Четири причини поради кои царот Иван го добил прекарот Грозни

Клавдиј Васиљевич Лебедев (1852-1916), „Иван Грозни“.

Клавдиј Васиљевич Лебедев (1852-1916), „Иван Грозни“.

Зборот „грозни“ во македонскиот јазик има негативна конотација, исто како и „terrible“ во англискиот, и ако се примени на човек, значи нешто мошне лошо. Сосема поинакво значење имал овој збор во прекарот што првиот руски цар го добил во текот на животот

Во 16 век прекарот „грозни“ имал поинакво значење – „импресивен“, „моќен“, „оној што влева стравопочит“. Да видиме зошто царот Иван го добил овој прекар.

1. Бил висок, атлетски граден и мошне силен

Главата на првиот руски цар Иван Грозни реконструирана според черепот со помош на стерометрија. Лабораторија за пластична антропологија.

Едно од ретките сведоштва за изгледот на Иван оставил Даниел Принз фон Бухау (1546-1608), амбасадор на Светото римско царство во Московското царство. „Тој беше висок, силно граден и полн со енергија. Имаше големи очи, продорен и немирен поглед, долга и густа црно-лисеста брада“, вака Принз го има опишано 46-годишниот цар Иван, споменувајќи го и тешкиот жезол што царот секогаш го носел, со суптилна алузија дека овој жезол ја симболизира царевата „импозантна храброст“.

Скелетот на Иван Грозни од неговиот гроб.

Гробот во кој е погребан Иван Грозни беше отворен во 1963 година, по што советските историчари ги проучуваа неговите посмртни останки. Така денес имаме претстава за конституцијата на Иван. Тој несомнено бил мошне јак човек. Анализата покажува дека бил висок 178 сантиметри и бил тежок 85-90 килограми, што се прилично големи пропорции и за современите луѓе, а да не зборуваме за луѓето од 16 век. Според тоа, не е чудно што царот со својата појава влевал стравопочит.

2. Многу се интересирал за науката, што ги плашело современиците

„Царот Иван Грозни“

Кога бил млад Иван многу не се грижел за учењето. Го поминувал времето на гозби, често со паганските комедијанти, што не наоѓало на одобрување во круговите на тогашното свештенство. Се оддавал на разврат, блуд и пијанство, отфрлајќи ги сите совети да се сврти кон побожниот живот, како што му доликувало на православен владетел.

А, овие совети, меѓу другите, му ги давале Максим Грек (1475-1556), еден од водечките интелектуалци во тоа време, кој во Русија бил повикан од Европа, и Силвестер (?-1566), свештеникот на Благовештенскиот храм во Москва. Тие на крајот сепак го убедиле Иван да престане со развратниот начин на живот. Тој ги послушал нивните совети кон крајот на четириесеттите години од 16 век.

Максим Грек

Иван учел странски јазици и подлабоко се запознавал со научните достигнувања. При неговиот двор морална и парична поддршка добивале странски лекари, астрономи и научници. Почнал да собира ретки книги и ракописи, од кои, наводно, била составена неговата изгубена библиотека. Прашање е дали оваа библиотека воопшто постоела, но извесно дека Иван стекнал репутација на интелектуалец. Се сметало дека е упатен и во магијата, така што дополнително влевало стравопочит и кај неговото опкружување и кај неговите непријатели. Покрај тоа, царот Иван пишувал стихови и компонирал музика.

3. Бил импулсивен уште од детството

„Царот Иван Грозни и неговата дадилка“

Бројни извори укажуваат на тоа дека Иван бил исклучително свиреп. Имал 15 години кога нареди еден негов млад пријател (кнезот Михаил Трубецки) да се погуби поради мала кавга, а на друг (Афанасиј Бутурлин) да му се отсече јазикот зашто го проколнал царот. Во текот на животот во напливи на гнев има убиено неколку блиски луѓе.

Оваа бруталност влечела корени од детството кога болјарите и побунетите жители на Москва ги погубиле членовите на семејството, а поради дворските интриги станал параноичен. За волја на вистината, излегло дека имало и причина за параноја. Како што убедливо докажа современиот руски историчар Сергеј Шокарев, а потврди и анализата на посмртните останки на Иван, причината за смртта на царот (како и за смртта на неговиот син) била труење со жива.

4. Тој го покорил Казањскиот ханат, најмоќниот остаток на Златната Орда

Казањ, прва половина на 16 век.

Првата половина на 16 век е доба на процут на Османлиското царство со кое управувал Сулејман Величествениот (1494-1566). Влијанието на Османлиите се простирало дури и на Кримскиот, на Астрахањскиот и на Казањскиот ханат. Над руските земји се надвила неизбежна опасност да бидат покорени од страна на муслиманските ханови. Казањскиот и астрахањскиот хан ги загрозувале руските земји и ги пљачкосувале, приближувајќи им се на Москва, Нижни Новгород и Владимир.

Набргу откако во 1547 година станал првиот руски цар, Иван Грозни ја повел војската на Казањскиот канат, најмоќниот остаток на Златната Орда. Претставниците на руското свештенство на чело со Макариј Московски (1535-1556) велеле дека сите руски воини кои учествуваат во походот се борат за христијанството и дека ќе стекнат вечно блаженство ако загинат во таа борба.

Москва, Црвен плоштад, 1634 година. Вака во 17 век изгледал храмот на Василиј Блажени.

За страхопочитта што рускиот народ ја чувствувал кон царот придонел и фактот што Иван лично ја предводел војската во походот на Казањ, почнувајќи од 1547 година. Современиците го фалеле Иван кога го ризикувал својот живот, преминувајќи го патот од Москва до Казањ, а не седел во својот дворец додека другите го ризикувале својот живот во борбата. Иван го покорил Казањ во 1552 година и лично влегол во градот како победник. Рускиот народ се радувал на оваа победа, а авторитетот на Иван неверојатно пораснал. Тоа била навистина тешкозаслужена и важна победа, во чија чест е подигнат храмот на Василиј Блажени во Москва, кој и денес е една од најголемите знаменитости на руската престолнина.

Откако Казањскиот ханат бил покорен, прекарот „Грозни“ се асоцирал со Иван. Историчарите не се единствени во врска со прашањето каде и кога овој прекар се појавил првпат, но постојат податоци дека тој се поврзува со царот Иван во народните песни од втората половина на 16 век. Пред Иван овој прекар се однесувал на неговиот дедо, великиот кнез Московски Иван Трети (1440-1595), основачот на Московската држава.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња