Ноќта на 20 септмеври 1941 година група од дваесеттина советски тенкови со вклучени фарови и сирени ненадејно тргнале на положбите на романските единици во близина на Одеса. Запрепастената непријателска пешадија тргнала во панично бегство без да знае дека тоа се всушност оклопени трактори со имитација на топовска цевка.
Рана модификација на оклопниот трактор СТЗ, тенк „НИ-1“, Одеса, Украина, 20 август 1941 година.
За одбраната на Одеса од германско-романските единици Црвената армија немала доволно оклопна техника, па во 1941 година биле користени трактори. Првите три „тракторски тенка“ се направени рачно за неколку недели. Тракторите биле оклопени со метални плочи, а наместо кабини монтирани биле куполи кои се вртат. Технички не било изводливо да се монтираат топови од неупотребливите тенкови Т-26, па наместо тоа на секоја машина биле поставени два митралеза со калибар од 7.62 милиметри, а со цел заплашување на непријателот монтирана е и имитација на топовска цевка.
Оклопените трактори го добиле називот „Одески тенкови“ или „Јануарци“. Се движеле со брзина од 20 километри на час со неверојатна бука и чкрипење.
„Јануарците“ го имале своето огнено крштевање на 20 август. Предводени од вистински тенк го поддржале контранападот на 25 стрелачка дивизија. Непријателот тогаш бил потиснат од својата положба.
По битката машините биле прегледани. Излегло дека оклопот со дебелина од 10 до 20 милиметри е мошне ефикасен на куршуми и шрапнели, но проектил со калибар од 45 милиметри минува низ него како шега. Сепак, командата била задоволна од новата техника, па било одлучено да се продолжи со производство. Според различни извори, направени се помеѓу 55 и 69 „Одески тенкови“.
По ноќниот напад на 20 септември, кога романската пешадија се разбегала во паничен страв, тенко-тракторите ја добиле ознаката НИ-1, што е скратеница од изразот „на испуг“ („на препад“). Не поминале ни две недели, а советските импровизирани лесни тенкови ја извеле својата најуспешна операција.
Во близината на селото Либентал во предградието на Одеса тенковите НИ-1 на 2 октомври ненадејно нападнале делови од Четвртата романска армија и ги сотреле. Биле запленети 24 артилериски оружја, а исто така и голем број митралези и минофрлачи. Во нападот биле изгубени 7 оклопни трактори.
Во текот на Втората светска војна имало и други обиди да се искористат тракторите во борба. Во Харков, на пример, на база на трактор направени се педесетина импровизирани самоодни артилериски оружја ХТЗ-16. Преработените трактори имале фиксиран топ со калибар од 45 милиметри, но биле недоволно заштитени и бавни, така што не се покажале најдобро во борбите против германските единици.
На другата страна од светот, на Нов Зеланд, со цел одбивање на евентуалната јапонска агресија направен е таканаречениот „тенк на Боб Смепл“ (министер за труд на Нов Зеланд кој дошол до ваква идеја). Набрзина направени се три примероци, но со толку лоши технички и борбени карактеристики што Новозеланѓаните постојано се потсмевале на сметка на „чудото од техника“. Изумот го добил називот „најлошиот тенк на сите времиња“ и, секако, не е пуштен во сериско производство.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче