Како Советите војувале против Американците во Виетнам (ФОТО)

Меѓурегионална организација на ветерани од војната во Виетнам

Американската интервенција во Индокина не можеше да го остави Советскиот Сојуз без реакција. Веќе еден месец откако во март 1965 година САД ја започнаа операцијата „Тркалачки гром“ (редовно бомбардирање на Северен Виетнам), во земјата на молба на властите на Демократска Република Виетнам почнаа да пристигнуваат првите советски противвоздушни ракетни системи и воени стручњаци.

Во текот на војната Москва на Ханој му испорача 95 противвоздушни системи С-75, над 500 авиони, 120 хеликоптери, над 5 илјади парчиња артилериско оружје и 2 илјади тенкови. За давање ефикасна меѓународна помош во земјата беа упатени над 10 илјади советски воени стручњаци: од стручњаци за ракетни системи, пилоти и офицери за врска до тенкисти и лекари.

Особена улога одиграа советските стручњаци за системи за ПВО. Тие не само што се занимаваа со обука на кадри на Виетнамската Народна Армија (ВНА), ами и самите непосредно учествуваа во борбите. Нивната голема заслуга се состои во тоа што американското воздухопловство, откако изгубија над четири илјади авиони, не успеаја да ја совладаат ПВО на земјата и да го скршат Северен Виетнам.

Советска воена техника во Ханој

Рим Казаков, офицер за наведување од 274 противвоздушно-ракетен полк на ВНА: „За чест на виетнамските другари може да им послужи тоа што успешно го совладаа ракувањето со проверено оружје, непрекинато наоѓајќи се покрај нас. Освен реалната борба редовно одржувавме тренинзи со користење симулатори. Притоа го научивме неопходниот фонд зборови на виетнамски јазик. Психолошката бариера од првите лансирања ги совладавме заедно: јас ќе го притиснев тастерот за старт, а виетнамскиот офицер за наведување ќе го притиснеше повторно по испукувањето на ракетата, често сосема несвесно“.

Григориј Белов, од септември 1965 до октомври 1967 година, шеф на Групата советски воени стручњаци во Виетнам: „Додека, помагајќи им на Виетнамците во борбените дејствија, велевме 'прави како мене', односно запознај ја и употребувај ја борбената техника и вооружувањето како ние и гаѓај како ние, кога станува збор за човечките односи работите беа нешто покомплицирани. Виетнамците, и војниците и цивилите, нè набљудуваа, нè проучуваа, обидувајќи се да сфатат со која цел и со каква намера сме дојдени кај нив зашто беа поминато нешто повеќе од 10 години откако од Виетнам ги истераа Французите. И откако ќе сфатеа дека ум даваме несебична помош, од душа и од срце, без да се штедиме, дека сакаме виетнамскиот народ да го победи агресорот, почнуваа кон нас да се однесуваат со длабока почит, би рекол дури и со љубов...“

Борис Воронов, началник на штабот на Групата на советските воени стручњаци од мај 1967 до април 1969 година: „Во текот на борбите температурата на воздухот под сенка достигнуваше до 40 степени според Целзиус со мошне висока влажност. Со оглед на тоа дека во кабините на станицата за наведување на ракети немале клима-уред, вентилаторите во кабините го вртеа врелиот воздух со температура од околу 60 степени според Целзиус и не го ладеа ниту апаратурата, ниту војниците. Потта во потоци се слеваше низ телото на под. Под седиштето на операторот во кабините имаше бари од пот што не се сушеа. Доаѓаше до тешки случаи на исфрлање од потење и од топлината, кога човек ја губи борбената способност и мора да биде хоспитализиран“.

Александар Аносов, во состав на групата воено-научни соработници извршувал специјални задачи во Виетнам: „Нашата група се занимаваше со селекција и со проучување на трофејните модели на американската воена техника: неексплодирана муниција, мини и сето она што остануваше од соборените американски авиони. А, во текот на целата виетнамска војна соборени се над четири илјади, па е јасно дека сме имале многу работа, не ни беше здодевно. Сега нашата група понекогаш ја нарекуваат со непријатното име 'трофејци', а тогаш, во Виетнам, нè нарекуваа 'Дива дивизија'. Каква дивизија? Бевме само неколкумина, но постојано нешто ни се случуваше: час нешто ќе експлодира, час ќе се запали. Пикантноста на ситуацијата беше во тоа што бевме базирани во едно сопче во зградата на нашата амбасада во Ханој и сите овие 'мајстории' се случуваа пред нашите очи. Затоа луѓето кога валкани, изморени и небричени се враќавме со нашиот плен во базата, за секој случај се држеа понастрана од нас“.

Постар поручник Вадим Шчербаков, офицер за наведување на 88 дивизион на 274 противвоздушно-ракетен полк на ВНА: „Не се борев против авиони, ами против пилотот во нив... Внимателно гледајќи во своите индикатори, како да му гледав во лицето, му дишев во вратот, ги чувствував неговите движења, имав претстава за тоа што работи тој сега во својата кабина, летајќи над зелениот тепих џунгла, и чекав. Чекав кога ќе му попуштат нервите или кога ќе го обземе претерана самоувереност. А, кога ќе се случеше тоа – крај! Мој си, момче! Старт! И... до средбата на земјата (ако имаш среќа да се катапултираш од растурениот авион, ако прво те најдат спасувачките групи, а не виетнамските селани со мотики... со среќа!). И тоа не е ништо лично. Денес едноставно не е твој ден. А, може да се случи да не е ни мој...“

Алексеј Белов, постар полковник на воените стручњаци во 278 противвоздушно-ракетен полк на ВНА: „Еден ведар ден на над нашиот ров на висина од околу 100 метри пролета палубен јуришен авион за извидување ПА-5Ц Виџиленти. Групата беше во 92 дивизион, а јас пишував извештај. Излегов за малку да се истегнам и тогаш се сретнав со погледот на пилотот на извидувачкиот авион кој пролета над мене. Таа ноќ ја променивме локацијата, а следниот ден скривницата што ја бевме напуштиле беше погодена со 5 распрснувачки бомби и 5 контејнери со касетни бомби“.

Едуард Леканов, командант на водот лансери на противвоздушниот ракетен систем „Волхов“: „Во јули 1966 година се наоѓавме кај Ханој, го чувавме најголемиот мост во југоисточна Азија. На соседната батерија на виетнамската единица им го доверивме самостојното гаѓање и обете ракети ја утнаа целта. Фантомот се сврте и тргна во напад. Покрај нашата батерија експлодираше напалм-бомба и неколку капки ми паднаа на колкот. Веројатно инстинктивно успеав со земја да ја изгаснам запалена смола која ми течеше низ ногата. Веднаш ми притрчаа моите данти (другари на виетнамски) и ми ја превија раната. Во нашата батерија бев повреден само јас, додека другата батерија целосно настрада. По овој случај Виетнамците долго не вршеа самостојни гаѓања: 'Воената вештина треба човечки да се совлада!'.

Изразуваме благодарност на Меѓурегионалната организација на ветерани од војната во Виетнам и претседателот на нивниот президиум Николај Николаевич Колесников за добиените материјали.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња