Во тувинската „Долина на царевите“ пронајдени траги од принесување жртви (ФОТО)

Археолозите претпоставуваат дека тука не се жртвувани само животни.

Руските научници пронајдоа траги од принесување жртви на скитската могила Тунуг во република Тува. За тоа пишува Институтот за историја на материјалната култура (ИИМК) на Руската академија на науки на својот профил во руската социјална мрежа „ВКонтакте“.

„Екипата на Азиската номадска експедиција ги расчисти камењата од парцелата на могилата Тунуг што планира да ја проучува и откри многубројни траги од принесување жртви“, се вели во соопштението.

Археолозите не изнесуваат детали од ископувањата. На фотографијата со која е илустрирана публикацијата можат да се видат коњски заби и други помалку или повеќе сочувани остатоци од коски. Научниците претпоставуваат дека овде не се жртвувани само животни.  

Могилата Тунуг се наоѓа на северот на Тува, во Турано-Ујукската котлина. Таму се протега таканаречената „Долина на царевите“ со мноштво скитски кургани (могили) од 9-7 века пред новата ера. Археолозите го пронајдоа овој курган во 1971 година. Според прелиминарните резултати од истражувањата, тој потекнува од 9-7 век пред новата ера. Бидејќи Тунуг се наоѓа во зоната на пермафростот (вечно замрзната почва), голема е веројатноста да содржи посмртни остатоци на луѓе и животни кои не се оштетени од гниење, како и добро сочувани ткива и предмети од дрво и кожа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња