Откриена тајната на пронајден сеф на НКВД од 1941 година

Јуриј Маљцев/ПО „Миус-Фронт“ / скриншот
Научници и воени експерти на Донскиот воено-историски музеј отворија сеф од 1941 година пронајден во Турков дол во Ростовската област. Пронајдени се остатоци од документи на НКВД, советската полиција, револвер „Наган“, рачна бомба Ф-1 и ознаки на силите за државна безбедност.

Отворањето на сефот тежок околу 40 килограми е извршено се сите мерки на претпазливост. Затоа што во сефот можеа да се наоѓаат експлозивни предмети, вредни документи или пари. Контакт со воздухот можеше да доведе до оштетување или исчезнување на артефактите.

Експертите мораа да се помачат за да дојдат до содржината на сефот. Кога го отворија почувствуваа мирис на гареж. Имено, содржината на сефот е запалена уште есента 1941 година.

„Го отворавме многу бавно. И добро е што е така, затоа што сефот одвнатре беше миниран. Пред да го затворат, чекистите ја закачиле бомбата Ф-1 на вратичката. При отворањето затворачот се извлекува и доаѓа до експлозија“, рече раководителот на одредот за спасување „Миус-Фронт” Андреј Кудрјаков.

Меѓу запалените хартии се пронајдени и полустопена значка на припадник на Државната безбедност, еполети на НКВД и револвер. Особен интерес привлекуваат документите. Се работи за формулари од сослушувања на руски и украински јазик, од кои некои се пополнети. Историчарите допрва ќе ги проучуваат.

„Постојат сите основи за тврдење дека полскиот сеф му припаѓал на Посебното одделение 1135 на Салскиот стрелечки полк. Во октомври 1941 година овој полк, вооружен првенствено со стрелечко оружје, го опколија германски тенковски дивизии. Борците и командата се пробиваа со борба гради в гради. Можно е при напуштањето на обрачот офицерите на НКВД од себе да ги симнале еполетите, зашто во случај да бидат заробени, веднаш ќе биле стрелани или предадени на Гестапо“, вели Андреј Кудрјаков.

Пронајдени се и остатоци од тело на непознат припадник на НКВД. Експлозија на мина му ги скршила нозете. Не сакајќи да се предаде, тој пукал во себе.

Воените експерти и спасувачите се надеваат дека ќе можат да утврдат кои биле сопствениците на сефот, проучувајќи ги пронајденото оружје и архивските документи.

339 стрелечка Таманско-Брандербуршка дивизија е формирана за само 24 дена, а потоа без подготовка е испратена во борба против 1 тенковска група на Клајст. Со оглед дека немаа тешко вооружување ниту пак артилерија, 1137 Ростовски и 1135 Салски полк беа опколени и речиси потполно уништени. Меѓутоа, другите единици на дивизијата успеаја да ја продолжат борбата и подоцна учествуваа во ослободувањето на Ростов на Дон, битките за Кавказ, Севастопол, Варшава и во освојувањето на Берлин. Деветмина војници и офицери на 339 дивизија се одликувани како Херои на Советскиот Сојуз, а четворица се носители на Орденот на Славата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња