Што мислат да прават Русите со Мавзолејот на Ленин?

Archive photo; Legion media
Архитектите ја разгледуваат можноста овој комунистички храм да се претвори во музеј, додека прашањето на телото на Ленин и понатаму останува чувствителна тема во Русија.

Првиот дрвен мавзолеј беше подигнат на Црвениот плоштад во 1924 година веднаш по смртта на Ленин.

А, во 1930 година е завршен сегашниот од камен. Телото на Ленин беше балсамирано и оттогаш се наоѓа на ова место, додека непрекинато се спроведуваат процедури за тоа да се одржи во „добра“ состојба.

Според резултатите од различни анкети, 40 до 80 проценти од руските државјани не се задоволни со фактот што трупот е сè уште изложен на Црвениот плоштад. Многумина предлагаат Ленин да биде погребан покрај Кремљ каде почиваат и многу други уважени советски функционери и генерали, вклучително и Сталин, кој едно време му беше сосед на Ленин во мавзолејот.

1957

Архитектонски конкурс за пренамена на мавзолејот

Во септември 2020 година Сојузот на архитекти на Русија објави конкурс за најдобро решение со кое би се променила намената на мавзолејот. Претставници од Сојузот тврдеа дека целта на конкурсот е да се собере „колекција идеи“ и дека зад овој проект не стои политичка мотивација. Меѓутоа, тоа предизвика бурна реакција кај јавноста: од негативни коментари, па дури и закани до претседателот на Сојузот, сè до мемиња о шеги на социјалните мрежи.

Една од најпопуларните шеги беа на ова место да се отвори носталгична кафеана во советски стил, налик на оние што некогаш постоеја низ целиот град, а сега многу од нив се затворени. Други предлагаа мавзолејот да се претвори во супермаркет, во продавница за храна и алкохол, каква што е потребна во центарот на метрополата.

Популарниот филмски критичар и блогер Антон Долин смета дека мавзолејот треба да остане онаков каков што е заедно со телото на Ленин, но дека треба да стане музеј. Без почесна стража, само обезбедување и бабичките кои внимаваат на експонатите, како и продавница за сувенири на излезот.

Рускиот стендап-комичар Денис Николин предложи во Москва да се подигне „Ленинленд“. Тој смета дека тоа би привлекло милиони туристи, зашто нашата земја сè уште во голема мера се асоцира со Советскиот Сојуз.

„Ние не предлагаме да се изнесе телото на Ленин, не предлагаме мавзолејот да се реконструира, само предлагаме да се најде решение за идното користење на ова големо дело на советската архитектура“, изјави Николај Шумаков, претседател на Сојузот на архитекти.

Координаторот на конкурсот Ирина Коробина смета дека порано или подоцна прашањето за телото на Ленин ќе мора да биде решено и дека тогаш веќе би требало да постои подготвен план за пренамена на мавзолејот, за овој процес да не се развлекува со години.

И покрај објаснувањата на архитектите за причините што стојат зад овој конкурс, три дена откако беше објавен Сојузот мораше да го повлече. Ова, сепак, не е првпат отворено да се расправа на оваа тема.

Што ќе се прави со телото на Ленин?

Пред перестројката никој не беше доволно храбар за јавно да го преиспита славното комунистичко минато и да го подигне прашањето за погребување на Ленин. Дискусиите за мавзолејот започнаа наспроти распадот на СССР. Во 1989 година на Конгресот на народните пратеници на СССР пратеникот Јуриј Карјакин предложи телото да се предаде на земјата и ги потсети присутните дека лична желба на Ленин била да биде погребан покрај мајчиниот гроб.

По говорот на Карјакин за првпат во земјата започна отворена дискусија. Се наведуваше дека чувањето мумија е во директна спротивност со христијанството и православието. И погребот на Ленин стана едно од горливите прашања во деведесеттите години од минатиот век, со оглед на тоа што новата некомунистичка власт сакаше да се отараси од остатокот на советското минато. Но, бурните времиња ги натераа властите да се занимаваат со многу позначајни прашања. На крајот од својот претседателски мандат Борис Елцин изрази желба прашањето за Ленин да се реши, но ја напушти својата функција и тоа и натаму остана отворено.

Во 2017 година кандидатката на претседателските избори Ксенија Собчак рече дека погребот на Ленин е една од точките во нејзината програма и предложи да се одржи референдум на кој граѓаните ќе одлучат што ќе се прави со Ленин.

Во 2020 година ексцентричниот политичар Владимир Жириновски предложи мумијата на Ленин да се продаде, претпоставувајќи дека некои комунистички земји со задоволство би ја купиле.

Што да се прави со мавзолејот?

Поранешниот патријарх на Руската православна црква Алексеј Втори предложи да се избере место надвор од Црвениот плоштад и таму да се подигне некропола за сите советски револуционери и водачи, па нивните останки да се префрлат на тоа место.

Проект на мавзолејот, 1924 година.

Во 2019 година еден друг ексцентричен пратеник Виталиј Милонов предложи мавзолејот да се уништи, зашто им пречи на луѓето додека се лизгаат на годишниот божиќен панаѓур кој се одржува пред него.

Претседателката на Советот на Федерацијата Валентина Матвиенко смета дека ова прашање треба да биде поставено кога рускиот народ ќе биде подготвен за тоа, а не сега. Таа исто така предлага да се направи музеј со гроб на Ленин, налик на Палатата на инвалидите во Париз.

Владимир Путин повеќе пати изрази мислење дека Ленин „не треба да се пипа“. Путин смета дека за многумина тој ги симболизира достигнувањата на оваа земја од минатото. За комунистите тоа е сигурно светиња и Владимир Путин покрај значењето што мавзолејот го има за комунистите има значење како моштите на светителите за христијаните. Затоа тој предлага да се оди напред во иднината и земјата да се развива во сегашноста, наместо да се дискутира за телото на Ленин.

И на крајот, не помалку значаен е аргументот што мавзолејот се наоѓа под заштита на УНЕСКО, па никакви значајни измени не се можни на оваа градба, која се смета за вреден споменик на советската архитектура.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња