Оклопницата „поповка“: 5 факти за руските тркалезни воени бродови

Archive photo
Се верувало дека новата оклопница ќе ја спаси руската морнарица и дека ќе биде најсилна на светот. Тоа бил мошне амбициозен проект кој завршил со целосно фијаско.

1. Тркалезната оклопница е замислена како носач за најтешкото оружје

Кримската војна ги уништила воените бродови на Руската империја во Црното море, а според Парискиот мировен договор од 1856 година на Русија ѝ било забрането да поседува силна флота на ова море.

Но, командата на Воената морнарица не можела да го остави Севастопољ без одбрана, па ниту да се помири со овие забрани. Така контраадмиралот Андреј Попов предложил да се изградат тркалезни оклопници.

Бродот требало да може да носи најтешко оружје, да кажеме, топови тешки над 20 тони, и за време на огнот тој да не се ниша. Покрај тоа, било планирано „поповките“ да се класифицираат како пловечки тврдини, со што не би се прекршил Парискиот мировен договор.

2. Во вода влегле само две тркалезни тврдини

„Новгород“

Идејата на Попов била одобрена, згора на тоа, ограничувањата за развој на руска флота од Парискиот договор биле укинати во 1871 година. Истата година императорот Александар Втори дал дозвола да се започне со изградба на првиот тркалезен брод „Новгород“, со пречник од речиси 31 метар.

„Новгород“

Се мислело дека со изградбата на десет тркалезни тврдини ќе биде препородена црноморската флота. Но, во морето влегле само два брода. Вториот се викал „Киев“, за потоа бродот да го добие името во чест на својот творец – „Вицеадмирал Попов“.

3. „Поповките“ биле неверојатно бавни

„Поповките“ навистина носеле тешко вооружување, но биле мошне бавни.

Тоа се докажало во борбата против Турција во 1877 година. Двата тркалезни брода во текот на војната долго ја чекале својата можност, а кога таа им се укажала, не можеле да ги стасаат турските бродови. Специјална комисија потоа утврдила дека оклопниците се бескорисни на отворено море.

4. Императорот посакал да плови на тркалезна јахта

„Ливадија“

И по военото фијаско Попов не се откажал од идејата да создава тркалезни пловила и му предложил на Александар Втори јахта со ваков облик. Императорот се согласил, но под услов да биде двапати побрзо од оклопницата.

Јахтата била наречена „Ливадија“, изградена е во Англија и на патот до Севастопољ сериозно била оштетена во морска бура.

5. Проектот конечно бил укинат по смртта на императорот

Приказната за тркалезните бродови на Попов завршила штом на власт дошол Александар Трети. Попов е унапреден во адмирал, но можноста да прави тркалезни пловила му била скратена. И не само тоа. Адмиралот не смеел да учествува во планирањето на иднината на руската морнарица.

Двете постоечки тркалезни оклопници го бранеле Севастопољ до 1903 година, а императорската јахта полека се претворила во брод за превоз на јаглен.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња