Додека на Запад Третиот рајх допрва собираше сила за борба за „животен простор на германскиот народ“, на исток Јапонија веќе интензивно работеше на создавање на Голема источна Азија под свое водство. Во 1931 година Јапонците ја нападнаа кинеска Манџурија, каде набргу беше создадена марионетската држава Манџуко, а во 1937 година започна војната помеѓу Јапонската империја и Кина, во која се решаваше прашањето за кинескиот суверенитет.
Советскиот Сојуз загрижено ја следеше јапонската експанзија, со причина сметајќи дека порано или подоцна овој процес ќе стаса до неговите граници. Во тие услови советското раководство реши да направи сојуз со својот поранешен непријател: владејачката партија на Република Кина Коуминтанг и нејзиниот лидер Чанг Кај Шек.
Непријателството помеѓу двете земји предизвика поддршка што СССР низа години им ја даваше на комунистите на Мао Ѕедунг во нивната борба против Коуминтанг. Меѓутоа, агресијата на Јапонија ги принуди обете страни да седнат на преговарачка маса.
Јапонците влегуваат во Нанкин, 13 декември 1937 година.
Јавна сопственостБеше постигнат договор за советска воена помош на Кина. Во текот на таканаречената Операција Зет Кинезите, меѓу другото, добија над 80 тенкови, 700 моторни возила, над 600 парчиња артилериско оружје и околу 400 митралези.
Најважниот дел од помошта беше во авиони. Застарената кинеска авијација брзо можеше да биде срамнета со земја од современото воздухопловство на Царската армија на Јапонија, што на Токио му овозможуваше надмоќ во воздухот и непречено бомбардирање на кинеските градови. СССР со цел да ја промени оваа ситуација на почетокот на војната на Кина ѝ стави на располагање над 300 ловци И-15 и И-16 и околу 150 бомбардери СБ и ТБ-3.
Јапонците бомбардираат кинески град
Asahi ShimbunНа молба на кинеската влада во земјата започнаа тајно да стасуваат советски воени пилоти. Искусните пилоти, од кои дел учествуваа во Граѓанската војна во Шпанија, не само што ги обучуваа кинеските војници, ами и самите учествуваа во битки против Јапонците. За да се избегне дипломатски конфликт со Токио, советските пилоти во документите се водеа како доброволци или носеа кинески имиња. Така, на пример, командирот на Хонкоушката бомбардерска авиогрупа Фјодор Полинин беше познат како Фин По.
Фјодор Полинин
Архивска фотографијаПрвите советски пилоти стасаа во Кина во ноември 1937 година и веднаш влегоа во борба против непријателот. Повеќе пати заостанувајќи зад Јапонците по бројноста, тие 4-5 пати дневно летаа за да ги заштитат кинеските градови.
Откако јапонското воздухопловство претрпе тешки загуби на небото над кинеската престолнина Нанкин, а нивните аеродроми во близина на Шангај започнаа да страдаат во прецизните и разорни напади, Јапонците станаа свесни дека имаат работа со опасен и подготвен непријател. Нивната дотогашна безгрижност се претвори во внимателност. Но, дури ни тоа не им помогна подготвено да го дочекаат советскиот напад на Тајван (тогаш познат како Формоза).
И-16
Јавна сопственостНападот на аеродромот Мацујама во близина на главниот тајвански град Тајпеј беше планиран за 23 февруари 1938 година како „подарок“ на Јапонците по повод дваесетгодишнината на Црвената армија. Тоа беше една од најголемите воздухопловни бази на тогашната Царска армија на Јапонија. Токио беше уверен дека таа е недостижна за непријателот.
28 бомбардери СБ со ознаки на Военото воздухопловство на Кина требаше да полетаат од аеродромот Ханкоу во близина на Вухан, на речиси илјада километри од Тајван. Друга група од 12 авиони со мешовит советско-кинески екипаж полета од Нанлан, кој е поблизу до островот.
Малку недостасуваше за воопшто да не дојде до нападот. Рано наутро, кога авионите беа подготвени за полетување, на небото во близина на Ханкоу се појави јапонски бомбардер. „Ме полазија морници. Ако нè нападнат, аеродромот ќе отиде во воздух. Авионите се преполни со гориво и бомбите се веќе поставени... Ако не ги избрка ПВО, сè ќе пропадне“, се сеќава во своите мемоари командантот на нападот Фјодор Полинин. Катастрофата е избегната зашто Јапонците ненадејно се оддалечија во правец на соседниот град Чанша.
Нападот на Мацујама беше дотогаш невидена операција. 28 бомбардери седум часа без следење на ловци преминаа илјада километри, од кои двесте над вода. Групата на Нанчан поради грешка во навигацијата мораше брзо да се врати.
Поради помалата потрошувачка на гориво и зголемениот дострел Ханкоушката бомбардерска авиогрупа леташе на висина од околу 5.000 метри. Без маски со кислород пилотите во текот на целиот лет беа на работ на своите сили. „Срцето чука побрзо, во главата ти се врти, те фаќа дремка... тука можеш да се потпреш само на својата физичка издржливост“, се сеќаваше Полинин.
Туполев СБ-2
Јавна сопственостКога успешно стасаа до Тајван, советските авиони ги минаа северните острови, а потоа, нагло менувајќи го правецот, со придушени мотори тргнаа на Мацујама.
На аеродромот фрлија околу 280 бомби. Уништени се 40 непријателски авиони, без да се земат предвид оние кои се наоѓаа во делови во контејнери, изгореа хангарите и тригодишна залиха на гориво.
Јапонците беа уверени дека нивниот оддалечен аеродром е сосема безбеден. Ниту еден нивен ловец не успеа дури ни да полета. ПВО задоцни, пукајќи дури кога советската авиогрупа веќе почна да се оддалечува.
Токио беше во шок. Беше јасно дека сега и самите јапонски острови се загрозени. Губернаторот на Тајван беше сменет, а командантот на авиобазата Мацујама изврши самоубиство.
Советски и кинески пилоти
Јавна сопственостСоветските пилоти без загуби се вратија во Ханкоу, каде беа пречекани како херои. Свечената вечера во нивна чест ја посети дури и сопругата на кинескиот лидер Чанг Кај Шек Сун Меин.
Но, додека на раководството на земјата околностите на нападот му беа познати, кинеската јавност не ги знаеше деталите за тоа, со оглед на посебниот статус на престојот на советските пилоти во Кина.
Така, подвигот им беше припишан на меѓународните (главно американски) доброволци на чело со американскиот пилот Винсент Шмит. Оваа група, официјално 14 ескадрила на Военото воздухопловство на Кина, всушност беше претходница на прочуените „Летачки тигри“, доброволни групи ловци кои во Кина ќе стасаат во април 1941 година.
„Во еден весник кој излегуваше во Ханкоу на англиски јазик, тие денови се појави интересна информација. Беше наведено дека група кинески авиони со кои управувале странски пилоти, извршиле напад на Формоза и на јапонската авијација ѝ нанеле сериозни загуби. А, нешто понатаму пишуваше дека во нападот учествувале американски пилоти“, се сеќаваше Полинин.
„Хонгконг Телеграф“ на 25 февруари објави дека „храбриот ветеран од многу војни“ Винсент Шмит бил на чело на „првиот храбар напад на јапонската земја“, во кој учествувале како кинески, така и руски пилоти.
Винсент Шмит
Archive photoСоветската страна во врска со ова не се огласуваше. На неа ѝ одговараше ваквиот пресврт. Шмит, од друга страна, не само што не ја демантираше лажната информација, ами со задоволство примаше честитки, даваше интервју на новинарите и беше славен како национален херој.
Неколку дена подоцна вистината беше откриена: Јапонците издадоа официјално соопштение за тоа дека во нападот на Мацујама учествувале само советски бомбардери СБ. Кога беше фатен во лага, Винсент Шмит даде оставка и замина во Хонгконг. На 1 март неговата 14 ескадрила беше реформирана поради слабата ефикасност.
А, советските пилоти, кои Кинезите ги нарекоа „меч на правдата“, продолжија да војуваат во кина до 1940 година, сè дури повторно не се заострија односите помеѓу Коуминтанга и комунистите на Мао. Во текот на целата војна СССР во Кина испрати 3.665 пилоти и технички стручњаци, од кои 211 ги загубија животите во борбите
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче