Зошто болшевиците никогаш не ѝ го смениле името на Москва?

Getty Images, Russia Beyond
По смртта на Ленин Санкт Петербург станал Ленинград. Набргу потоа и на други градови им беа сменети имињата. Но, како и зошто Москва ја одбегна оваа судбина.

Преселба на престолнината

По Октомвриската револуција, пред Санкт Петербург да стане Ленинград, во 1918 година го губи статусот на престолнина на Русија. Постојат неколку причини поради кои е тоа направено. Како прво, поранешните државни службеници на царска Русија ја бојкотирале болшевичката власт. Со оглед на тоа што чиновниците го спречувале нормалното функционирање на институциите, болшевиците немале избор, па затоа во Москва воспоставиле нови државни органи.

Како второ, во Петроград имало голем број антиболшевички настроени луѓе, а исто така и војници на некогашната руска царска армија. Тие организирале провокации, ги напаѓале болшевиците и нивните поддржувачи, планирале завери и организирале терористички напади.

Петроград

Третиот и веројатно пресуден фактор била Првата светска војна која во 1918 година сè уште била во тек. Откако на 6 декември 1917 година Финска прогласила независност, државната граница се приближила на само 35 километри од Петроград. На 2 март германската војска започнала да го бомбардира градот со артилерија со голем дострел. На 10 март таен воз со Владимир Ленин и со други високи болшевички службеници го напушта Петроград и заминува за Москва. На 12 март завршен е процесот на префрлањето на престолнината во Москва.

Но, останува прашањето: зошто на овој град никогаш не му е сменето името?

Треска на преименување

Во текот на својот живот Ленин бил одлучен кои било градови, населби и улици да не го добиваат неговото име. Но, на 26 јануари 1924 година, само неколку дена по смртта на Ленин, Вториот конгрес на Советот на СССР го променил називот Петроград (некогашен Санкт Петербург) во Ленинград, наведувајќи дека причина за тоа е што „револуционерната активност на Владимир Ленин процутила најпрво во Петроград“.

Владимир Ленин

„Треската на преименување“ ја лансирал Јосиф Сталин, кој притоа не пропуштил на овој начин да го овековечи сопственото име. Градот Донецк (денешн Украина), некогашна Јузовка, во 1924 година го добил името на Сталин. Една година подоцна, во 1925, Царицин (денешен Волгоград) станал Сталинград. Додека Душанбе (престолнината на Таџикистан) бил преименуван во Сталинбад во 1929 година, а Новокузнецк во Сибир станал Салинск во 1932 година.

И другите руски најголеми и најважни градови добивале имиња по значајни болшевички водачи. Во 1924 година Екатеринбург станал Свердловск по Јаков Свердлов (1885-1919), во 1931 година Твер го сменил називот во Калинин по Михаил Калинин (1875-1946), во 1932 година Нижни Новгород станал Горки по познатиот писател Максим Горки (1868-1936) кој тука е роден (иако самиот Горки се противел на оваа одлука и забранил новото име на градот да го користат членовите на неговото семејство и пријателите). Во 1935 година Самара станува Кујбишев по Валеријан Кујбишев (1888-1935), а Ставропољ го добива називот Ворошиловск по воениот командант Климент Ворошилов (1888-1969).

Москва, 1937.

Предлози на Москва да ѝ се смени името

Прв пат идејата се појавила во 1927 година. Околу 200 болшевички чиновници поднеле молба Москва да се промени во Иљич (од татковото име на Владимир Ленин), образложувајќи дека „Ленин ја основал слободна Русија“. Сталин го одбил предлогот, велејќи дека би било премногу двата најголеми града да го носат името на Ленин.

Вториот обид се случил во 1938 година, а бил дело на Николај Ежов (1895-1940), тогашен народен комесар за внатрешни работи, исто така суров извршител на наредбите на Сталин и егзекутор, кој започнал да ја губи моќта и довербата на Сталин. Во обид повторно да го придобие водачот, Ежов на своите подредени им наложил да изработат проект според кој Москва би го сменила името во Сталинодар. Но, Ежов не зел предвид дека Сталин мразел ласкање и додворување. Ежов не поживеал долго по ова. Бил погубен две години подоцна.

Постојат податоци за тоа дека прашањето за промена на името на Москва се покренало и по Втората светска војна (но, Сталин повторно го отфрлил предлогот), но и уште еднаш по смртта на Сталин, кога некои негови поранешни соработници се обиделе постхумно да ја наречат престолнината по него. Меѓутоа, овој последен обид бил обесмислен со политиката на десталинизација.

Можеби некому ќе му изгледа необично што тоталитарниот водач кој по себе има наречено многу градови и населби и самиот себеси си подигал споменици ширум земјата, не сакал престолнината да го носи неговото име и одлучно бил против секој таков обид. Меѓутоа, ова не е единствената пригода кога Сталин покажал отсуство на нарцисоидност. Се знае дека Сталин го избришал својот портрет од нацртот за Орденот на Победата и ја отфрлил идејата Московскиот државен универзитет да го носи неговото име.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња