владимирски
Русија била трета по големина империја во историјата на човештвото. Како настанала таа?

Во текот на својата историја Руската Империја опфаќала делови од источна и од северна Европа, Азија, па дури и од Северна Америка. Таа по големина била третата најголема држава во историјата на човештвото. Поголеми биле само Британската Империја и Монголската Империја на Џингис Хан. Руската империја својот „ѕвезден момент“ го доживеала пред да биде создадена. Тоа се случило во храмот кој денес повеќе не постои.

Што направил царот Петар Велики за да ја создаде Руската Империја?

А.П. Антропов, Портрет на Петар Први, 1770 година.

На почетокот на 18 век Русија била „новајлија“ меѓу европските држави. Европејците тешко можеле да ја разберат титулата на нејзиниот владетел. Не знаеле што е тоа „цар“, па Петар многу пати го нарекувале „руски император“ и пред царството да прерасне во империја. На пример, на тој начин Петар бил третиран уште во 1698 година за време на посетата на Англија. Големината на руската територија (особено во споредба со европските држави) упатувала на тоа дека нејзиниот владетел мора да биде нешто повеќе од обичен цар.

Во 1706 година Петар, за првпат во руската историја, наградил определени свои поданици (војсководецот Борис Шереметјев, државникот Никита Зотов, адмиралот Фјодор Апраскин и други) со титулата „гроф“. Александар Меншиков во 1707 година прв ја добил титулата кнез со царски указ, а не со самото раѓање. Во Европа императорите имале право да доделуваат титули гроф и принц. Британскиот амбасадор во Русија Чарлс Витворт во 1719 година (односно една година по големата победа на Русија врз Шведска во Полтавската битка) одржал говор во кој му се обратил на царот Петар со титулата „кајзер“ (по аналогија со Кајзер или императорот на Светото римско царство кое постоело до почетокот на 19 век).

Заседание на Сенатот во времето на Петар Први во Екатерингофскиот дворец.

На крајот царот Петар почнал да внесува измени и во руските институции. Така, во 1711 година го основал Правитељствујушчиот сенат што бил очигледен израз на почитта кон Сенатот во Руската Империја. Рускиот сенат бил совет на високи функционери и војсководци кој имал право во отсуство на царот да носи одлуки од државно значење. Подоцна, во 1718-1719 година, започнало создавање на централизирани државни министерства кои се нарекувале колегии. Тие постепено го потиснале застарениот систем на московските управи, поделувајќи ги функциите на управување на соодветни институции.

Така, до 1721 година сите подготовки за прогласување на новиот статус на руската држава и на нејзиниот суверенитет биле завршени. Како се случило тоа?

Каде и кога е прогласена Руската Империја?

А. Тозели. Панорама на Петербург. Акварел. 1820 година. Лист 6. Зградата на Дванаесетте колегии.

Формирањето на Руската Империја било обелоденето на 22 октомври 1721 година напоредно со празнувањето на Ништадскиот мировен договор (склучен помеѓу Руското Царство и Шведската Империја на 10 септември 1721 година) со кој Големата северна војна била завршена со убедлива победа на Русија. Според овој договор Шведска признала дека Естонија, Ливонија, Ингрија и југоисточна Финска ѝ припаѓаат на Русија. За Русија оваа победа имала огромно значење зашто непосредно пред војната Шведска била најмоќната воена сила во Европа. Сега овој статус во секој поглед ѝ припаднал на Русија.

Прашањето за прогласувањето на царот Петар за руски император за првпат официјално било поставено само четири дена пред официјалната церемонија, на 18 октомври 1721 година, а го поставиле членовите на Светиот Синод (орган кој раководел со Руската православна црква). Тие решиле да го „измолат“ Петар да ја прими титулата „Петар Велики, татко на татковината и император на цела Русија“. Оваа одлука на 19 октомври била проследена до Сенатот, а на 20 октомври кнезот Александар Меншиков лично го известил за ова Петар, кој, како што се раскажува, во повеќе наврати одбивал да ја прими титулата, но на крајот се согласил.

Троицки (Троица-Петровски) собор

Свечената богослужба била одржана на 22 октомври во старата Троицка црква, првиот и најстар храм во Санкт Петербург (што ја урнале болшевиците во 1933 година). На церемонијата се собрале над 1.000 највисоки државни функционери и офицери, додека 125 галии на Балтичката флота стоеле во колона на Нева пред Троицкиот плоштад. Петар ја примил титулата император во малиот, прилично скромен државен храм. По богослужбата канцеларот Гаврил Головкин (1660-1734) одржал говор во кој во име на Сенатот, на Синодот и на целиот народ на Руското Царство го замолил Петар да ја прими титулата император. Примајќи ја титулата Петар Велики одржал мошне кус говор од само три реченици, во кој му се заблагодарил на Бога за победата над Шведска и истакнал дека руските војници и понатаму ќе се усовршуваат во воените вештини. Говорот завршил со следните зборови: „Треба да се трудиме за општа корист и добро што Господ ги става пред нашите очи [...] поради што на народот ќе му биде полесно“.

Царот Петар така станал император, а царицата, неговата сопруга, станала императорка. Царската круна на државниот грб била заменета со императорска круна. По церемонијата следувал величествен празник со огномет кој траел речиси три часа (го организирал и лично го контролирал Петар Велики). Императорот Петар пиел со гостите до три часот утрото, а целата прослава траела уште една недела.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња