Тељњашка – втората кожа на руските морнари

Виталиј Тимкив/Sputnik
Оваа памучна маица со хоризонтални пруги стана препознатлив симбол на руските морнари, на падобранско-десaнтните единици, па дури и на движење во сликарството, Зошто е таа толку важна?

„Тељњашката е обична маица, но пробајте барем еднаш да ја облечете и веднаш ќе сакате да ги исправите рамената. Сините линии на гадите ја претставуваат бојата на океанските длабочини, а меѓу нив се белеат пенливи бранови... Море на твоите гради!“

Ова се зборови на Василиј Зајцев, познатиот советски снајперист и херој на Сталинградската битка. Тој пред Втората светска војна служел во советската воена морнарица, а кога започнала војната доброволно заминал на фронт. Станал снајперист, но ја задржал својата морнарска маица како симбол на морнарската гордост и непоколебливоста во борбата. Зошто морнарската тељњашка им е толку драга на руските морнари и на војниците?

Од бретонска маица до тељњашка

Морнарска блуза на француските маринци.

Памучна блуза со долги ракави со хоризонтално сини и бели линии носеле француските морнари уште во 17 век за да се разликуваат од другите поморски сили. Се нарекувала бретонска маица зашто многу припадници на француската морнарица биле од Бретања.

Габриела „Коко“ Шанел, период меѓу два рата.

Оваа блуза станала толку карактеристична за Франција што веќе била доживувана како дел од стереотипната претстава за типичниот Французин, а во 1858 година е прифатена како официјална униформа на француските морнари. Набргу е воведена и во руската (1874) и во холандската (1877) морнарица.

Се смета дека 19 август 1874 година е датумот на „раѓање“ на руската тељњашка. Тој ден рускиот император Александар Втори го потпишал законот за воено-поморска униформа. За волја на вистината, тељњашката тогаш изгледала поинаку и не се викала така. Имала сини линии широки 11.11 милиметри и бели линии широки 44.45 милиметри. Содржела 50% памук и 50% волна. Сината и белата се боите на Андреевското знаме. Тоа е главното руско поморско знаме уште од времето на Петар Велики. Определени единици на Руската императорска флота имале тељњашки во други бои, на пример црвена.

Руската тељњашка во 1912 година го добила својот класичен изглед – сини и бели линии со иста широчина: 11.11 милиметри.

Советска тељњашка

Тељњашката добила на значење за време на Февруарската и на Октомвриската револуција во 1917 година кога морнарите на Балтичката флота станале главен фактор во борбата против царската власт. Подоцна морнарите со пругасти гради биле прикажувани на многубројни болшевички агитациски плакати како олицетворение на бруталните револуционери.

Пред Втората светска војна и во текот на војната во СССР се појавиле падобранските десантни единици како нова воена формација. По Втората светска војна со развојот на овие единици главно се занимавал генерал Василиј Маргелов (1908-1990). Тој во 1969 година на софистициран начин ја промовирал тељњашката како официјално својство на десантно-падобранските единици, и од самиот почеток припадниците на овие единици ги рекламирал како херои со специфична униформа според која падобранците се разликуваат од останатите пешадиски единици на советската армија. Важна разлика е тоа што тељњашката на падобранско-десантните единици има линии со небесно сина боја.

Денешни варијации на бои

Десантните падобрански единици на смотра.

Во денешната руска армија тељњашката има различни бои во зависност од родот на војската и видот на единиците. Морнарите (вклучувајќи ги и подморничарите) носат класична сино-бела тељњашка. Припадниците на Кремљовскиот полк наместо сини имаат линии со индиго-боја. Крајбрежната стража на пограничните единици на Федералната служба за безбедност носи тељњашки со светлозелени линии, темновиолетовата е резервирана за Росгвардијата, додека припадниците на Министерството за вонредни состојби (МЧС) имаат портокалови линии.

Војниците и спасувачите не се единствените кои имаат привилегија да носат тељњашки. Таа секогаш била и сè уште е симбол на слободата, па дури и на беззаконието (земајќи ја предвид непокорноста на балтичките морнари за време на револуции). Поради тоа и многу советски „мангупи“ и деликвенти во филмовите и во литературните дела често носат тељњашка.

Тељњашката исто така стана симбол на санктпетербуршката арт-група Митки (Митьки) која го носи името на својот основач и лидер Дмитриј Шагин – Митја. Санкт Петербург отсекогаш бил воено-поморски град. Петар Први и го основал како база за Балтичката флота, така што во овој град тељњашката отсекогаш била, а и денес претставува симбол на „нашиот човек“, а Митки тој симбол често го прикажува на своите едноставни, но впечатливи слики.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња