Како робијашите го правеле најдоброто советско оружје (ФОТО)

МАММ/МДФ/russiainphoto.ru; NKVD archive; Bundesarchiv
Советското раководство осудило стотици научници на казна затвор, но затоа им дозволило на робија да ја работат својата работа за доброто на татковината. На ваквите учени робјаши за успешните проекти им доделувале највисоки признанија на СССР.

1. Во текот на триесеттите години од минатиот век во Советскиот Сојуз се случило нешто незамисливо – конструирањето на најновото вооружување за Црвената армија им било доверено на робијашите. Во времето на масовните репресии, кога човек можел лесно да заглави во затвор или во казнено-поправен логор, и тоа само поради нечија дојава (често поради дојава од колега од завист), зар решетките се нашле стотици научници, конструктори и инженери. Како што има напишано пилотот Михаил Громов „апсењата се вршени затоа што конструкторите на авиони пишуваа дојави еден против друг, секој го фалеше својот авион и ги кудеше другите“.

2. Научниците биле прогласувани за „народни непријатели“, им било судено за предавство, за шпионажа или за нанесување штета на советската држава, но овие осуденици сепак поседувале премногу скапоцено знаење и премногу голем стручност за да бидат испратени во Сибир да сечат шуми.

Робијаши го градат Беломорско-балтичкиот канал.

3. Така во СССР се појавија „посебни конструкторски бироа“ или „посебни технички бироа“ кои во затворскиот жаргон се нарекуваа „шарашки“. Во нив научниците ја „искупуваа вината“, трудејќи се за доброто на државата и работејќи зад бодликавата жица под надзор на вооружени стражари на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД).

Научно-истраживачкиот институт за комуникации („Марфинска шарашка“).

4. Условите за живот во „шарашките“ биле многу подобро одошто во обичните затвори. Научниците на располагање имале чиста постелнина, туш, библиотека, цигари, колачи и бисквити со чај, и секако, простор неопходен за работа. Биле ослободени од чистењето на затворскиот круг. За тие работи биле ангажирани цивили. Сепак, не може да се каже дела овие установи биле своевидни одморалишта. Луѓето од НКВД често биле исклучително груби кон научниците, за да не заборават дека се „непријател на работниот народ“.

5. Низ „посебните конструкторски бироа“ минале десетина најдобри стручњаци од целата земја: „таткото на советската космонаутика“ Сергеј Корољов кој во 1961 година го испрати Гагарин во космосот; творецот на најтиражниот советски бомбардер Пе-2 Владимир Петљаков; конструкторот на главните советски ловечки авиони И-15 бис, И-16 и И-153 Николај Поликарпов и многу други конструктори на авиони, тенкови, артилериски системи и подморници, хемичари, архитекти, математичари, рударски инженери итн.

С. П. Корољов по 18 месеци робија, 29. февруари 1940 година.

6. Основните советски бомбардери од Втората светска војна Пе-2 и Ту-2 се конструирани токму во „посебните конструкторски бироа“. Во нив е модернизиран и противтенковскиот топ со калибар од 45 милиметри, конструиран е и пловечкиот тенк Т-37 и самоодното артилериско оружје Су-152 и уште многу други нешта. Покрај вооружувањето, во „шарашките“ се направени проекти на ентериерот на кабинетот на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД), салите за седници во московскиот Кремљ и во владините вили на Камениот остров во Ленинград.

Германски војници го разгледуваат советското самоодно артилериско оружје СУ-152.

7. Нарачки стасуваа како од Кремљ, така и од регионалните власти. На пример, од централниот комитет на Комунистичката партија на Абхазија стасала наредба да се проектира ентериер на паробродот „Севастопољ“, на јахтата и на чамецот Г-4 за НКВД, и оваа задача беше успешно извршена.

Цртеж на торпедниот чамец од типот Г-5.

8. Настанала парадоксална ситуација кога на проектот на новиот ловечки авион за советското воено воздухопловство работеле неколку конструкторски бироа, а едно од нив било составено од „народни непријатели“ кои живееле и работеле зад решетки. Често токму тој колектив робијаши постигнувал поголем успех од нивните колеги на слобода.

Авионот Пе-2

9. По завршувањето на Втората светска војна на територијата на Германија под контрола на советските единици, како и во самиот СССР, почнале да се појавуваат „шарашки“ во кои работеле германски стручњаци (поголем дел од нив биле стручњаци за мотори, додека други биле за нуклеарно оружје). Еден дел од нив биле воени заробеници, додека други доброволци доаѓале да работат за некогашниот непријател. Тука тие имале (според советски стандарди) добри услови за живот и добра плата. Сепак, нивната слобода била сосема ограничена. Дури и годишните одмори морале да ги минуваат исклучиво на територијата на своите населби, кои биле контролирани од будното око на НКВД.

„Работна комуна број 2“ Обединета државна политичка управа на НКВД на територијата на Николо-Угрешкиот манастир.

10. Успешниот проект кој настанал во затвор често бил своевидна „индулгенција“ за научниците и за нивните колеги, односно така добивале можност да се вратат на слобода. Ваквите стручњаци биле ослободувани од сите обвиненија (иако имало исклучоци: Владимир Пољаков излегол од затвор во 1940 година и две години подоцна трагично го изгубил животот, а целосно бил ослободен од обвиненијата постхумно во 1953 година), повторно се стекнувале со сите права и се враќале на своите работни места. Згора на тоа, поранешните робијаши за своите достигнувања добивале дури и едно од најголемите признанија на СССР, Сталиновата награда, па така некогашните „народни непријатели“ станувале народни херои.

Владимир Михајлович Пољаков (1891-1942), советски конструктор на авиони.

11. „Шарашките“ исчезнале со смртта на Сталин. По 1953 година затворени се сите установи од овој тип. Многу од нив се преуредени во обични научно-истражувачки институти кои денес сè уште постојат и функционираат.

„Работна комуна број 2“ Обединета државна политичка управа на НКВД на територијата на Николо-Угрешкиот манастир.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња