Иљја е роден недалеку од градот Орел во семејство на чувар на пруга. Еднаш неговиот татко фрлил неколку црвени петарди за машиновозачот на возот кој се приближувал да обрне внимание на тоа дека шината е пукната. Момчето го видело сето тоа и добро го запомнило, и можеби оваа слика му послужила како патоказ во животот. Иљја најпрво завршил воена железничка, а потоа и диверзантска школа. На 27 години Старинов осмислил и направил компактна мина за кревање пруга во воздух. Тогашните „пеколни машини“ биле мошне тешки и кабести. Новата направа го добила називот „железничка мина на Старинов“. Во воените години таа била моќно оружје во рацете на партизаните. Потоа Иљја Григорјевич направил мина која се користела како замка за луѓето што ги обезбедуваат железничките мостови. Таа не ги убивала чуварите, ами само ги повредувала за да не дојдат до мостот.
Талентираниот диверзант стекнал светска слава кога во 1936 година бил испратен во Шпанија под псевдонимот Родолфо за да ги учи тамошните партизани да изведуваат диверзантски акции и за самиот да учествува во нив. Негова најпозната акција било кревањето во воздух возови со италијански лекари кои Мусолини ги испратил да му помогнат на Франко и со коњичката единица од Мароко, а исто така и кревање во воздух на композиција со муниција кај Кордоба. За неа Иљја Григорјевич направил мина од автомобилска гума и ја оставил во тунелот. Возот наишол на неа и се заглавил во затворениот простор. Неколку дена во тунелот одекнувале експлозии од вагоните полни со муниција. Стратешката линија долго време била во прекин.
Мостот преку реката Аликанта е уништен на следниов начин. Родолфо и неговата група набавиле полска кујна, ја наполниле со експлозив и ја оставиле среде мостот, а потоа ја кренале во воздух. Набргу потоа Старинов им помагал на партизаните да го заземат манастирот кај Мадрид кој бунтовниците го користеле како сопствена тврдина. Тој пуштил муле да пасе на ливадата пред манастирот. Франкистите го втерале животното во манастирот, сметајќи дека од него ќе имаат корист. Следниот ден се појавило уште едно муле, но овој пат натоварено со експлозив. И тоа било втерано во манастирот. Јасно е што се случило потоа.
За акциите во Шпанија Старинов е предложен за звањето Херој на Советскиот Сојуз, но во тоа време во Црвената армија се случувала голема чистка. Офицерот кој го подготвувал тој предлог бил стрелан, а и самиот диверзант одвај избегнал слична судбина по враќањето од Шпанија. Го спасило тоа што за него лично се зазел маршалот Ворошилов.
Талентот на Иљја повторно дошол до израз кога избувнала Големата татковинска војна. На 28 јуни Старинов бил поставен на чело на инженерската единица за поставување минско-експлозивни бариери на Западниот фронт. Оваа единици го минирала Харков и околните патишта. Во ноември со радиосигнал испратен од Воронеж кренат е во воздух штабот на 58 пешадиска дивизија на Вермахтот заедно со нејзиниот командант, генерал-лајтнантот Георг фон Браун и со уште еден германски генерал кој бил кај него на гости. И во таа пригода Иљја Григорјевич ја покажал својата креативност. Во најубавата харковска вила биле поставени две мини – едната како мамка, за да ја пронајдат и да ја деактивираат германските деминери (што и го направиле), а другата под неа, која Германците не ја ни барале.
Загинатиот генерал бил брат на творецот на првата германска балистичка ракета. Хитлер збеснал кога дознал за овој настан: „Глупост! Кајтел, тоа е глупост! Ние немаме радиомини, а тие имаат?!“ Тој потврдил дека работите стојат токму така. Германците го стрелале деминерот кој ја прегледувал вилата (и ја нашол само „горната“ мина). За главата на Старинов тогаш биле ветени 200.000 марки.
Иљја Григорјевич петпати бил предложен за златна ѕвезда: трипати за звањето Херој на Советскиот Сојуз и двапати за Херој на Русија. Ништо од тоа не добил, веројатно зашто немал влакна на јазикот. Тој не се плашел да го сврти вниманието на раководството на потезите за кои тој сметал дека се погрешни. Во својата книга „Партизанската војна“ Старинов пишува дека Третата светска војна е во тек и дека таа се води во облик на локални конфликти на партизански начин. Старинов бил добар познавач на невидливите судири, па обрнувал внимание на тоа колку е опасно кога суперсилите поддржуваат вакви дејствија. Тоа било двосмислено, најблаго речено, зашто САД и СССР имале свои партизани кои војувале против непожелните режими.
Сепак, и без златни ѕвезди полковникот Старинов, носител на пет (!) ордени на Црвеното знаме, уживал голема почит кај учениците и кај колегите. Советските, а потоа и руските диверзанти го нарекувале „Дедо на спецназ“. Иљја Григорјевич живееше сто години.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче