Миша Јапончик
Фотографија од архивата на неговиот брат ИсакДрско храбар и незапирлив, овој авантурист во криминалниот свет на почетокот на 20 век оставил неизбришлива трага, доволно силна за да одекне во популарната култура цел век подоцна. На врвот на своето влијание, од 1917 до 1919 година, Јапончик и неговата банда пљачкосувале продавници и фабрики, а презеле и една јавна куќа за свои потреби и ја претвориле во седиште на својата криминална организација.
„Јапончик имаше добри организациски способности. Затоа стана крал на подземјето во Одеса. Одважен, претприемчив, успеа да ги стави под своја контрола сите крадци во Одеса. Во американски услови без сомнение би направил многу добра кариера, па можеби би се закачил и со Капоне“, изјавил познатиот советски пејач Леонид Утјосов за гангстерот кој лично го познавал, зашто обајцата израснале во Одеса и имале еврејско потекло (вистинското име на Јапончик е Мојша Јанкељ Виницки).
Иако Јапончик не ги симпатизирал Белогардејците, не бил ниту личност која би била соодветна за Црвената армија. Неговата внатрешна страст за анархија, разбојништво и пљачкосување не се вклопувала во плановите на болшевиците да го потчинат одескиот гангстер на својата нова хиерархија. Краткотрајната врска со болшевиците е завршена со раскинување, кога Јапончик и неговата банда решиле дека им е преку глава од војување и го напуштиле полкот составен од криминалци и анархисти. Дезертерите притоа киднапирале патнички воз, сакајќи да се вратат во родната Одеса.
Меѓутоа, планот се изјаловил и Јапончик бил убиен кога одред на Црвената армија го запрел возот на 4 август 1919 година.
Оваа фотографија на угледен политичар, носител на бројни одликувања за јунаштво во борбата, можеби изгледа дека не може да се спои со злогласната репутација на насилен мафијаш, но Котовски бил извонреден во обете свои улоги.
Григориј Котовски
На почетокот своите напади на трговците и нивните живеалишта, на благородници и функционери, па дури и на банки, ги правдал користејќи револуционерни слогани како параван за пљачкосувањата. Котовски бил харизматична личност, што му овозможило да ги предводи и да ги контролира другите криминалци, а подоцна брзо да напредува во советскиот политички и воен живот.
„Тој остава впечаток на интелигентна, паметна и енергична личност. Во своето однесување се обидува со сите да биде префинет, што лесно привлекува симпатии... Во разговорот забележливо пелтечи. Се облекува пристојно и умее да се однесува како господин“, вака е опишан Котовски во документ на тајната полиција. Повеќе пати е апсен, но секогаш ќе нашол начин да го избегне затворот.
Додека низ руското царство се ширела болшевичката револуција, Котовски стекнал толку моќно влијание кај новите власти што кога во 1925 година го убил еден поранешен соработник на Миша Јапончик, приреден му е државен погреб. Поранешниот мафијаш е погребан во мавзолеј кој специјално за таа намена е подигнат во населбата Бирзула (денешен Подољск во Украина).
Овој мафијаш од Москва е запаметен во историјата како оној што го опљачкал водачот на руската револуција Владимир Ленин.
Јаков Кошељков
Archive photoКошељков, чие вистинско презиме било Кузнецов (на руски паричник се нарекува кошелёк), израснал во семејство на крадци. Неговиот татко бил осуден на прогонство во Сибир поради бројни вооружени пљачки, а синот Јаков тргнал по неговите стапки.
До 27 години Кузнецов бул уапсуван и осуден веќе десет пати. Започнал како џепчија на плоштадот Хитровка во центарот на Москва. Набрзо стекнал углед меѓу криминалците во Москва и успеал да формира банда која ги тероризирала обичните луѓе, па дури и некои фабрики во Москва.
Откако бил уапсен во февруари 1908 година, Кузнецов избегал од затвор, убивајќи еден и сериозно ранувајќи двајца чувари со пиштол кој му го донел еден негов соработник во векна леб.
На 6 јануари 1919 година Кошељков и членовите на неговата банда случајно ја запреле колата на Владимир Ленин. Тие не знаеле дека тој автомобил му припаѓа на водачот на државата и им наредиле на сите да го напуштат возилото кое им било потребно за друга пљачка.
Додека криминалецот сфатил кого опљачкал, соработниците на Ленин веќе го пријавиле инцидентот на тајната полиција која почнала интензивна потрага по Кошељков и соучесниците. Тој успеал да ја избегне полицијата уште шест месеци, вршејќи вооружени пљачки и разбојништва. Меѓутоа, на 26 јули 1919 година полицијата го начекала во заседа и го убила. Кај него е пронајден пиштолот на Ленин од марката Браунинг.
Сите руски криминалци не биле со ниско потекло, барем еден меѓу нив потекнува од благородничко семејство. Николај Савин бил познат како меѓународен измамник и опортунист, но има малку веродостојни факти во неговата биографија. Некои приказни се толку неверојатни што се сметаат дека се плод на фикција.
Николај Савин
Archive photoНа пример, се зборува дека Савин насамарил еден американски милионер така што му го продал Зимскиот дворец во Санкт Петербург (денес дел од музејот Ермитаж) за неколку милиони долари во готовина. Наводно, Савин на Американецот му оставил документи со лажен печат и исмејувачка порака на руски јазик.
Исто така постои приказна дека заминал во Осака и се обидел да ги наговори Јапонците да започнат војна против болшевиците. Затоа, наводно, се преселил во Шангај, каде умрел во сиромаштија.
Сепак, најпознатата приказна за измамите на Савин е поврзана со кражба на дијамант од спалната соба на великата кнегиња Александра Јосифовна, сопруга на вториот син на Николај Први, во Мермерниот дворец. Иако оваа кражба навистина се случила, Савин дури не бил ни испрашан во врска со овој случај за време на истрагата која пронашла друг виновник: великиот кнез Николај Константинович кој дијамантот го украл за наводно да ја финансира аферата со американската танчарка Фани Лир. Савин сепак често се споменува во контекст на овој историски настан.
Единствената жена на овој список по своите криминални достигнувања лесно може да се мери со кој било од споменатите мажи. Соња Златното Раче, односно Софија Бљувштејн, била позната по организација на големи кражби, кои обично имале елементи на авантура. Нејзините потфати се карактеристични и по тоа што секогаш ги следела нејзината театрална промена на изгледот.
Соња Златното Раче (Софија Бљувштејн)
Павловски И.И.Исто така била позната по својот неодолив шарм и по способноста за заведување. Дури и успеала да ги наведе чуварите да ѝ помогнат при бегство од затворот, во кој дошла поради бројни кражби и измами изведени во Русија и во други европски земји.
Во 1888 година осудена е на тешка работа и на прогонство на островот Сахалин на Далечниот исток на Русија. Трипати се обидела да избега, но затворската управа на крајот ја ставила во пранги. Во прогонство ја запознал и рускиот писател Антон Чехов и ја опишал нејзината остарена појава како „глушец во стапица“, неспоредливо со некогашната заводничка.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче