Подвигот на натпоручникот Петров: како четири тенка КВ-1 се спротивставиле на СС дивизијата „Викинг“

Слободан Ѓукиќ
Пред 78 години на западниот крај на ингушетското село Малгобек дошло до нерамноправна тенковска битка во која учествувале четири советски тешки тенкови КВ-1 и речиси 30 тенка (Pz.Kpfw. II/III/IV) и јуришни оружја Sturmgeschütz 5.СС на оклопната дивизија „Викинг“. И покрај повеќекратната бројна надмоќ на непријателот, четата тешки тенкови под команда на натпоручникот Владимир Петров успеала да го ликвидира здружениот напад на панцгренадирските полкови „Вестланд“ и „Нордланд“.

Развивајќи ја офанзивата на своите оклопни сили со цел заземање на Кавкаскиот регион богат со нафта, борбената група германски тенкови ја форсирала реката Терек и со своите истурени делови го запоседнала поширокиот реон на селото Малгобеј, преку кое водел локалниот пат за Алханчуртоската долина. На главниот офанзивен правец на овие германски сили се наоѓале борбено мошне способни и мотивирани единици (моторизираните полкови „Вестланд“ и „Нордланд“) опремени со тенкови Pz III кои биле вооружени со топови KwK 38 L/42 со калибар од 50милиметри. Покрај овие тенкови во оваа група се наоѓале и нешто потешките тенкови Pz IV (9), лесните Pz II (5) и јуришните самоодни оружја Sturmgeschütz /„Штуг“(10).

Командантот на 52 тенковска бригада на Закавкаскиот фронт мајор Владимир Филипов за време на разработката на одбранбената битка што ја изведувале неговите сили го фаворизирал ешалонираното поставување на голем број тенковски заседи со цел затапување на ударната моќ на бројно надмоќната германска оклопна армада. Оваа бригада во својот состав имала и тешки тенкови КВ-1. Еден од овие тенкови го носел името „Александар Невски“ и со него командувал дипломецот на Харковската тенковска школа натпоручникот Петров. Овој офицер за време на доделувањето одликувања пофален е поради тоа што во периодот од 7 до 12 септември 1942 година покажал извонредна храброст и хероизам за време на борбените дејствија во реонот на селото Малгобек.

„На седми септември 1942 година натпоручникот Петров со чета тешки тенкови КВ-1 извел два последователни напади на Предмостное (населено место јужно од Маздок). Во овие борби тенковската чета која ја предводел натпоручникот Петров уништила три непријателски тенка, осум орудија, четири отпорни точки и чета непријателски војници“, се наведува во текстот кој е објавен на сајтот на РГ.

Битката била исклучително тешка. Во таа пригода бригадата изгубила два тешки тенка КВ-1 и 14 средни тенкови Т-34. Онеспособени се (и исчезнале во борбата) околу 120 советски војници, вклучувајќи го и командантот на 256 тенковски баталјон капетанот Солнцев. Сите уништени тенкови останале на територијата што ја контролирале Германците, така што советската пешадија не успеала да се одржи на заземените позиции и морала да се повлече на почетните положби.

Меѓутоа, овој неуспех на советските тенкисти во борбите со есесовците наскоро добил реванш. Имено, тенковската чета на Владимир Петров во содејство со противтенковската батерија успеала да организира заседа на тешкопроодниот правец западно од Маглобек. Тие ги пречекале деловите на германската СС дивизија „Викинг“ со еквивалент на еден тенковски баталјон, која се движела заедно со околу 500-600 панцергренадири.

„Без оглед на бројноста на непријателот, во оваа битка натпоручникот Петров успеал да извојува блескава победа. На поприштето останале 14 уништени германски тенкови, а уништена е и една чета моторизирана пешадија. Непријателскиот напад успешно бил одбиен. Тој ден се уништени вкупно 30 непријателски тенкови“, се наведува во документот.

Во раните утрински часови на 12 септември Германците го обновиле својот напад. Командниот тенк КВ-1 „Александар Невски“ е погоден. Во таа пригода ранет е и неговиот екипаж кој бил составен од натпоручникот Петров, возачот Соколов и офицерот за радиоврска Полигалин. Сепак тој продолжил да дава активен отпор. Во драматичната борба за живот и смрт „Александар Невски“ успеал да погоди уште три германски тенка. Интервентното советско зајакнување успеало да ги задржи напаѓачите и неговиот ранет екипаж да го извлече на безбедно растојание.

На 31 март 1943 година на советскиот натпоручник Владимир Петров му било доделено највисокото одликување Херој на Советскиот Сојуз со орден Ленин, како и медал „Златна Ѕвезда“ бр. 834. На 4 ноември истата година, тогаш веќе мајор Петров го изгубил животот во борбите со нацистичкиот агресор. Во негова чест во неколку градови на Кавказ постојат улици кои го носат името на овој исклучително храбар советски тенкист.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња