Како нацистите ја изгубиле последната шанса да ја продолжат војната во СССР (ФОТО)

Иван Шагин/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Кога летото 1943 година ја формираа одбранбената линија на Днепар, Германците планираа да го запрат напредувањето на Црвената армија, да ги поправат грешките од Сталинградската битка и повторно да ја преломат војната во своја корист.

По поразот во Курската битка летото 1943 година Вермахтот дефинитивно го изгуби водечкиот збор во војната и почна вртоглаво да се повлекува на Запад. Веќе на 11 август, додека борбите на Курската превлака сè уште траеја, германската врховна команда издава наредба за изградба на одбранбени утврдувања од Балтичкото до Азовското море. Тоа беше таканаречениот Источен ѕид кој, според зборовите на Хитлер, требаше да ја „заштити Европа од болшевизмот“.

Една од главните реки на Советскиот Сојуз, широкиот (на некои места и до 18 километри) и силен Днепар, доби улога на клучен елемент во Источниот ѕид. Кога Германците би успеале да се утврдат до неговиот западен (десен) брег, би стекнале добри шанси да ја запрат офанзивата на Црвената армија која беше во тек, со што таа би останала блокирана пред оваа несовладлива воена препрека, би претрпела огромни загуби во бесконечните обиди да ја премине. Советската воена команда била свесна што ѝ се подготвува. Не задржувајќи се да ужива во славата по курскиот триумф, таа нареди што поскоро да се тргне кон Днепар.

На 26 август, само три дена по завршувањето на Курската битка, советските сили започнаа масовна офанзива на фронтот широк 750 метри од Смоленск до Азов. Тие се обидоа да се пробијат до реката буквално „на рамениците“ на Германците или барем да не им дозволат да постават силна одбрана. Во битката за Днепар која траеше од август до декември 1943 година, од двете страни учествуваа речиси четири милиони војници. Оваа битка е една од најголемите не само во Втората светска војна, ами во целата историја на човештвото.

„Ние сме од другата страна! Западниот брег е безбедност, граница која цврсто нè раздвојува од Русите. Во документите официјално се наведува: германската војска ќе го задржи Днепар. А, напролет ќе ги потиснеме Русите зад Волга“, се сеќава Ги Саер, редов на дивизијата „Голема Германија“. Германците забрзано евакуираа преку реката сè што беше можно, а исто така насилно со себе носеа и локално население. Така германското производство требаше да добие нови работници, а Црвената армија не можеше да ги пополни своите редови со регрути од ослободените територии.

За да обезбеди успешна офанзива, советската команда во битката ги вклучи десантните сили. Лошо испланираната Днепарска воздушно-десантна операција која започна на 24 септември, беше толку неуспешна што до крајот на војната повеќе не се преземаа масовни десантни операции. Наместо да паднат во непријателската позадина, над 4 илјади падобранци беа исфрлени директно на германските позиции. Расеаните одреди, кои ја изгубија меѓусебната врска, немаа јасен план за дејство, па, претрпувајќи големи загуби, се повлекуваа на запад кај партизаните. Поради грешките на пилотот некои единици паднаа директно во Днепар, каде војниците ги удавија.

„На тоа место беа сконцентрирани шест дивизии и два тенковски корпуси. И тука нè исфрлија... Паѓавме од небото во битка и гиневме на небото... Таму сè гореше, ноќта се претвори во ден... Требаше целата бригада да падне во пречник од 7 до 10 километри, а пилотите нè расфрлаа на 100 километри, од Ржишчив до Черкаси... И, наместо како бригада, моравме да дејствуваме како мали одреди кои лесно можат да бидат уништени“, се сеќава помладиот поручник на 3 Гардиска воздушно-десантна бригада Пјотр Неживенко. Во борбите загинаа над 3 илјади припадници на десантните сили. Сепак, успеаја да го привлечат вниманието на германската војска кон себе, што придонесе за успех на битката за Днепар.

Немаше определено точен датум за почетокот на масовниот премин преку Днепар. Требаше армиите и дивизиите самостојно да преминат на западниот брег, доколку добијат можност за тоа. Тука ќе заземеа определен терен, ќе го издржаа непријателскиот контранапад, а потоа ќе развиваа своја офанзива. На некои места префрлањето се одвиваше лесно, зашто германската војска не успеваше да ја одржи одбраната, а некаде советските сили мораа да се пробиваат низ силен непријателски оган. „Добро паметам како за време на преминувањето на Днепар водата во реката стана црвена од крв, пред моите очи гинеа стотици другари“, се сеќава деминерот Иван Виндриевски.

„Штом советската војска стаса до Днепар, илјадници војници преминаа на спротивниот брег во рибарски чамци и во бротчиња или, пак, на импровизирани сплавови од поврзани буриња или, дури, пливајќи, држејќи се за штици или за клупи од градини“, пишува британскиот новинар Александар Верт во својата книга „Русија во војната: 1941-1945“. Често се служеа со лукавство: правејќи се дека Днепар го минуваат на едно место, тоа се чинеше мошне бучно, привлекувајќи ги непријателите, додека за тоа време вистинскиот премин се одвиваше тивко на другиот дел од реката, 10-15 километри подалеку.

Германците практично веднаш ја напаѓаа советската војска која ја преминуваше реката, обидувајќи се да ги соборат војниците во вода. Единиците на Црвената армија кои први се најдоа на десниот брег, беа главно лесно опремени, без оклопна техника и без доволно количество муниција и храна. Додека го бранеа заземениот терен, чекајќи го доаѓањето на главнината на силите, советските дивизии губеа до 70% од војниците.

Во текот на целиот октомври траеја жестоки борби на западниот брег од Днепар. Иако на многу места не успеваше да развие офанзива, на црвената армија и тргна од рака да заземе неколку важни позиции на десниот брег од реката. Одбраната и ширењето на запорошката територија на југот им даваше на советските сили добра можност во иднина од копно да ја отсечат германската формација на Крим од останатите германски сили. На 6 ноември е ослободен Киев, што имаше не само воено, ами и политичко значење. Во текот на еден и пол месец Вермахтот се обидуваше да го поврати градот. Кога во деновите по 20 декември конечно беше запрен нападот на исцрпените и ослабнати непријателски групации, битката за Днепар беше завршена.

Околу 400 илјади советски војници го изгубија животот во битката за Днепар (Германците изгубија најмногу 300 илјади лица). Раководството на земјата ги препозна и високо ги ценеше подвизите на војниците на Црвената армија. 2.438 од нив добија звање Херој на Советскиот Сојуз, што е најмасовното доделување одликувања за една операција во целата војна.

Со пробивањето на Источниот ѕид Третиот Рајх ја изгуби и последната шанса да продолжи долготрајна војна на советската територија. Иако поголем дел од Украина на десниот брег од Днепар и понатаму беше во рацете на Германците, беше јасно дека нејзиното ослободување и излегувањето на романската граница е само прашање на време.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња