10 големи војсководци од основањето на Русија до денес

Sputnik, Лео Хао, Павел Трошкин
Едни придонеле Русија да опстане како независна држава, а други да стане една од најголемите светски сили.

1. Свјатослав Игоревич

Свјатослав Игоревич

Владетелот на Киевска Русија, кнезот Свјатослав Игоревич, ретко се појавувал во Киев. Управувањето со староруската држава го препуштил на својата мајка кнегињата Ољга, а тој цело време војувал.

Воинствениот кнез има покорено многу племиња и така значително ги проширил границите на Киевска Русија и го подигнал нејзиниот воен и политички авторитет.

Меѓутоа, во судирот со Византиската империја доживеал пораз. Враќајќи се од тој поход во Киев во 972 година со дружината паднал во заседа што му ја поставиле Печенезите. „Го нападна Курјам кнезот печенешки, и го уби Свјатослав, и ја зеде неговата глава, и направи пехар од неговиот череп, ја окова...“, пишува во древната Хроника на Нестор.

2. Дмитриј Донски

Дмитриј Иванович Донски

Кнезот Дмитриј Иванович во 1380 година на Куликовското поле го победил монголскиот војсководец Мамај кој ја узурпирал власта на Златната орда. Русите и претходно понекогаш успевале да ги победат Монголите, но ова била прва крупна победа.

Кнезот поради овој триумф го добил прекарот Донски. Русија и по оваа крупна победа не се ослободила од монголските ханови, но тоа бил мошне важен чекор во насока на ослободување. Оттогаш Русите повеќе не плаќале редовно данок на Ордата, руските кнежевства повеќе не се бранеле, ами и самите организирале походи против крвниот непријател. Москва станала неприкосновен центар околу кој се обединувале руските земји. Целосното ослободување од монголскиот јарем е извојувано дури стотина години подоцна, кон крајот на 15 век.

3. Михаил Скопин-Шујски

Кнезот Михаил Василевич Скопин-Шујски

Кнез Михаил Скопин-Шујски живеел кратко (само 23 години). Бил еден од најистакнатите личности во тешкиот период од руската историја кој е познат како Смутна доба. По прекинувањето на владејачката династија Рјурикович кон крајот на 16 век, тешката економска ситуација и гладот, руската држава потонала во хаос на внатрешни политички судири, востанија и странски интервенции.

Скопин-Шујски имал само 20 години кога во 1606 година по указ на својот роднина и нов руски цар Василиј Шујски станал војвода. Тој веднаш го задушил востанието што го предводел Иван Болотников. Заедно со шведските сојузници (тие му помогнале на царот за определени територијални отстапки) Скопин-Шујски однел низа победи над единиците кои ја држеле Москва под опсада, односно над силите на полската интервенција и единиците на самопрогласениот цар, Лажниот Дмитриј II. Во зимски услови кнезот многу ги користел единиците на скии кои самиот ги формирал и кои биле мошне поефикасни од коњаницата.

Во март 1610 година Михаил Скопин-Шујски свечено влегол со марш во Москва која била ослободена од обрачот. Уживал голема популарност, народот го третирал како народен херој. Се подготвувал да тргне со војската на Смоленск кој Полјаците го држеле под опсада, но ненадејно починал на 3 мај истата година. Виновник за смртта на младиот кнез можел да биде братот на царот Дмитриј Шујски, кој исто така бил војсководец, а не бил талентиран и му завидувал на надарениот Михаил, но исто така и царот Василиј, кому прославениот роднина можел да му го загрози тронот. Кој и да е, Полјаците набргу ги заробиле обајцата и ги погубиле.

4. Пјотр Румјанцев

Портрет на Пјотр Александрович Румјанцев-Задунајски.

Пјотр Румјанцев му припаѓал на угледен благороднички род. Во младоста бил склон кон мрзеливост, хулиганско однесување и правење кавги. Но токму овој човек станал еден од најдобрите војсководци на 18 век.

Во повеќе наврати во текот на Седумгодишната војна против Прусија руската армија забележала успеси токму благодарение на иницијативата и на личната храброст на Пјотр Румјанцев. Во битката кај Грос Јегерсдорф на 30 август 1757 година тој бил на чело на резервните единици. Во моментот која руската војска се повлекувала без наредба од командата, тој ги повел своите одреди во борба и поразот го претворил во победа.

Румјанцев не бил само добар војсководец, ами и далекувид воен теоретичар. Неговите идеи силно влијаеле на развојот на руската воена школа.

Исправноста на стратегијата што ја избирал Румјанцев особено дошла до израз во серијата спектакуларни победи за време на руско-турската војна 1768-1774. Така, во битката кај Кагула на 1 август 1770 година неговата армија со 17.000 војници ја победила турската армија која броела 150.000 војници. Русите изгубиле нешто повеќе од 300 лица, додека загубите на непријателот биле поголеми од 20.000.

5. Александар Суворов

Александар Василевич Суворов

Генералисимус Александар Суворов нема изгубено ниту една поголема битка во својата војничка кариера. Учествувал во седум кампањи, меѓу кои се задушувањето на Полското востание и војните против Османлиското царство и револуционерна Франција. Единиците на Суворов во 1790 година ја зазеле неосвојливата турска тврдина Измаил и ги победиле далеку побројните Французи во битката кај Требија во 1799 година.

Главната стратегија на Суворов биле „доброто око, брзината и силината“. Тој најпрво добро ја проценувал ситуацијата и ги наоѓал слабите точки, а потоа напаѓал брзо и неочекувано, не обрнувајќи внимание на бројноста на непријателот. По тоа тој се разликувал од поголемиот број војсководци од своето време (втората половина на 18 век), кој повеќе се бранеле, а напаѓале само кога биле побројни. Рускиот војсководец се придржувал до поинакви правило: „удри, но не со бројноста, ами со умешноста“.

Александар Суворов има победено многу француски војсководци. И непријателите вистински го почитувале. Генералот Андре Масена велел дека би ги дал сите свои победи за еден Швајцарски поход на Суворов, а Жан Виктор Моро неговиот марш на Требија го окарактеризирал како врв на воената вештина. Со восхит за генералисимусот зборувал и Наполеон, иако му ја признавал волјата, но не и разумот. Суворов би можел и да го разубеди, но немал можност зашто тој и Наполеон никогаш не се гледале на бојното поле.

6. Михаил Кутузов

Портрет на рускиот фелдмаршал М.И. Кутузов.

Еден од најталентираните и најомилени ученици на Суворов, Михаил Кутузов ги предводел единиците во Татковинската војна во 1812 година против Наполеон. Тој бил човекот што ја победил „Големата армија“.

Преземајќи ја командата во август 1812 година, Кутузов и понатаму се придржувал до тактиката на својот претходник Баркалај де Толи, односно избегнувал решителни судири со Наполеон, повлекувајќи се во длабочината на руската територија и ја заморуваше непријателската армија. На крајот на краиштата, под притисок на генералитетот и на јавното мислење генерал-фелдмаршалот бил принуден да ја дочека „Големата армија“ во отворен бој кај селото Бородино, 125 километри од Москва.

Во една од најважните битни од Наполеоновиот период Кутузов не брзал во судир. Се придржувал до одбранбената тактика, пуштајќи ги Французите да трошат скапоцени кадри во безбројните напади на руските положби. На крајот ниту една страна не однела убедлива победа. Францускиот император не можел да ја победи руската армија, која ја зачувала и борбената подготвеност и високиот морал. А, тоа во тие услови значело дека се ближи поразот на Наполеон.

7. Михаил Скобелев

Михаил Дмитријевич Скобелев

Претпоставените не го сакале поради неприлагодливоста и дрскиот карактер, но војската го обожавала поради храброста и смелоста во битките. Носел бела војничка блуза и бела офицерска капа, и често го предводел нападот на бел коњ, поради што го добил прекарот „Белиот генерал“.

Скобелев не бил роден за високо друштво и за престижни кабинети. Живеел обичен војнички живот, заминувал со своите војници во извидница, јадел со нив од ист казан, пред командата се залагал да им издејствува добра униформа и нормална исхрана. Поради тоа војниците биле подготвени да одат по него во оган и во вода.

„Белиот генерал“ има однесено доста победи во војните што Русија ги водела со Средна Азија, но врв на неговата кариера била руско-турската војна 1877-1878, која на народите од Балканот им донела независност од султанот. Со брзо и решително дејствување успешно го форсирал Дунав и го зазел превојот Шипка, а особено се истакнал за време на опсадата на Плевна. Во градот имало голем контингент единици на Осман паша кој ги блокирал руско-романските единици со што ги спречувал понатамошното напредување на сојузниците. Крвавите јуриши на градот не вродиле со плод.

Во третиот обид, во август 1877 година, Скобелев практично бил на прагот на долгоочекуваната победа. Зазел два непријателски редута и ги зацврстил тие положби, очекувајќи зајакнување за решавачки пробив. Со часови неговите единици опстојувале под притисок на многу побројните турски единици. Одбивајќи четири непријателски напади, губејќи околу 6.000 војници и не дочекувајќи зајакнување, Скобелев се повлекол, но го зачувал целосниот борбен поредок. Плевна паднала дури четири месеци подоцна.

8. Василиј Чујков

Василиј Иванович Чујков, маршал на Советскиот Сојуз, двократен Херој на Советскиот Сојуз.

За генералот Василиј Чујков слободно може да се каже дека е еден од најзаслужните за советската победа во Сталинград, кој направи пресврт од корен во односот на силите во Втората светска војна. На неговата 62 армија ѝ припаднал крајно тешка задача да го издржи притисокот на Шестата армија на Фридрих Паулус и да не го отстапи градот додека Црвената армија се подготвуваше за операцијата „Уран“, односно за стегање на обрачот околу непријателската групација зафатена со улични битки.

Командувањето со 62 армија Чујков го презеде на 12 септември 1942 година кога беше најтешко. За два месеци неговите единици беа потиснати до брегот на Волга, каде со последните атоми силите држеа помал дел од градските населби, просторот покрај фабриката за трактори и неколку погони на фабриката „Барикада“.

Генералот во Сталинград применувал тактика на блиска борба. Положбите на советските војници биле блиску до непријателот, во дострел на граната, што на германската авијација и артилерија им ја отежнувало работата поради опасноста да ги отепаат сопствените војници. Чујков се погрижи да се основаат специјални офанзивни групи, кои први неочекувано би истрчале од зграда и би го совладале изненадениот непријател, а потоа би ја држеле положбата додека не стаса главнината. Искуството стекнато во уличните борби, генералот го користел во своите подоцнежни судири, конкретни за време на кршењето на берлинскиот гарнизон.

9. Константин Рокосовски

Командантот на 16 армија генерал-лајтнант Константин Рокосовски.

„Додека војуваме пред Москва, треба да размислуваме за Берлин. Советската војска задолжително ќе биде во Берлин“, му велеше на дописникот командантот на 16 армија, генерал-лајтнант Константин Рокосовски, во текот на тешките битки за главниот град на СССР. Идниот маршал дејствуваше подеднакво ефикасно и во одбранбените и во офанзивните операции.

Беше планирано токму Константин Рокосовски да ја заземе престолнината на Третиот рајх, но во последен момент беше префрлен во друг правец, а командувањето со Првиот белоруски фронт со кој јуришаше на Берлин му беше доверено на Георгиј Жуков. Сè уште не се знае точно според што се раководел Сталин кога ја носел ваквата одлука. Распространета е верзијата според која причината се криела во полското потекло на Константин Рокосовски. Во секој случај, ова трајно ги расипа односите помеѓу двајцата најистакнати советски војсководци од Втората светска војна.

10. Георгиј Жуков

Маршалот на Советскиот Сојуз Георгиј Жуков

Георгиј Жуков, најславниот советски војсководец од Втората светска војна, го почитуваа и сојузниците и непријателот. Доколку на фронтот стасувал Жуков, тоа за Германците бил сигурен знак дека ќе следува офанзива. Списокот на победите на маршалот е навистина впечатлив. Тука се, меѓу другите, кршењето на јапонските единици во битката на Халкин Гол, спасувањето на опколениот Ленинград од паѓање во германски раце во 1941 година, а потоа и пробивот на обрачот во 1943 година, констраофанзивата на советските единици кај Москва, победата на Курскиот фронт и заземањето на Берлин.

Жуков како некаков пожарникар беше префрлан во најопасните делови на фронтот за да гаси пожари. Неговите особини – решителноста, цврстината, сосредоточеноста кон постигнување на целта и посебната стратешка интуиција – често помагале за да се избегне катастрофа. Сепак, тој имаше и неуспеси, на пример во ноември и во декември 1842 година во текот на операцијата „Марс“, кога не му тргна од рака да ја опколи и да ја победи Деветтата армија на Вермахтот кај Ржево.

По распадот на Советскиот Сојуз се формираше мислење дека личноста на Георгиј Жуков е преценета, дека тој всушност бил неталентиран „месар“ кој никогаш не ги жалел своите војници. Според мислењето на историчарот Алексеј Исаев, ваквото сфаќање е обичен мит. „Доколку се има предвид бројноста на фронтот, неговите загуби се процентуално гледано стабилно помали од загубите на другите војсководци, на пример Конев и Малиновски. Поради тоа на Жуков и му бил доверен фронт што брои милион луѓе – се знаело дека тој ќе умее да ракува со тој фронт со умерени загуби, зашто бил професионалец од навистина врвен ранг“, вели историчарот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња