Како советски ракетен систем првпат собори американски авион на небото над Кина

CC BY-SA 3.0 / commons.wikimedia
Советскиот противвоздухопловен ракетен систем С-75 „Двина“ се прочу во целиот свет кога на први мај 1960 година собори шпионски авион зад чии команди се наоѓаше Френсис Пауерс. Меѓутоа, неговото вистинско борбено крштевање се случи на 7 октомври 1959 година кога недалеку од Пекинг беше соборен извидувачки авион RB-57D на тајванското Воено воздухопловство. Така првпат во историјата еден авион беше соборен со противавионска наведувана ракета.

Кон средината на педесеттите години од минатиот век ситуацијата беше таква што САД ги имаа во вооружувањето најновите авиони Lockheed U-2 кои летаа на висина од 21 километар, додека СССР сé уште немаше технички можности да ги соборува. Кога се во прашање копнените средства за ПВО, во 1955 година стационарниот противвоздухопловен ракетен систем С-25 само што беше воведен во вооружувањето. Тој беше во состојба да соборува мети на висина од 25 километри, меѓутоа, овие системи беа поставувани пред сé со цел одбрана на Москва. Затоа беше донесена одлука за производство на мобилниот ЗРК С-75 кој влезе во вооружувањето 1957 година.

Веќе кон крајот на наредната година во најголема тајност започнаа испораки на новиот систем за комунистичка Кина. Набргу беа испратени и советски инструктори кои ги обучуваа припадниците на кинеската војска. Во периодот меѓу 1958 и 1960 година Кина доби од СССР пет противвоздухопловни ракетни системи система С-75 „Двина“ и 62 ракети В-750.  Во септември 1959 година сите пет системи беа поставени на боево дежурство, а нивна задача беше противвоздухопловна одбрана на Пекинг. Треба да се каже дека до тој момент на небото над Кина сосем комотно се чувствуваа извидничките авиони RB-57D на тајванското Воено воздухопловство.

На седми октомври околу шест часот по локално време RB-57D полета од Тајван и по неколку часа долета до Пекинг на растојание од 700 километри (висина 19500 метри).

Станицата ја откри целта на оддалеченост од 320 километри, за што беше известен министерот за одбрана на Кина, маршалот Лин Бјао, сведочи Виктор Сљусар, непосреден учесник во настанот. Министерот наредил: „Доколку постои сигурна гаранција за уништување на противничкиот авион, да се отвори оган, доколку не постои, да не се отвора“. Раководството на Военото воздухопловство и ПВО ја чекаше мојата одлука… Состојбата во која што се најдов е тешко да се опише. Ми беше понудено да ја преземам одговорноста врз себе… И падна одлука. „Известете го министерот за одбрана дека уверување постои“. И Лин Бјао „даде зелено светло“ за отворање оган…“.

На растојание од 41 километар беше истрелана првата ракета, а потоа уште две. Извидувачкиот авион почна молневито да ја губи висината, пилотот загина. Врз основа на бројот 5643 што го носеше авионот подоцна беше утврдено дека RB-57D е произведен во САД во јули 1955 година, а 1958 година испорачан на Военото воздухопловство на Куоминтанг. Пред да биде соборен изведе 15 летови над континентот. Како што беше одлучено, информацијата за тоа дека авионот е соборен од најновиот советски противвоздухопловен ракетен систем доби ознака на тајност.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња