Како Советска Русија и Полска ја делеа Источна Европа

Pixabay; МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Советите во војната со Полјаците доживеале толку стравотни порази, што до доаѓањето на Хитлер на власт сметале дека токму Полска е нивниот најлут непријател. Таа битка во Полска ја нарекуваат Чудото на Висла.

Распадот на Руската империја на нејзините урнатини создаде низа нови држави, а најголеми биле Советска Русија и Полска. Полјаците го искористиле времето за борба против болшевиците со својот внатрешен непријател за да ги соберат земјите кои биле во границите на Полска до 1772 година (односно додека не ја поделиле големите држави).

Кога завршила Првата светска војна и германската војска се повлекла од Украина, од Белорусија и од балтичките држави Москва и Варшава почнале да се караат за овие територии.

Полско-украинската војска влегува во Киев, 1920 година.

Полска се обидела да го искористи хаосот од Граѓанската војна во Русија и да заземе што поголеми територии. Претседателот на Полска Јузеф Пилсудски сметал дека најдобро решение е на руските земји да се создадат неколку држави кои на овој или на оној начин би биле зависни од Варшава. „Русија лесно би се претворила во второкласна држава која не би можела да ѝ се заканува на Полска. А, Полска како најсилна меѓу новите држави би можела да го шири своето влијание од Финска до Кавкаските планини“, велел Пилсудски.

Пилсудски и Риѕ-Смигли, 1920 година

Како резултат на голема офанзива во 1919 и 1920 година полската војска контролирала поголем дел од Белорусија и Украина, а на страната на Пилсудски преминала Латвија и остатоците од Украинската Народна Република на Симон Петљур. Борците за независност на Украина решиле да ги поддржат Полјаците, иако ги сметале за свои непријатели, исто како и болшевиците. Меѓутоа, се надевале дека во замена за големите територии на западот од Украина Варшава ќе им ги врати централните заедно со Киев. Пилсудски, пак, сакал тампон-држава помеѓу Полска и Советска Украина, и тврдел дека „не може да постои независна Полска без независна Украина“.

Полско-советска војна

На 7 мај 1920 година најспособната полска воена единица, 3 армија на генералот Едвард Риѕ-Смигли со помош на „петљуровците“ го зазела Киев, со што ги шокирала советските власти. Болшевиците кои во тоа време ги победиле основните сили на белата армија се сосредоточиле на војна против Полска. Од Сибир и од Кавказ стасале резервите, најдобрите единици на Црвената армија – 1 коњичка армија на Семјон Будјони и 25 стрелачка дивизија „Чапаев“ под команда на Иван Кутјаков. На Западниот фронт се упатила и цела воена авијација.

Црвената армија заминува на Полскиот фронт

Советската офанзива во Белорусија можеби и била привремено запрена, но на југот била мошне успешна: веќе на 12 јуни бил ослободен Киев, а полската војска започнала брзо повлекување на запад. Раководството на Советска Русија повторно почнало да мечтае за светска револуција. „Преку трупот на Бела Полска води патот кон светскиот пожар. Ќе ги донесеме среќата и мирот на работничката класа на бајонети“, пишувало во наредбата број 1423 од 2 јули 1920 година.

Црвената армија заминува на Полскиот фронт

Полска се нашла пред катастрофа и барала помош од Антантата. Сојузниците предложиле руско-полската граница да се повлече онака како што предложил министерот за надворешни работи на Велика Британија Џорџ Керзон: од белорускиот Гродон, преку Брест-Литовски и Лавов до Карпата – оваа граница наводно би требало да ги одвои териториите на кои живееле Полјаците од територијата на останатите народи (Украинците, Белорусите, Литванците). Но, болшевиците не ја прифатиле „линијата на Керзон“.

Одбраната на Варшава, август 1920 година

На 13 август 1920 година војската на Западниот фронт под команда на Михаил Тухачевски тргнала кон Варшава. Болшевиците истовремено воделе борба за Лавов. Винстон Черчил во својата книга „Светска криза“ пишува: „Се чинеше дека Полска по ропството кое траеле еден и пол век се ослободила само за комунистите повторно да ја поробат“.

Црвената коњица

Интересно е што многу офицери на „белата армија“ кои сè уште војувале со болшевиците на Крим, наздравувале за победата на руското оружје против Полска и се надевале дека Црвената армија што поскоро ќе ја заземе Варшава. Политичарот Никанор Савич напишал: „Се срамевме од фактот дека се боревме против болшевиците во текот на војната со Полска. Од една страна, сите се радувавме кога ги победувавме болшевиците, а од друга, се плашевме дека Победата на Полјаците нема да ѝ донесе слобода на Русија, и дека за тоа нема да платат болшевиците, ами рускиот народ...“

Борби во Украина, 1920 година.

Црвената армија повикувала: „Напред, јунаци! На Варшава!“. Но, ситуацијата не била толку добра. Изморената војска се борела со последни сили, немало резервни сили и муниција. Предлозите на некои командири нападот да се одложи и војската да се повлече биле игнорирани. Полската армија била добро утврдена. Русите „анте портас“ предизвикале активна мобилизација, а штом Русија го одбила планот на Керзон, Антантата им испратила на Полјаците воена помош, меѓу другото и околу 600 артилериски оружја.

Жени во полската армија

Веќе на 16 август делови од полската армија тргнале во контранапад, а војската на Тухачевски се нашла во голема опасност. Во битката за Варшава (позната во Полска како „Чудото на Висла“) загинале 25.000 војници на Црвената армија (Полјаците изгубиле околу 15.000 војници), а заробени биле 60.000. Покрај тоа, околу 45.000 црвеноармејци се одвоиле од основните сили, ја преминале границата со Источна Прусија и им паднале на Германците в раце. Лев Троцки рекол дека оваа битка е „една од најголемите катастрофи кои некогаш сме ги доживеале во војните“.

Полски војници со советски знамиња по битката за Варшава

Советската војска се повлекувала и на 12 октомври полската армија повторно го зазела Минск. Страните повеќе не биле способни за војна и седнале на преговарачка маса. Но, овој пат Полјаците биле против линијата на Керзон.

Полска пешадија, август 1920 година.

Според мировниот договор потпишан на 18 март 1921 година во Рига, Полска добила големи територии на Западна Украина и на Западна Белорусија заедно со жителите кои не биле Полјаци. Но, препородот на големата полска држава не траел долго. Раководството на Советска Русија (а, од 1922 година Советски Сојуз) не се помирил со ваквата состојба на работите и по неполни 20 години сите овие земји ги вратил под контрола, а Полска ја поделило со нацистичка Германија.

Јозеф Пилсудски

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња