Убава и опасна: Која била Мис на КГБ, победничка на тајниот натпревар во убавина во 1990?

Игор Михаљов/Sputnik
Девојката по име Катја Мајорова, единствена на светот со титулата најубава службеничка од безбедноста, исчезна од јавниот живот исто толку бргу колку што се појави во него.

Едно октомвриско утро во 1990 година на насловната страница на весникот „Комсомољскаја правда“ се појави фотографија на една синоока бринета. Се викаше Катја Мајорова или така барем беше претставена во статијата. Таа беше млада и привлечна, но и опасна... позирајќи со пиштол.

Насловот гласеше: „Мис на КГБ“. Но, која беше единствената жена на светот сo титула на најубава службеничка на безбедноста?

Ново лице на КГБ

И покрај новововедената политика на „гласност“, што беше обид на Горбачов советската власт да ја направи потранспарентна, КГБ и понатаму беше најтаинствената државна институција во СССР. Семоќната агенција имаше имиџ на строг, застрашувачки апарат на кој не му е својствена несериозноста.

Затоа советските читатели беа изненадени кога ја прочитаа статијата во која службеничката на КГБ беше претставена како млада, весела и привлечна жена. Странските дописници исто така се заинтересираа за мистериозната Мис на КГБ.

Дејвид Ремник од „Вашингтон пост“ имаше среќа да се сретне со Мис на КГБ и да направи кратко интервју, секако, со дозвола од Лубјанка, седиштето на КГБ во центарот на Москва.

„На договорениот ден отидов на Лубјанка каде другарката Мајорова ми објасни дека натпреварот во убавина бил одржан 'во затворен круг'. Носеше џемпер од ангора. Ги сакаше Битлси. Работеше како секретарка, но имаше дозвола за малокалибарско оружје. 'Ни даваат сестрана обука', рече таа. Уште еднаш уверувајќи се дека Советскиот Сојуз е држава во претсмртен делириум, ѝ се заблагодарив на Катја и заминав“, се сеќава Дејвид Ремник години подоцна.

Иако краткото интервјуто за „Вашингтон пост“ не ги разоткри сите тајни за Мис на КГБ, фрли извесна сенка на нејзината личност, како и намерите кои лежеа зад овој пропаганден потег.

„Претпоставувам дека сметаат дека јас ќе бидам новото лице на КГБ“, рече Мајорова во интервјуто. „Би сакале луѓето да знаат дека ние што работиме тука не сме чудовишта“, додаде таа.

Празнини

Ремник вo интервју со Мис на КГБ успеа да запознае и некои црти на нејзиниот карактер.. „Улогата на кралица на убавината ја играше, препуштајќи ѝ се целосно. Се кикотеше и се смееше одговарајќи на прашања, а кога ѝ беше речено да позира за фотографии, умилно ѝ се приближи на бистата на Ѕержински. Не беше мажена и рече дека 'не излегува задолжително' само со луѓе од КГБ“, запиша новинарот.

Но, што е уште поважно, исто така дозна дека натпреварувањето во убавина на кое Катја Мајорова беше крунисана за Мис на КГБ се одржало „во затворен круг“, како и дека бројот на кандидатки не е можно да се дознае.

Некои веруваа дека не бил одржан никаков натпревар, ами дека Владимир Крјучков, тогашен шеф на КГБ, сакал да го промени имиџот на својата организација од морничав репресивен таен апарат во државна институција која им служи на граѓаните.

Без разлика дали натпреварот бил одржан или не, оваа инцијатива постигна значајни резултати, со оглед на тоа дека КГБ престана да постои како институција, а набргу по распадот на Советскиот Сојуз ја замени Федералната служба за безбедност (ФСБ).

Што се случило со Мис на КГБ по распадот на СССР не е познато. Таа едноставно исчезна од радарот на медиумите исто онолку бргу, колку што се појави на насловната страница на „Комсомољскаја правда“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња