На 14 октомври 1976 година од советскиот космодром Бајконур (денес се наоѓа во Казахстан, а Русија го изнајмува) полета вселенскиот брод со екипаж Сојуз-23. Екипажот беше составен од двајца: командантот Вјачеслав Зудов и инженерот Валериј Рождественски. Задача на летот беше спојување со орбиталната научна станица Саљут-5 со цел научно-технички работи.
Во книгата „Космички несреќи. Страници од тајното досие“ на Михаил Ребров се наведува дека на станицата Саљут-5 се појавиле непријатни мириси и дефекти, а новиот екипаж требало да изврши целосна проверка на станицата и да ги отстрани проблемите.
Летот до станицата траеше два дена, а гориво имаше за најмногу три. На 16 октомври започнаа проблеми за време на обидот за спојување. Откажа системот за автоматско спојување „Игла“ зашто вчитаните податоци за параметрите на движењето на бродот и станицата не одговараа на реалните показатели.
Екипажот не можеше без ризик да ги спои Сојуз-23 со станицата, па командантот одлучи да се вратат на Земја.
Враќањето требаше да се реализира брзо, додека не се потрошило целото гориво. Раководителот на летот од Земја (името не се наведува) за слетување го избрал градот Аркалик во Казахстан. Кога бродот тргна да се спушта над јужна Африка, Центарот за управување со летови испрати хеликоптери со спасувачи во реонот предвиден за слетување.
Но, поради силната магла наместо на планираното место, Сојуз-23 се спушти на езерото Тенгиз во Казахстан на 2 километри од брегот на температура од -20 степени Целзиусови.
Поради лошото време хеликоптерите не можеа веднаш да го видат вселенскиот мост, а освен тоа, во еден од хеликоптерите немало чамец на надувување и костими за нуркање, едноставно ги заборавиле во брзањето. Во друго летало имало и чамец и костими, па спасувачите тргнале кон езерото.
Два чамци не успеаја да стасаат до бродот зашто заглавија во мразот на замрзнатото езеро.
За тоа време солената вода влезе во споевите на надворешните приклучоци на бродот, а дел од нив и понатаму беа под напон. Од одделот автоматски беше исфрлен падобран поради што бродот се преврти, а отворот за излез на космонаутите се најде под вода.
„Два часа по исфрлањето на резервниот падобран, екипажот почна да ги покажува првите знаци на глад за кислород, што преминување во гушење поради насобраниот јаглерод диоксид. Зудов и Рождественски кој повремено се јавуваше преку радиоврска тешко дишеа, се слушаше ‘рчење, гласовите им станува непрепознатливи“, сведочи еден од учесниците во операцијата за спасување Јосиф Давидов, а наведува сајтот на руската Интернет-енциклопедија „Пробни пилоти на аерокосмичката техника“.
Наскоро снегот престана да паѓа, а температурата дојде до минус 22 степени. Спасувачите палеа оган со надеж дека ќе се згреат. За тоа време Рождественски, одвај дишејќи, јави дека Зудов изгубил свест поради недостиг од воздух.
До Сојуз-23 стаса само еден чамец, а во него се наоѓаше командантот на хеликоптерот Ми-6 капетанот Николај Чернавски. Меѓутоа, и тој беше премрзнат и поради превртениот брод не можеше да им помогне на космонаутите.
Пред разденувањето до бродот стаса уште еден спасувачки хеликоптер од Караганда на чело со пилотот-спасувач потполковник Николај Кондратјев. Со него во леталото беше и дописникот на ТАСС Аљберт Пушкарјов.
Токму овој хеликоптер под раководство на инструкторот Давидов успеа да го закачи леталото и да го довлече до брегот.
„Од отворот се појавува измаченото бледо лице на Вјачеслав Давидов. Тој се насмевнува. Го спуштаат на Земја и по него го извлекуваат Рождественски. Ни тој не изгледа добро. Валериј Рождественски, кој и онака не беше румен во образите, сега беше бел како снег, а под очите имаше црни подочници. И двајцата се тресат од студот, забите им крцкаат“, се сеќава Давидов.
Според Давидов, до бродот тогаш дошол фоторепортерот на ТАСС Пушкарјов. Иако космонаутите требало да бидат итно хоспитализирани, тој ги замолил да се подигнат и ги натерал да се насмевнат за на фотографиите да изгледаат како „космонаути, а не како трупови“.
Спасувачката операција траеше 12 часа. Ниту Зудов, ниту Рождественски повеќе не летаа во вселената.
Валериј Рождественски служеше во Центарот за подготовка на космонаути сè до 1992 година, се занимаваше со веслање, се пензионираше во чин полковник, а почина во 2011 година.
Вјачеслав Зудов исто така служеше во Центарот за управување со летови на различни должности до 1991 година. Истовремено беше водител на телевизиската емисија „Знаење и умешност“ на Централната телевизија. Денес има 78 години и е во пензија.
Во 2019 година Зудов во интервју за нижегородскиот информативен портал изјави дека е среќен што времето на вселенската трка поминало.
„Се среќаваме во заедничните работи на Меѓународната вселенска станица, во чие основање учествуваа 14 земји. Ова е чекор кон подобар свет каде луѓето живеат во мир. Работејќи таму, не ги чувствуваме непријатните работи што луѓето ги прават на Земјата“; рече Зудов.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче